Серџо Перез успеа да го победи Макс Ферстапен за победата на Големата Награда на Саудиска Арабија.
Мексиканецот ја искористи стартната позиција на неговиот тимски колега, за потоа да го држи Холанѓанецот подалеку од себе, кој пак обезбеди нова 1-2 победа за Ред Бул.
Фернандо Алонсо повторно се искачи на подиумот, но пехарот што го доби го предаде на Џорџ Расел по добиената казна од 10 секунди, поради прекршување на правилата за издржување на претходната казна од 5 секунди, поради лошо позиционирање на болидот на стартниот поредок.
Од тимот на Астон Мартин вложија приговор, во кој беа приложени видео докази, па стјуардите решија да ја анулираат казната од 10 секунди, што значи дека Шпанецот повторно мораше до гаражата на Мерцедес АМГ да си го врати пехарот за трето место.
На почетокот на трката, Алонсо беше тој кој имаше подобар старт и иако Перез се обиде да се одбрани од надворешната страна на првиот свиок, возачот на Астон Мартин го презеде водството.
Сепак, набрзо, стјуардите на трката објавија дека Шпанецот е под истрага поради неправилно позиционирање на болдиот на стартното место. Веќе на почетокот од вториот круг, на Фернандо му беше доделена казна од пет секунди, која требаше да биде одслужена за време на неговиот пит-стоп.
Подолу во поредокот, Ферстапен добро стартуваше и во првиот круг се искачи за две места, минувајќи го Валтери Ботас за П14 и потоа наследувајќи го П13 кога Оскар Пјастри падна во поредокот по инцидентот на стартот, кога загуби мало делче од своето предно крило.
Напред, Чеко се залепи до Алонсо и во четвртиот круг, кога беше дозволена употребата на ДРС-системот лесно го помина болидот на Астон Мартин во првиот свиок, за водство во трката.
Ферстапен, исто така, напредуваше и до шестиот круг се искачи на 11-тото место откако лесно ги помина возачите на хас, Нико Хулкенберг и Кевин Магнусен. Серџо Перез започна да прави предност и до 11-от круг успеа да создаде бафер зона од две секунди во однос на Алонсо.
Чарлс Леклер, другиот стартер кој беше надвор од својата нормална позиција, исто така напредуваше во поредокот. Моначанецот го претекна Пјер Гасли за осмото место по стартот од П12. Неговата следна цел беше Луис Хамилтон и на почетокот на 12-от круг со помош на ДРС-системот го претекна возачот на Мерцедес АМГ.
Веднаш по него истото го направи и Ферстапен, а бавниот W14 со бели гуми немаше никакви шанси. Макс потоа лесно го претекна и Пјер Гасли за седмото место.
Ленс Строл беше првиот од водечките што влезе во бокс, од четвртото место, а може да се каже дека стратегистите на Астон Мартин беа наведени на ова од тимското радио на Ферари, кои го повикуваат Карлос Саинц Јр. да влезе во бокс.
Канаѓанецот се префрли на белите гуми на крајот од 13-от круг, враќајќи се на 11-то место. Овој потег му овозможи на Ферстапен да напредува уште повеќе во поредокот и во 15-от круг шампионот беше на шестото место, нешто повеќе од една секунда зад Чарлс Леклер.
Карлос Саинц Јр. со подоцнежниот пит-стоп, за само неколку круга, му овозможи да излезе пред Ленс Строл, и на патеката се врати на деветтото место. Тоа му го донесе на Ферстапен петтото место зад Леклер и додека тој ја намалуваше разликата, Ферари го повика и Моначанецот за промена на гумите. На патеката излезе непосредно зад својот тимски колега на 8-то место.
Во 18-от круг, на Ленс Строл од неговиот тркачки инженер му беше кажано дека има проблем со неговиот Астон Мартин и од него беше побарано да го запре болидот. Тој се паркираше на еден од излезите за евакуација, но набрзо по двојните жолти знамиња, на патеката излезе и безбедносното возило.
Ред Бул го повика Перез во бокс, а Мексиканецот се префрли на белите гуми. Веднаш зад него истото го направи и Фернандо Алонсо. Шпанскиот возач ја одслужи казната, се префрли на белите гуми и повторно излезе на патеката на второто место.
На ред за промена на гумите беше Макс Ферстапен. Тој исто така се префрли на белите гуми со застанување од 2.8 секунди и на патеката се врати на четвртото место.
Безбедносното возило ја напушти патеката на крајот од 20-от круг. При рестартот на трката Перез го задржа водството пред Алонсо, додека Ферстапен веднаш почна да врши притисок врз Џорџ Расел.
Возачот на Мерцедес АМГ даде се од себе за да го спречи претекнувањето, но, во 24-от круг беше немоќен да се одбрани од летечкиот болид на Ред Бул. Со тоа, шампионот се најде на третото место, но тука не застана.
Алонсо беше следна цел, и на крајот од кругот се залепи до шпанскиот возач и со ДРС-системот лесно го претекна за второто место. Напред, Перез имаше контрола врз водството и во следните 10 круга ги менуваа најбрзите кругови со Ферстапен, додека се оддалечуваа од остатокот од гридот.
Во 37-от круг, Ферстапен почна да известува за чудна бучава и му најави на својот тркачки инженер дека можеби повторно има проблем со погонската осовина. Од пит-ѕидот му беше одговорено дека не гледаат причина за загриженост и дека може да продолжи.
Холанѓанецот сепак беше претпазлив и разликата со Перез се стабилизираше на околу пет секунди. Ферстапен неколку круга подоцна повторно форсираше, но откако виде дека неговиот колега нема да направи грешка, мораше да се задоволи со второто место.
Па така, по комплетирани 50 круга, Серџо Перез ја премина целната линија забележувајќи ја петтата победа во Ф1 кариерата. Ферстапен во последниот круг го украде дополнителниот поен за најбрзото време, и го обезбеди 79-от пласман на победничкиот подиум.
Алонсо го освои третото место, но непосредно по завршување на трката, му беше изречена нова казна од 10 секунди за неправилно издржување на првата казна. Откако славеше на подиумот, возачот на Астон Мартин мораше да му го предаде пехарот на Џорџ Расел од Мерцедес АМГ.
Но тоа не беше крај, затоа што Астон Мартин поднесе приговор со нови видео докази, по што стјуардите одлучија да му го вратат третото место на Алонсо за јубилејниот 100-ти подиум.
Џорџ Расел повторно се најде на четвртото место, пред Луис Хамилтон и возачите на Ферари, Карлос Саинц Јр. и Чарлс Леклерк. Естебан Окон и Пјер Гасли од Алпин завршија осми и деветти, а последниот поен му припадна на Кевин Магнусен од Хас.
СЕРЏО ПЕРЕЗ ПОБЕДНИК, ФЕРНАНДО ГО ИЗГУБИ ПОДИУМОТ, ПА МУ БЕШЕ ВРАТЕН
3/19/2023 04:50:00 PM
0
Share to other apps