Макс Ферстапен лесно го победи Серџо Перез и го предводеше саботниот тренинг за Големата Награда на Саудиска Арабија. Холанѓанецот беше шест десетинки побрз од својот тимски колега.
Фернандо Алонсо беше трет, а не многу зад него беа Ленс Строл, Луис Хамилтон и Чарлс Леклер, кој има казна од 10 стартни позиции.
Саботниот тренинг во Џеда се одвива преку ден и не е значаен премногу за тимовите, а повеќе внимание се посветува на тестирање нови делови и решавање на поголеми проблеми со балансот на болидот.
Квалификациите, се закажани за 18:00 часот, и во најава би требало бидат многу интересни, но само за пласман на вториот стартен ред, на кој ќе атакуваат најмалку три тима и тоа Астон Мартин, Мерцедес АМГ и можеби Ферари!
Петнаесет минути пред почетокот, овде, ќе постираме стрим за гледање во живо, за тие кои немаат можност да следат на спортклуб.
Ник де Врис не можеше да учествува на тренинг сесијата, бидејќи инженерите забележале аномалии во телеметријата, па механичарите на АлфаТаури работеа напорно да ја сменат Хонда ПЕ во неговиот болид.
Тренинг сесијата помина без поголеми возбудувања. Пјастри излета од патеката во свиокот број 22 без никакви последици по болидот. Норис за малку ќе удреше во бавно-движечкиот РБ19 на Ферстапен.
Макс се извини, стјуардите решија да го разгледаат инцидентот, но немаше казни. Од оваа сезона стјуардите ќе бидат поблаги во доделувањето на казни од типот опомена, поради многуте акумулирани казни на Пјер Гасли и ризикот од забрана за учество на трка, а се поради минорни инциденти на тренинг сесиите.
Макс Ферстапен доби нов менувач. За ова нема да има казни. Исто така, покрај новиот акумулатор и контролна електроника, Серџо Перез, вчера доби и нов менувач.
По петочните тренинг сесии, двајцата возачи на Ред Бул се пожалија на проблеми со менувањето на брзини, но точната причина за новите менувачи не е позната.
Во Џеда, неколку возачи од различни тимови добија нови елементи од погонските единици.
Во Ферари, Чарлс Леклер и Карлос Саинц Јр. добија нови мотори како превентива, затоа што во тимот изгледа немаат поим кој дел беше виновник за откажувањето на Моначанецот во Бахреин.
Дополнително, Леклер ќе добие нов MGU-H генератор, и како што претходно беше најавено, нова контролна електроника.
Мекларен стави нов мотор, турбо, MGU-H, MGU-K генератори и издувен систем на болидот на Ландо Норис.
Сите овие замени се без последици, освен за Чарлс Леклер, кој поради третата контролна електроника ќе загуби десет места на гридот.
МАКС ФЕРСТАПЕН И РЕД БУЛ КЛАСА ПОДОБРИ ОД СИТЕ
3/18/2023 01:58:00 PM
0
Share to other apps