Џеда е привремена градска патека, иако со некои постојани делови, која се наоѓа на 30 километарското крајбрежје на овој антички град.
Дизајнирана од компанијата Тилке, во соработка со Формула 1, чиј тим го користеше Google Earth за нивните првични истражувања за потенцијалните конфигурации.
Просечната брзина е над 250 км/ч, што е побрзо од Силверстоун и втора во календарот, веднаш зад Монца. Таа е најбрзата градска патека што некогаш била видена во Формула 1, исто така и патека со најмногу свиоци, 27.
При дизајнирањето, Ф1 и Тилке се обидоа да ги избегнат свиоците од 90 степени типични за урбаните патеки, интегрирајќи три ДРС зони на местата каде претекнувањето е најлесно.
Џеда е опасна и брза патека со многу слепи свиоци. Освен овие слепи свиоци, кои се настојува да се избегнат, се останато е она што посакува секој Ф1 фан, брзина и адреналин. Штета што не се сите патеки на Блискиот Исток како оваа градска патека.
Ова беше желбата на организаторите, да се направи најдобрата патека на Блискиот Исток, а разликата од здодевните Сакир и Јас Марина беше очигледна. Патеката во Џеда е многу поинтересна од Сакир.
Побрза, многу побрза, поопасна, што во прв план ги истакнува вештината на возачите, нивната способност за напад, прецизно дозирање на степенот на ризик.
Во Ред Бул научија да го истиснуваат максимумот од секоја ситуација, а директните ривали се инфериорни. Мерцедес АМГ како да испадна од конкуренцијата, а Астон Мартин кој излезе во прв план не се очекува да го издржи темпото во текот на целата сезона.
Се прашуваме дали Џорџ Расел ќе биде во право кога во Бахреин по трката изјави дека е подготвен да се обложи дека Ред Бул ќе победи на сите преостанати трки од сезоната. Тоа ќе биде огромна штета за Формула 1 шампионатот.
Напредокот на Астон Мартин и подиумот на Фернандо Алонсо беше зрак надеж и се надеваме ќе донесе одредена интрига во остатокот од сезоната, доколку главните фаворити за тоа Мерцедес АМГ и Ферари не си дојдат при себе.
Каква разлика прави една година во Формула 1. По минатогодишната трка во Бахреин, Ферари беше "во облаци" откако забележа 1-2 Победа, додека Ред Бул се чинеше дека има неиздржлив болид.
Дванаесет месеци подоцна, Чарлс Леклер од Ферари влегува во втората трка од 2023 сезоната со нула поени и грид казна, наместо со 26 поени што ги забележа лани во Бахреин.
Наместо тоа, сега Ред Бул се радуваше на 1-2 Победа. Леклер стигна до три десетинки од времето на пол позицијата на Ред Бул и Макс Ферстапен, но неговите мали надежи за второто место во трката исчезнаа заедно со расипувањето на контролната електроника на неговата погонска единица.
Исто така, управувањето со гумите на Пирели е подеднакво сомнително, како и контролата на квалитетот, особено по начинот на кој Карлос Саинц Јр. заостана 10 секунди зад Фернандо Алонсо во последниот стинт.
Новиот тимски шеф, Фредерик Васер, има тешка задача, а раководството на Ферари не е познато по трпението и ќе сака да види барем малку светлина на крајот од тунелот овој викенд во Џеда.
На хартија, стратегијата со едно застанување треба да биде најбрза за денешната трка, со фокус на белите и жолти гуми, кои треба да донесат малку побрзо комплетирање на тркачкото растојани во однос на останатите комбинации на пневматици, иако разликите се мали.
За да се изврши оваа оптимална стратегија, прозорецот за застанување во боксот е помеѓу 18 и 25 круг, додека прозорецот за замена на гумите, при опцијата црвени-бели гуми е помеѓу 13 и 20-от круг. За опцијата жолти-црвени, времето за промена е помеѓу круговите 27 и 34.
Единствената опција што треба да се земе во предвид при стратегија со две застанувања во бокс би вклучувала старт на црвените, потоа преминување на жолти, помеѓу круговите 10 и 15, за да се финишира трката на црвените пневматици со второ застанување помеѓу круговите 32 и 38.
На патека како Џеда, секогаш постои висок ризик од "ресетирање" на разликите и прекини, што е доста незгодно. На тоа добро се сеќава Серџо Перез со искуството што го имаше на минатогодишната трка во Џеда.
Откако ја забележа дебитантската пол позиција во кариерата, тој влезе во бокс еден круг пред излегување на безбедносното возило, што го чинеше шанса за да остане во игра за победата.
Марио Изола, Пирели: "Видовме интересни квалификации со многу интересни моменти. C4 смешата се покажа како многу разноврсна гума во последната сесија што го одреди поредокот, како во брзите кругови, така и во долгите стинтови."
"Q1 покажа дека е можно да се има добро ниво на грип и при вториот и третиот обид со истиот сет на гуми, користејќи кругови за ладење помеѓу нив. Можноста да се има гума со овие карактеристики веќе се појави на одредени патеки минатата година, а тоа го видовме уште еднаш тука."
"На необичната патека како Џеда, начинот на подготовка на гумите се разликуваше од тим до тим, уште еден елемент што ги подвлекуваше посебните карактеристики на C4 смешата т.е. црвените гуми во оваа комбинација."
"Од стратешка гледна точка, сите собрани податоци потврдуваат дека едно застанување во бокс е најбрзата опција, со само мали разлики помеѓу трите можни комбинации."
"Треба да се има во предвид и големата веројатност за "ресетирање" и можни прекини, посебно од искуството што го имаме од двете претходни трки што се одржаа на оваа патека."
За време на двете веќе одржани трки на патеката во Џеда, возачите "искршија" многу болиди, но најдобрите возачи се познаваат во вакви услови.
На моменти се чувствуваше дека возачите имаат среќа да избегнат сериозни инциденти, а на публиката навистина и се допадна ова чувство на постојана опасност. Една од најдобрите патеки во последниве години, ако не и најдобра.
Во Џеда, неколку возачи од различни тимови добија нови елементи од погонските единици.
Во Ферари, Чарлс Леклер и Карлос Саинц Јр. добија нови мотори како превентива, затоа што во тимот изгледа немаат поим кој дел беше виновник за откажувањето на Моначанецот во Бахреин.
Дополнително, Леклер ќе добие нов MGU-H генератор, и како што претходно беше најавено, нова контролна електроника.
Мекларен стави нов мотор, турбо, MGU-H, MGU-K генератори и издувен систем на болидот на Ландо Норис.
На болидот на Серџо Перез беше заменет акумулаторот за складирање на електричната енергија, како и контролната електроника.
Сите овие замени се без последици, освен за Чарлс Леклер, кој поради третата контролна електроника ќе загуби десет места на гридот.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА САУДИСКОТО ГРАН ПРИ
3/19/2023 12:39:00 PM
0
Share to other apps