Ред Бул на најдобар можен начин ја започна 2023 сезоната, обезедувајќи двојна Победа со Макс Ферстапен на првото и Серџо Перез на второто место.
Фернандо Алонсо, од своја страна, имаше одлична трка и по слабиот старт успеа да ги победи возачите на Мерцедес АМГ и Карлос Саинц Јр. за последното место на подиумот.
Макс Ферстапен немаше конкурент во текот на целата трка, и иако Чарлс Леклер беше единствената закана за Серџо Перез, австрискиот тим беше чекор понапред од Ферари и по стратегија и по издржливост. Прва трка од годинава и прво откажување за Леклер поради механички дефект.
Од друга страна, Фернандо Алонсо имаше трка за паметење. Шпанецот, по контактот со тимскиот колега, Ленс Строл, загуби неколку позиции во првиот круг, но тоа не го откажа, и со агресивна стратегија стигна од седмото место до победничкиот подиум.
По пат кон победничкиот подиум имаше добра битка со возачите на Мерцедес АМГ, првокласно претекнување на Луис Хамилтон, нешто полесно на "уплашениот" Карлос Саинц Јр. со вториотболид на Ферари.
Со тоа Ферари мораше да се задоволи само со четвртото место. Деградацијата на гумите на SF23 беше клучна, но Карлос Саинц успеа да го задржи Хамилтон зад себе до крајот на трката.
Ленс Строл беше шести, а Џорџ Расел седми, а на последните места кои носат поени се пласираа Валтери Ботас, Пјер Гасли и Алекс Албон.
Претсезонската тест сесија даде знаци околу тоа што не очекува, и иако Ред Бул вечерва доминираа со 1-2 Победа, веднаш зад нив има многу компактна група со Ферари, Астон Мартин и Мерцедес АМГ како протагонисти.
Стартот на трката беше чист и без инциденти. Макс Ферстапен добро стартуваше и удобно го задржа првото место, но Серџо Перез се најде под напад од Чарлс Леклер и падна на третото место, пред Карлос Саинц Јр..
Малку подолу на гридот, Фернандо Алонсо не стартуваше добро, загуби позиција од Луис Хамилтон, а потоа имаше контакт со Ленс Строл и падна на седмото место. Ботас, Строл и Норис го комплетираа Топ 10 поредокот.
За само неколку круга, Макс Ферстапен успеа да создаде разлика од речиси две секунди пред Чарлс Леклер, така што Моначанецот немаше можност да го користи ДРС-системот.
Набрзо стана јасно дека ќе треба да се фокусира на одбрана, а никако за напад на првото место. Блиску зад него беа Серџо Перез, Карлос Саинц Јр. и возачите на Мерцедес АМГ.
Фернандо Алонсо по контактот со Строл претпочиташе да има мирен тек и да се грижи за гумите. Во петтиот круг, Чарлс Леклер направи мала грешка, ги блокираше тркалата при сопирање на влез во првиот свиок и тоа му овозможи на Перез да ја намали разликата за нешто повеќе од половина секунда.
Речиси во исто време, Ленс Строл го претекна Валтери Ботас за осмото место, зад Алонсо. Темпото што го наметна Макс Ферстапен беше тешко да се следи и му беа потребни осум круга за да има повеќе од пет секунди предност пред Чарлс Леклер.
Деградацијата на гумите на болидите на Ферари беше подобра од очекуваната, па Моначанецот некако успеваше да го задржи Перез зад себе. Понатаму, Мерцедесот на Џорџ Расел започна да страда со деградацијата и Алонсо се најде веднаш зад него.
Во тринаесеттиот круг Мерцедес АМГ мораше да реагира на заканата од Алонсо и реши да направи пит-стоп за Луис Хамилтон. Во исто време Шпанецот имаше убава битка со Расел и успеа да го мине Британецот.
Во следниот круг, во бокс по нови гуми влегоа двата возачи на Ферари и Џорџ Расел.
Болидите на Ред Бул и Фернандо Алонсо сè уште беа на патеката и влегоа во бокс кога сите конкуренти ја завршија својата обврска за промена на гумите.
Прв во бокс се упати Макс Ферстапен и на патеката се врати на црвените гуми, за разлика од своите конкуренти кои ги избраа белите гуми.
Неговиот потег го следеше и Фернандо Алонсо, кој успеа да се врати на патека пред Џорџ Расел, благодарение на лошата работа на механичарите на Мерцедес АМГ Шпанецот излезе зад Валтери Ботас, но не чекаше премногу да се ослободи од болдиот на Алфа Ромео.
Серџо Перез беше последниот кој се упати кон својот бокс, 18-ти круг, и реши да тргне во напад со црвените гуми.
По дваесет круга, Макс Ферстапен ја контролираше трката и имаше предност од над десет секунди пред Леклер.
Возачите на Ред Бул за вториот стинт се решија за црвените гуми, па Перез се приближуваше до Ферарито на Леклер, додека Карлос Саинц Јр. веќе беше во "ничија земја", на четвртото место, а Фернандо Алонсо почна да ја намалува разликата во однос на Луис Хамилтон. Поназад во поредокот беа Расел, Строл, Ботас и Албон.
Мексиканецот го стигна Ферарито на Чарлс Леклер во 25-от круги со помош на ДРС-системот и помеката смеша, му требаше само еден круг да го престигне возачот на Ферари во првиот свиок.
Во меѓувреме, Саинц Јр. заостануваше повеќе од 13 секунди зад својот тимски колега, додека Алонсо ја намали разликата од Хамилтон на две секунди.
Во тие моменти на трката, како куриозитет беа последователните казни за Естебан Окон од различни причини, по што следуваше мирен период на трката. Макс Ферстапен беше во водство, со предност од 14 секунди во однос на Серџо Перез и 19 во однос на Чарлс Леклер.
Карлос Саинц Јр. беше во друга лига, со Луис Хамилтон и Фернандо Алонсо зад него во битка за петтото место. Понатаму, Џорџ Расел и Ленс Строл исто така беа во борба за седмото место, а Ботас беше на пат кон првите бодови за Алфа Ромео.
Втората серија на пит-стопа повторно ја започна Луис Хамилтон во 31-от круг, бидејќи стратезите на Мерцедес АМГ се уплашија од можноста за "undercut" од страна на Фернандо Алонсо и Астон Мартин.
Но, заедно со Британецот во бокс се упати Ленс Строл. Еден круг подоцна, и Карлос Саинц Јр. и Џорџ Расел заминаа по нови гуми. Канаѓанецот успеа да го направи она од што се плашеа стратезите на Мерцедес АМГ за Хамилтон, па Строл излезе пред Џорџ Расел, иако требаше малку да се помачи и го претекне по излезот од боксевите.
Фернандо Алонсо и понатаму имаше добар ритам, па реши да остане на патеката. Леклер се упати во бокс во 34-от, а Перез и Алонсо во 35-от, Макс во 36-от.
По завршените пит-стопа, Алонсо на патеката се врати на нешто помалку од три секунди секунди зад Луис Хамилтон. Неколку круга поновите гуми на Шпанецот му овозможија да оди на се или ништо и со агресивно возење го стигна Мерецедесот, а на напад не се чекаше долго.
Хамилтон и Алонсо ни приредија два спектакуларни круга на блиска борба тркало до тркало, но се заврши по прекрасниот маневар на Шпанецот во 10-от свиок со што го обезбеди 5-тото место.
Веќе бевме до 41-от круг на трката кога оддеднаш, без претходни предупредувања, Ферари ПЕ во болидот на Леклер "испушти душа." Моначанецот мораше да го запре својот болид на излезот од 13-от свиок, што предизвика период на виртуелно безбедносно возило.
Од водечките болиди, никој не замина во бокс. Периодот на ВБВ беше многу краток, а Фернандо Алонсо веќе беше на нешто повеќе од две секунди зад Карлос Саинц Јр., па двајцата шпанци се подготвуваа за борба за последното скалило на подиумот.
Само неколку круга подоцна, Фернандо Алонсо веќе беше во ДРС зоната и во 46-от круг започна нова битка, во која дури и имаше минимален контакт, но возачот на Астон Мартин извед успешен маневар за претекнување помеѓу свиоците 10 и 11.
Проблемот за Карлос Саинц Јр. беше што оваа битка му го донесе Луис Хамилтон веднаш зад него, па во последните кругови од трката имаше тешка задача да го задржи Мерцедес зад себе.
На крај, Ферстапен далеку пред сите ја мина целната линија на првото место, а Перез ја потврди 1-2 Победата на Ред Бул. Фернандо Алонсо го забележа неговиот 99-ти пласман на победничкиот подиум.
Шпанецот од Ферари, успеа да го спречи Хамилтон да биде четврти. Ленс Строл стигна до заслужното шесто место, пред Расел, Ботас, Гасли и Албон. Французинот со старт од последната позиција успеа да стигне до 2 поени за својот нов тим, Алпин.
ДВОЈНА ПОБЕДА ЗА РЕД БУЛ, НАНДО СЕ ВРАТИ НА ПОДИУМОТ
3/05/2023 03:35:00 PM
0
Share to other apps