Последен пат кога сезоната започна вака рано беше во 2002 година, на 3 март, со трка во Мелбурн. Тогаш во календарот имаше 17 трки и само две последователни трки во Франција и Германија.
Годинава имаме 23 трки, кои ќе беа 24, ако не беше откажано Кинеското ГП, со многу последователни тркачки викенди.
Имаме минимални измени во техничките прописи, со цел елиминирање на вертикалните осцилации и потскокувањето на болидите од новата генерација.
На претсезонската тест сесија, одредени болиди, речиси немаа потскокнување, некои, Ферари и, особено, Алпин го имаа, и тоа на релативно рамна патека во пустина. Да видиме каква ќе биде ситуацијата во текот на сезоната.
Тешко е да се процени односот на силите врз основа на резултатите од тестовите, но трендовите се забележливи. Очигледно на почетокот на сезоната првите три ќе останат исти, Ред Бул, Мерцедес АМГ, Ферари.
Астон Мартин направи сериозен напредок, новиот болид е стабилен, брз и ефикасен кон пневматиците на Пирели, плус тие го имаат Фернандо Алонсо. Па, ако некој од најбрзите погреши, на негово место би можел да дојде Шпанецот.
ПИРЕЛИ
Првата трка од сезоната ќе биде важен тест за минатогодишниот развој, што ни овозможи да ја подобриме структурата на гумите и да воведеме нова смеша, C1 која ќе дебитира во Сакир. Тоа е сосема нова смеша базирана на минатогодишната C2. Тоа ќе ни овозможи да ја намалиме разликата во перформансите помеѓу тврдите формулации.
РЕД БУЛ
Макс Ферстапен: "По тестовите, останав во Бахреин, продолжувајќи да се подготвувам за првата трка во сезоната. Ако се суди според резултатите од тестовите, сезоната ќе ја започнеме во добра форма."
Серџо Перез: "Тестовите не даваат реална слика за односот на силите, интересно е да се види каков ќе биде по квалификациите. Уверени сме дека сега сме во добра форма, но бодовите се доделуваат врз основа на резултатите од тркачкиот викенд."
ФЕРАРИ
Фредерик Васер, тимски шеф: "Го имав ова чувство доста често во кариерата, но морам да признаам, овој пат е екстра посебно. Можам да ја почувствувам страста не само од секој вработен во Маранело, туку и од тифозите, и ми требаа само неколку месеци да се заразам од оваа страст и возбуда."
"Тест сесијата беше добра и покажа дека болидот одговара на нашите очекувања и сега треба да продолжиме со фино подесување за да го извлечеме максимумот од него. Едно е јасно: ова ќе биде Шампионат со најмногу трки досега, па без разлика каков е резултатот, титулата нема да биде освоена или изгубена во Бахреин."
"Ние ја знаеме патеката прилично добро, но променливите температури на воздухот и асфалтот, како и променливиот ветер, плус новите гуми на Пирели ќе го направат многу незгодно правилното подесување на болидот, но и Карлос и Чарлс собраа многу податоци во текот на трите тест дена, па затоа треба да очекуваме добар викенд."
МЕРЦЕДЕС АМГ
Тото Волф: "Врз основа на резултатите од тестовите, тешко е да се добие јасна претстава за конкурентноста на болидите, особено затоа што тие траеја само три дена. Сепак, уверени сме дека со овој болид сме во подобра форма од пред една година."
"Во текот на зимата вложивме многу труд во создавањето на W14 и сега со големо нетрпение го очекуваме почетокот на сезоната. Овој викенд ќе дадеме се од себе, и ќе се бориме до последниот круг од Големата Награда на Абу Даби."
АЛПИН
Отмар Шафнауер, тимски шеф: "Тест сесијата беше многу конзистентна и конзервативна за тимот каде што останавме посветени на нашата програма за да се осигураме дека сме најдобро подготвени за сезоната што следи. Естебан и Пјер работеа напорно за да ја започнеме 2023 сезона на позитивен начин."
Естебан Окон: "Значајно беше правилно да се започне новата сезона и да се тестираат можностите на А523. Имаше многу да се научи во текот на трите тест дена и дефинитивно направивме добра работа. Тоа ни даде добра насока за развој и да бидеме што е можно поподготвени за првиот тркачки викенд оваа година."
Пјер Гасли: "Имавме многу интензивни три тест дена и, морам да кажам, дефинитивно сум подготвен и возбуден за првата трка од новата сезона. Горд сум на целата тимска работа од сите и со нетрпение очекувам да видам како ќе поминеме за време на тркачкиот викенд."
МЕКЛАРЕН
Ландо Норис: "Ја започнувам мојата петта сезона во Формула 1, но никогаш не сум бил посреќен што се враќам на тркањето. Тестовите не беа без проблеми, но работиме напорно да се вратиме на позициите на кои сакаме да бидеме."
Оскар Пјастри: "Возбуден сум поради мојата прва трка во Формула 1. Фактот што ќе ја возам во боите на Мекларен го прави претстојниот старт многу посебен. Долго го чекав дебито во Формула 1, па одлично е што конечно го добив."
"Имам уште многу да научам и да се чувствувам удобно зад воланот на MCL60. Нашиот тим има уште многу да направи за да биде на позициите на кои сакаме да бидеме, но јас со оптимизам ја очекувам сезоната."
Андреа Стела, тимски шеф: "По напорната вонсезона и неколку продуктивни денови на тестирање, целиот тим со нетрпение ја очекува Големата Награда на Бахреин. Подготвени сме да се тркаме во годината во која славиме 60-годишнина."
"Целиот тим работеше напорно за да го создаде MCL60, и му благодарам на нашиот персонал за напорната работа и посветеноста во подготовките за сезоната. Рано е да се прогнозира за односот на силите, но решени сме да си го вратиме местото во најдобрите четири екипи."
АЛФА РОМЕО
Алесандро Брави, портпарол на Ф1 тимот на Алфа Ромео: "Претсезонските тестирања завршија, време е да се вратиме на трките. Завршивме добра работа на тестовите и подготвени сме за претстојните предизвици."
"Како и другите тимови, сакаме да почнеме да се тркаме за да го разбереме односот на силите. Сезоната само што почнува, но нашата цел е тимот да продолжи да се развива. Имаме силна возачка постава и среќни сме што ќе продолжиме да работиме со нив."
Валтери Ботас: "Имав интересна прва година со тимот, сега имаме само еден пат, напред, повисоко и подобро. Претстои долга сезона, но јас сум многу мотивиран и сакам да постигнам високи резултати за доброто на сите членови на тимот. Имаме се што ни е потребно за да успееме, но треба да останеме фокусирани и да го ослободиме целосниот потенцијал на C43"
Џоу Гуанју: "Научив многу во мојата дебитантска година и ќе го искористам целото стекнато искуство за да се подобрам во 2023 година. Заедно со тимот постигнавме добри резултати, но очекувањата за оваа сезона се уште поголеми."
АСТОН МАРТИН
Тимот официјлано потврди дека Ленс Строл ќе учествува на трката за Големата Награда на Бахреин.
Ленс Строл рече: "Беше фрустрирачки што не можев да учествувам на претсезонската тест сесија и бев разочаран што ги пропуштив трите дена возење. Сепак, со оглед на повредата на мојот зглоб, тимот и јас сметавме дека е најдобро да се фокусираме на опоравување за да бидам подготвен за овој викенд и за долгата сезона што претстои."
"Паднав од мојот велосипед кога поминав зафатив дупка во земјата, но за среќа штетата не беше значителна и успешна мала операција на мојот десен зглоб го реши проблемот многу брзо."
"Би сакал да им се заблагодарам на Ф1 заедницата за поддршката и приватноста, како и на тимот кој ми помогна да закрепнам. Сега сум подготвен да се концентрирам на трките од овој викенд, нешто на што навистина се радувам."
Фелипе Другович и Стофел Вандорн ќе останат во Бахреин како резервни возачи на тимот.
ХАС Ф1
Кевин Магнусен: "Прво, физички се подготвував за сезоната, па сега сум во подобра форма од пред една година. Имавме добро предсезонско тестирање и научивме сè што сакавме. Секогаш е добро кога тестовите се успешни. Нашиот болид е многу добар при големи брзини."
Нико Хулкенберг: "Чувствувам како да сум во добра форма и задоволен од тоа како поминаа тестовите. Борбата во средната група е секогаш тесна, па секоја ситница може да биде пресудна и да одреди дали имате успешен ден или не."
"Повеќе сакам да се тркам отколку да тестирам, па со нетрпение го чекам викендот кога резултатите навистина ќе бидат важни. Подготвен сум да го вклучам режимот за напад."
Гинтер Штајнер, тимски шеф: "Мислам дека претсезонската тест сесија беше најдобра што сме ја имале досега во Формула 1. Собравме многу информации за новиот болид, кој е еволуција од минатата година."
"Оваа година, некои болиди ќе бидат побрзи на еден тип на патеки, а други болиди на друг тип на патеки, така што резултатите ќе бидат многу тесни. Можеби грешам, но вака изгледа ситуацијата во моментов. Се надевам дека овој викенд ќе постигнеме резултат кој ќе биде одраз на нашата напорна работа."
АЛФАТАУРИ
Јуки Цунода: "Тестовите во Бахреин поминаа без проблеми и ни овозможија да собереме многу информации за болидот. Идентификувавме некои ограничувања, позитивни и негативни страни на болидот, сето тоа ќе биде корисно за време на првиот тркачки викенд."
"На минатогодишниот болид му недостасуваше потисна сила, при брзите свиоци, болидот се лизгаше, па не можевме да ги одржуваме гумите. Во оваа област забележав голем чекор напред."
"Врз основа на резултатите од тестовите можам да кажам дека сум задоволен од Хонда погонската единица, подобра е од лани. Имам нов тренер и неколку нови инженери. Се чувствувам подготвен и способен да продолжам да напредувам од местото каде што застанав на крајот на минатата сезона."
Ник де Врис: "Дефинитивно сум подготвен за првата трка. Овој момент го чекав не само последните пет, шест, седум месеци, туку и поголемиот дел од мојот живот."
"Мислам дека две десетинки можат да направат голема разлика во позицијата на патеката. Веројатно, односот на силите ќе се менува од викенд во викенд."
"Морав да се прилагодам да работам со погонска единица на нов производител за мене. Беше потребна мала промена во пристапот, но не и драстична, така што сè помина прилично глатко.
Генерално, веќе имам многу стартови во кариерата, а подготвен сум за следниот."
ВИЛИЈАМС
Дејв Робсон, главен тркачки инженер: "По тешката зимска тест сесија, имавме неколку дена за размислување и анализи, и со нетрпение очекуваме да се вратиме на патеката."
"Нашите возачи поминаа повеќе од 1100 километри, имаа можност да размислат и да се одморат и се во добра форма пред почетокот на викендот. Логан Сарџент ќе дебитира во Формула 1 и иако добро се подготви, ќе му треба малку време за да се прилагоди на ритамот на тркачкиот викенд."
Алекс Албон: "Зимската тест сесија помина без проблеми, но треба да го максимизираме потенцијалот на FW45 за да можеме да се бориме со ривалите."
Логан Сарџент: "Се чувствувам како да сум подготвен колку што можам. Со нетрпение очекуваме да ги оцениме нашите резултати претстојниот викенд. Се надевам дека ќе бидат добри."
Викендот во Бахреин ќе биде топол и сончев со постепено зголемување на температурите кон денот на трката. Во петок ведро и ветровито, попладне до 24 степени. Во сабота до 26 степени, а во недела до 28 во текот на денот, но трката започнува навечер, по зајдисонце, кога жештините почнуваат да стивнуваат. Веројатноста за врнежи за време на викендот не надминува 5%.
Либерти Медиа, главниот акционер на Формула 1, ги објави финансиските резултати за 2022 година. Зголемувањето на плаќањата од промоторите на трките, радиодифузерите и спонзорите, како и зголемувањето на бројот на фанови кои ги посетија трките, и овозможи на Формула 1 да го зголеми вкупниот приход за 20% во споредба со 2021 година.
Во 2022 година, исплатите од промотерите се зголемени за 28.6%, од ТВ компаниите за 36.4%, а од спонзорите за 16.9%. Вкупниот приход на Формула 1 минатата година беше 2.573 милијарди долари, што е за 20% повеќе од 2021 година.
Нето добивката во Формула 1 порасна за импресивни 160%, од 92 милиони долари во 2021 година на 239 милиони долари во 2022 година. Поради растот на приходите, се зголемија и исплатите на награди на тимовите. Ако во 2021 година сите десет учесници добија вкупно 1.068 милијарди долари, тогаш во 2022 година исплатите на тимовите од Формула 1 изнесуваа 1.157 милијарди долари.
Во 2022 година, 5.7 милиони луѓе ги посетија трките во Формула 1, што е за 36% повеќе отколку во 2019 година, последната сезона пред пандемијата. Минатата година, вкупната ТВ публика на Формула 1 изнесуваше 1.54 милијарди луѓе, а во САД растот на публиката беше 36%. Следбениците на социјалните мрежи на Формула 1 се зголемија за 23% на 61 милион.
Сузи Волф, сопругата на Тото Волф, ќе ја води женската серија на Ф1 Академијата, одговарајќи на Претседателот и извршен директор на Ф1, Стефано Доменикали.
"Академијата на Формула 1 ќе ни овозможи да промовираме вистински промени во нашата индустрија преку создавање на најдобра структура за наоѓање и негување талентирани жени на патот кон врвот на мотоспортот."
"Претстои напорна работа, но има јасна решеност да се исправат работите (кои работи не ни е јасно, колку што знаеме Ф1 нема забрана за жени возачи?!?). Верувам дека Академијата на Формула 1 може да биде повеќе од само трки."
"Таа има моќ да ги инспирира жените ширум светот да ги следат нивните соништа и да сфатат дека со талент, страст и одлучност, нема ограничување на она што можат да го постигнат. (денес има некое ограничување?!?)"
Пред почетокот на викендот во Бахреин, шефот на АлфаТаури, Франц Тост излезе со официјална изјава поврзана со неодамнешните гласини за можна продажба на тимот.
"Неколку пати се сретнав со Оливер Минцлаф, одговорен за Формула 1 програмата на Ред Бул, кој потврди дека акционерите нема да го продадат АлфаТаури, а Ред Бул ќе продолжи да го поддржува тимот во иднина. Сите гласини за продажба немаат основа. Тимот мора да остане целосно фокусиран на почетокот на сезоната за да се претстави подобро од лани."
Во пресрет на Големата Награда на Бахреин, ФИА ја потврди локацијата на три ДРС-зони на патеката Сакир. Во споредба со минатата година, должината на третата зона е скратена за 80 метри. Во 2022 година возачите можеа да го отворат задното крило 170 метри по последниот свиок, за овој викенд, по 250 метри. Првата и втората ДРС-зона останаа непроменети.
Џенсон Батон влезе во Гинисовата книга на рекорди, каде отсега ќе биде официјално запишано неговото достигнување, шампион во брзина на реакција.
На симулаторот BATAK за вежбање и тестирање на брзината на реакција, Џенсон го победи претходното достигнување на Арша Шахрани поставено пред четири години, со гаснење 58 светла за 30 секунди.
Ваквите симулатори постојано се користат во гаражите на многу Формула 1 тимови. За неговото достигнување, Батон доби официјален сертификат од Книгата на рекорди, по што прокоментира:
"Всушност, во 2003 година, мојот најдобар резултат беше 56 удари за 30 секунди, нo тој не влезе во Книгата на рекорди. Tогаш бев во моите дваесетти, па кога ми понудија да се обидам да го соборам тој рекорд, реков: Па, можам да се обидам, но ќе биде доста тешко, бидејќи веќе имам 43 години. Но, сепак го направив тоа, па затоа сум многу задоволен."
Формула 1 и лондонскиот фудбалски клуб Тотенхем објавија 15-годишно стратешко партнерство. Како дел од партнерството, на стадионот ќе биде отворена патека за изнајмување електричен картинг и ќе се организира картинг школа со поддршка на Формула 1.
Тимот на Алпин подготвува технички иновации за првата трка од сезоната. Мет Харман, техничкиот директор, вели дека, според пресметките на инженерите, надградбите треба да помогнат да се намали разликата до првите три тима.
"Чувствуваме одредена самодоверба. Се разбира, за време на тестовите не го откривме целосниот потенцијал на машината. На првата трка ќе видите неколку визуелни разлики од болидот што го користевме на тестовите."
"Подготвуваме надградби и се надевам дека овие нови решенија ќе овозможат, ако не да стигнеме до третото место меѓу тимовите, тогаш барем да се доближиме до него."
Пред почетокот на неговата втора сезона во Мерцедес АМГ, Џорџ Расел добива нов тркачки инженер. Неговиот поранешен инженер Рикардо Мускони се повлече од тркачкиот тим.
Новиот инженер на Британецот ќе биде Маркус Дадли, кој претходно беше "инженер за перформанси" и по потреба делуваше како резервен тркачки инженер. Минатата година, на Австриското ГП, Дадли го замени Питер Бонингтон како тркачки инженер на Луис Хамилтон.
Како што често се случува, за време на тестовите, тимовите не ги покажуваат сите решенија подготвени за стартот на сезоната, криејќи ги до последната минута за противниците да немаат време да ги копираат.
Германскиот АМУС пишува за новото задно крило на Мерцедес АМГ, кое не се користело на тест сесијата, но се подготвувало за првата трка. Тоа е многу поефикасно решение, обезбедува поголема потисна сила, помалку отпор и може да го реши проблемот со нестабилноста на задниот дел што го видовме во изминатата недела.
Организаторите на трката за ГН на Шпанија побараа од ФИА да издаде лиценца од 1 категорија, што овозможува трки во Формула 1, за нова конфигурација на патеката Каталуња, без шиканата додадена во 2007 година во последниот свиок.
Патеката потврди дека ФИА им доделила таква лиценца, па овогодинешната трка во Формула 1 ќе се одржи на верзијата на патеката без последната шикана. За да се обезбеди безбедно поминување на последниот сектор без шиканата, беше потребно мало зголемување на безбедносните системи на свиоците 13 и 16.
Андрети Кадилак го потврди поднесувањето на официјална апликација до ФИА за учество во Формула 1. Ова е формален чекор неопходен за понатамошно дејствување.
"Тимот на Андрети Кадилак го изрази до ФИА својот интерес за учество во Ф1 шампионатот. Цврсто веруваме дека оваа комбинација ќе помогне да се изгради американски тим кој ќе го зголеми интересот за Формула 1 низ целиот свет."
"Ако Андрети биде принуден да го напушти процесот, ако се покаже дека не сака или не може да ја плати зголемената такса за влез, Џенерал Моторс ќе го продолжи својот интерес за Формула 1 со здружување на силите со друг тим."
Обложувалниците објавија коефициенти за претстојната Ф1 сезона и трката за Големата Награда на Бахреин. Добрата форма на Ред Бул на тест сесијата го остава Макс Ферстапен како најголем фаворит за првата победа од 2023 сезоната.
За негов главен ривал го сметаат возачот на Ферари, Чарлс Леклер. На третото место на рангирањето е Луис Хамилтон.
Победа на Големата Награда на Бахреин
- Ферстапен 2.25
- Леклер 3.50
- Хамилтон 6
- Саинц Јр. 9.5
- Расел 11
- Сарџент 3001
Шансите Макс Ферстапен да ја освои третата титула во 2023 година се проценува дека се повеќе од двојно поголеми од шансите на кој било друг возач. Луис Хамилтон се смета за главен ривал на Холанѓанецот, но тука некаде е и Чарлс Леклер.
2023 Шампион - Возачи
- Ферстапен 1.73
- Хамилтон 4.5
- Леклек 5
- Расел 9
- Саинц Јр. 21
- Сарџент 3001
Актуелните шампиони, тимот на Ред Бул се фаворити за освојување на шампионатот за конструктори. Нивниот главен ривал, според обложувалниците, ќе биде Мерцедес АМГ. Очекувано најмалку шанси за освојување на титулата има тимот на Вилијамс.
2023 Шампион - Конструктори
- Ред Бул 1.95
- Мерцедес АМГ 2.70
- Ферари 4.33
- Астон Мартин 126
- Алпин, Мекларен 151
- Алфа Ромео 751
- Хас 1501
- Вилијамс 2001
ШТО СЕ СЛУЧИ? ЗАГРЕВАЊЕ ЗА ВИКЕНДОТ ВО БАХРЕИН
3/02/2023 01:55:00 AM
0
Share to other apps