Патеката во Џеда се појави во Ф1 календарот неодамна и беше домаќин на само две трки, но веќе се очекува со нетрпение. По здодевниот Бахреин, не очекува "адреналинска" патека. Штета што не се сите патеки на Блискиот Исток како Џеда.
На оваа патека, каде што многу свиоци се слепи, иако секоја година се прават напори да се подобри видливоста, вештината на возачите, нивната способност за напад, прецизно дозирање на степенот на ризик, ја прави трката во Саудиска Арабија неверојатно спектакуларна.
Ферстапен и Ред Бул се на пат кон третата шампионска титула, а Чарлс Леклер по откажувањето во Бахреин веќе заостанува 25 поени и плус ќе загуби најмалку десет стартни позиции на неделната трка. Сè уште не е јасно како и дали Ферари ќе успее да надомести.
Во Ред Бул научија да го истиснуваат максимумот од секоја ситуација, а директните ривали се инфериорни. Мерцедес АМГ како да испадна од конкуренцијата, а Астон Мартин кој излезе во прв план не се очекува да го издржи темпото во текот на целата сезона.
Се прашуваме дали Џорџ Расел ќе биде во право кога во Бахреин по трката изјави дека е подготвен да се обложи дека Ред Бул ќе победи на сите преостанати трки од сезоната. Тоа ќе биде огромна штета за Формула 1 шампионатот.
Напредокот на Астон Мартин и подиумот на Фернандо Алонсо беше зрак надеж и се надеваме ќе донесе одредена интрига во остатокот од сезоната, доколку главните фаворити за тоа Мерцедес АМГ и Ферари не си дојдат при себе.
А годинава е рекордна со 23 трки, кои ќе беа 24, ако не беше откажано Кинеското ГП. Имаме минимални измени во техничките прописи, со цел елиминирање на вертикалните осцилации и потскокувањето на болидите од новата генерација.
Каква разлика прави една година во Формула 1. По минатогодишната трка во Бахреин, Ферари беше "во облаци" откако забележа 1-2 Победа, додека Ред Бул се чинеше дека има неиздржлив болид.
Дванаесет месеци подоцна, Чарлс Леклер од Ферари влегува во втората трка од 2023 сезоната со нула поени и грид казна, наместо со 26 поени што ги забележа лани во Бахреин.
Наместо тоа, сега Ред Бул се радуваше на 1-2 Победа. Леклер стигна до три десетинки од времето на пол позицијата на Ред Бул и Макс Ферстапен, но неговите мали надежи за второто место во трката исчезнаа заедно со расипувањето на контролната електроника на неговата погонска единица.
Исто така, управувањето со гумите на Пирели е подеднакво сомнително, како и контролата на квалитетот, особено по начинот на кој Карлос Саинц Јр. заостана 10 секунди зад Фернандо Алонсо во последниот стинт.
Новиот тимски шеф, Фредерик Васер, има тешка задача, а раководството на Ферари не е познато по трпението и ќе сака да види барем малку светлина на крајот од тунелот овој викенд во Џеда.
ПИРЕЛИ
Во Бахреин, една од варијаблите беше високото абење на гумите, но на уличната патека во Саудиска Арабија, други фактори ќе бидат клучни. За втората трка од сезоната, белите гуми се произведени од C2, жолтите од C3 и црвените од C4 смешата.
Џеда е најбрзата градска патека во календарот. Дизајнирана е пред три години и оттогаш постојано се подобрува. Годинава има нови површини за излетување, додека дел од рабниците се измазнети.
Голем број од заштитните бариери се препозиционирани, како што се оние на свиоците 8 и 10, за да се подобри видливоста при влегувањето, и при 23-от свиок, со цел тој да се забави.
Марио Изола: "Во Џеда, од суштинско значење е да се најдат оптималните поставки, a тие ќе бидат многу различни отколку во Бахреин. Во Саудиска Арабија ќе ги донесеме истите смеши од минатата година, кога покажаа одлична стабилност."
"Изминатите две трки во Џеда беа многу непредвидливи поради честите излегувања на безбедносното возило, но тоа е типична карактеристика на градските патеки."
"Во 2022 година, најдобрата стратегија беше со едно застанувањево бокс за промена на гумите, и тоа предвремено, поради излегување на безбедносното возило. Макс Ферстапен и Чарлс Леклер имаа интензивна битка, благодарение и на долгиот век на пневматиците, па на крајот возачот на Ред Бул победи со помалку од секунда предност."
"Тимовите ќе треба да работат со поставките за да постигнат оптимален баланс со новите гуми. Патеката во Бахреин се состоеше од забрзувања и забавувања, а во Џеда високите странични г-сили го одредуваат абењето на гумите, а карактеристиките на патеката се сосема различни од оние во Сакир."
РЕД БУЛ
Макс Ферстапен: "По одличниот старт во Бахреин, не очекувам дека ќе имаме лесна задача во Џеда, тоа е сосема поинаква патека и болидот треба да биде брз. Сепак, со брзите свиоци, верувам дека можеме да имаме силен болид на оваа патека."
"Измените на патеката што беа направени се главно за видливост, па се надеваме дека малку се подобрија работите за нас возачите, бидејќи дефинитивно беше опасно во некои области. Тоа е навистина добра улична патека, со доста грип, така што секогаш уживам да се тркам на неа."
Серџо Перез: "Мора да се обидеме да го задржиме моментумот од Бахреин. Дефинитивно, сè уште можеме да направиме многу подобрувања, за да се обидеме да го направиме нашиот болид подобар. Собравме многу информации од првата трка и многу работиме."
"Ќе биде многу интересно да се види како ќе се однесуваат конкурентските болиди во Џеда, бидејќи тоа е многу поинаква патека од Бахреин."
"Со нетрпение очекувам да се вратам на оваа патека откако ја освоив Пол позицијата во 2022 година. Минатата година немав многу среќа со тајмингот на безбедносното возило додека ја водев трката, па се надевам дека ќе дојде мојот ред да победам."
ФЕРАРИ
Фредерик Васер, тимски шеф: "Заминавме од Бахреин со првична слика за силните и слабите страни на нашиот болид и корисни совети за напредок. Споредувајќи ги перформансите на SF23 во квалификациите и трката, сè уште има простор да ги подобриме нашите перформанси во недела."
"Работиме добро како тим за да го извлечеме максимумот од нашиот болид и во однос на перформанси и издржливост. Ја најдовме причината за проблемот што го запре Чарлс во Сакир и тој ќе ја користи третата контролна електроника на неговиот болид, што значи дека ќе има грид казна."
"Патеката во Саудиска Арабија е многу различна од Бахреин во однос на конфигурацијата и површината на асфалтот, а максималната брзина е особено важна. Убеден сум дека можеме да имаме подобар викенд овде."
МЕРЦЕДЕС АМГ
Тото Волф: "Нашиот настап во Бахреин не беше каков што сакавме да биде. Но, ова е позицијата во која се наоѓаме и веќе со полна пареа се работи на болидот, за да го подобриме. Тоа е возбудлив предизвик за сите нас."
"Од Бахреин, имавме отворени и искрени дискусии од кои почнавме да ја планираме нашата борба. На краток рок, не оставајќи делче од болидот во потрагата по перформанси. На подолг рок, фокусирање на нашиот развој за да одредиме како ќе стигнеме напред."
"Веќе ја почувствував енергијата и решителноста во фабриката и знам дека ќе продолжиме да се движиме напред. Сè може да се случи во мототрките, така што во Џеда ќе работиме да го максимизираме секој дел од нашите перформанси, бркајќи го секој поен, секоја позиција и секоја милисекунда."
"Овој викенд во Саудиска Арабија ќе дознаеме повеќе за W14, неговите карактеристики и неговите ограничувања. Џеда обезбедува многу поинаков тест за разлика од Бахреин и ќе биде интересно да се види како ќе реагира болидот."
"Ќе донесеме мали подобрувања на болдиот, тие нема драстично да ја сменат играта, но можат да почнат да нè движат во вистинската насока. И ние ќе притискаме колку што можеме за да создадеме можности и се надеваме дека ќе имаме подобра трка отколку во Бахреин."
АЛПИН
Отмар Шафнауер, тимски шеф: "Важно е да се запамети дека помина само една трка, а пред нас се уште дваесет и две. Нашето тркачко темпо изгледа подобро отколку во брз круг, така што разбираме дека клучната област во која треба да се подобриме е брзината со празен резервоар."
"Градската патека Џеда е брза, некои делови се едноставно незаборавни, и тоа е веројатно највозбудливата урбана патека во календарот. Оваа патека е фундаментално различна од Бахреин. Ќе биде интересно да се проценат болидите во други услови и да се разбере во каква позиција се наоѓаме."
"Сакам викендот да помине без проблеми, да не правиме оперативни грешки и да освојуваме поени со два болида. Тимот е решен да има многу подобра трка во Џеда. Убаво е да се види дека сите се мотивирани да ги подобрат резултатите."
Естебан Окон: "Џеда има уникатна патека. Таа е многу брза, па поголемиот дел од кругот таму треба да се вози со полн гас, што е многу кул."
"Оваа година имаше одредени промени на патеката насочени кон подобрување на безбедноста и видливоста, па секако, на тренинзите во петок, ќе разбереме колку се ефективни и ќе ги споделиме нашите впечатоци."
"Кога станува збор за трката во Џеда, знаеме дека има можности за претекнување, но постои голема можност за безбедносно возило, со оглед на карактеристиките на патеката, па мораме да ги предвидиме сите можни сценарија."
Пјер Гасли: " Сакам да се тркам во Џеда на една од најдобрите градски патеки. Тркачкиот круг е брз, нема некои бавни свиоци, така што на возачите им е тешко физички."
"Обично квалификациите се многу возбудливи и решен сум да поминам подобро отколку во Бахреин. Во 2021 и 2022 година освоив многу поени во Саудиска Арабија, па ќе биде одлично да го продолжам овој тренд и оваа година."
МЕКЛАРЕН
Ландо Норис: "Одлично е да се вратиме во Џеда. Овде брзините се големи, ми се допаѓаат градските патеки и со нетрпение го чекам возењето. Минатата година постигнав добар резултат, а трката во Бахреин покажа дека темпото на болидот овозможува да се бориме за поени."
"Сега само треба да го извлечеме максимумот од MCL60. Тимот работи неуморно за да ги примени сите информации научени во Бахреин и да направи прилагодувања за да има подобри резултати во Саудиска Арабија."
"Знаеме дека има уште многу работа за да дојдеме на позициите на кои сакаме да бидеме. Имам доверба во тимот и знам дека момците ќе дадат се од себе да се подобрат. Ќе излеземе на патеката и ќе дадеме се од себе."
Оскар Пјастри: "Со нетрпение ја очекувам трката на патеката во Џеда. Последен пат се тркав овде во Формула 2, па ја познавам оваа брза патека. Сега сакам да ја почувствувам во Формула 1 трка."
"Џеда има интересни брзи свиоци, а јас ќе ја имам мојата прва градска трка во Формула 1. Резултатот од мојата прва трка во Формула 1 е разочарувачки, но научив многу и што е најважно, не се откажуваме."
"Знам дека по Бахреин, тимот работеше напорно за да ги сврти работите и да му даде на Ландо и мене што е можно подобар болид. Тимот ќе продолжи да напаѓа, не се сомневам дека ќе ги постигнеме позициите на кои сакаме да бидеме."
Андреа Стела, тимски шеф: "Патеката во Џеда е брза и широка, каде возачите треба да надминат интересен предизвик. Во однос на минатата година има мали промени на патеката."
"Задоволни сме од промените што се дизајнирани да ја подобрат безбедноста, видливостa за возачите и не толку високи рабници. Тимот патува во Саудиска Арабија решен да освои поени што ќе беа возможни во Бахреин да не беа проблеми со издржливоста."
"Во текот на изминатата недела, анализиравме многу податоци за да се увераме дека проблемите се решени. Знаеме дека има уште многу работа да се заврши, но тимот во Вокинг и на патеката е целосно фокусиран на подобрување и е подготвен да се бори во Саудиска Арабија."
АЛФА РОМЕО
Алесандро Брави, портпарол на Ф1 тимот на Алфа Ромео: "Освојувањето поени на дебито беше одличен начин да ја започнеме нашата сезона, награда за напорната работа направена од сите во тимот во текот на зимата и потврда за напредокот што го направивме."
"Сепак, не смееме да се опуштиме, бидејќи во Бахреин видовме колку е блиска разликата оваа година и колку само неколку десетинки можат да направат огромна резултатска разлика."
"Знаеме дека, ако правилно ја завршиме домашната задача и го искористиме целосниот потенцијал на нашиот болид, имаме шанса да продолжиме да се подобруваме и да постигнеме уште подобри резултати."
"Ќе биде важен викенд и надвор од патеките, бидејќи имаме збиена програма со некои од нашите клучни партнери."
Валтери Ботас: "Имавме одличен почеток на сезоната во Бахреин, постигнувајќи пласман во првите десет на првата трка од сезоната. Бевме меѓу првите пет тимови за време на целата трка, а исто така дадовме доказ за одлична тимска работа во текот на викендот."
"Сепак, како и секогаш, има простор за подобрување. Доаѓајќи во Џеда, мора да продолжиме со моментумот и да се фокусираме на продолжување на добрата работа направена до сега."
"Нашите колеги дома во Хинвил работат напорно за да ги подготват надградбите за следните неколку трки, бидејќи ние се фокусираме на напредок и на што повеќе добри резултати за тимот."
"Нашиот болид е силен и знаеме дека можеме да водиме пристојна борба против нашите конкуренти. Повторно, вниманието на деталите ќе биде од суштинско значење за да имаме добар почеток на викендот."
Џоу Гуанју: "Почнувањето на сезоната со поени беше добра мотивација за тимот, вклучително и мене, со задоволство дадов мојот придонес со постигнување на најбрзиот круг и одземање на бод од нашите ривали."
"Упатувајќи се кон Саудиска Арабија, се чувствувам гладен и решен да започнам со освојување на поени. Во Бахреин, нашиот болид се однесуваше подобро од ден на ден, што покажа дека се движиме во вистинската насока."
"Со сигурност можеме да предвидиме дека поредокот повторно ќе биде тесен, но ако успееме да ги извлечеме сите можни перформанси од нашиот болид и тим, не гледам причина зошто да не целиме уште повисоко овој викенд."
АСТОН МАРТИН
Фернандо Алонсо: "Болидот се однесуваше многу добро во Бахреин, а ние уживавме во нашиот викенд,забележувајќи го нашиот прв подиум во сезоната. Но, сега го префрливме целиот наш фокус на овој викенд и Џеда."
"Ќе биде многу поинаков предизвик, бидејќи ова е сосема поинаква патека од она што го доживеавме на воведната трка. Поминавме две недели во Бахреин и сите се запознавме со патеката и условите, така што кривата на учење од овој петок ќе биде многу поостра."
"Реално, мислам дека дури после Австралија ќе ги знаеме подобро нашите перформанси, бидејќи дотогаш ќе имаме три многу различни тркачки викенди на различни патеки во Бахреин, Саудиска Арабија и Австралија."
"Треба да останеме цврсто на земја, потребна е напорна работа за да се одржи овој почеток и да се обидеме да извлечеме уште еден силен резултат овој викенд."
Ленс Строл: "Задоволен сум од нашиот настап во Бахреин, така што треба да дадеме се од себе за да го внесеме тој позитивен моментум на втората трка во годината во Саудиска Арабија."
"Како и секогаш, првите неколку трки од сезоната се за учење на сложеноста на новиот болид. Патеката во Џеда е сосема поинаква од таа во Бахреин, па ни нуди непроценлива можност да собереме повеќе податоци и да го продлабочиме нашето разбирање за AMR23."
"Џеда е неверојатно брза патека и најбрзата градска патека во календарот, па затоа е одлична и забавна за возење, но и вистински предизвик. Има многу излегувања на безбедносното возило, така што треба да се осигураме дека сме подготвени да ги искористиме сите можности што ќе ни се појават."
ХАС Ф1
Гинтер Штајнер, тимски шеф: "Во Бахреин имавме доста предизвикувачка трка, но квалификациите беа добри. Влеговме еден болид во Q3, а тоа беше многу добар резултат за тимот."
"Tрката не започна премногу добро, Нико заработи оштетено предно крило, а Кевин беше единствениот што стартуваше на белите гуми, а тоа му ја отежна трката. Сè на сè, мислам дека перформансите се тука во VF23, само треба да ги извадиме од болидот."
"Џеда е малку поинаква во однос на конфигурацијата во споредба со Бахреин, но сè што научивме на Сакир ќе ни помогне подобро да го подесиме болидот во Саудиска Арабија. Се надеваме дека ќе го извлечеме целиот потенцијал на VF23, што ќе резултира со поени."
Кевин Магнусен: "Минатата година во Саудиска Арабија го освоив деветтото место. Доаѓајќи од Бахреин со петто место, очекувањата беа големи, но безбедносното возило излезе во незгодно време за нас. Се надевам дека ќе бидеме силни и оваа година."
"Мислам дека Џеда беше одлична патека, навистина забавна и возбудлива за возење, па се надевам дека не се промени премногу или барем не се промени на полошо. Тоа е патека каде што довербата во болидот е многу важна, за да можете да нападнете."
"Мислам дека ќе бидат потребни неколку трки, за да ги видиме можностите на новиот болид, но очекувам поредокот во средината на табелата да биде толку близок што лесно може да значи многу позиции надолу/нагоре."
Нико Хулкенберг: "Патеката е единствена и посебна. Таа е неверојатно брза со оглед на тоа дека е градска патека. Таа е многу предизвикувачка и техничка, но уживав таму минатата година и се надевам дека ќе уживам повеќе оваа година."
"Секогаш тргнувате со помалку агресивност, побезбедно, и од круг во круг, сесија по сесија го зголемувате темпото, притискајќи посилно, приближувајќи се до границата на можностите на болидот."
"Во квалификациите, мала грешка може да има големи последици. Се работи за балансирање со ризикот наспроти наградата што ќе ја добиете. Џеда, има многу различни карактеристики од Бахреин, така што ќе треба подолго од две трки за целосно да се разбере болидот и да се видат кои патеки ќе му одговараат, а кои не."
АЛФАТАУРИ
Јуки Цунода: "Од викендот во Бахреин, јасно е дека нашиот настап е доста далеку од местото каде што сакавме да бидеме на првата трка, особено затоа што се стремиме да бидеме во предниот дел од поредокот зад најбрзите тимови. Сè уште треба да најдеме многу повеќе перформанси од нашиот болид."
"Знам каде имаме проблеми, но за овој викенд во Саудиска Арабија, се надевам дека можеме да бидеме подобри отколку во Бахреин. Мислам дека брзата природа на патеката во Џеда ќе одговара повеќе на нашиот пакет, па да почекаме и да видиме."
"Минатата година, мојот викенд во Саудиска Арабија воопшто не помина добро, бидејќи многуте технички проблеми значеа дека не можев да возам во сабота, а потоа не можев ниту да ја започнам трката во недела."
"Сметам дека е пријатна патека за возење. Првиот сектор е навистина уникатен, особено со брзите свиоци, кои се многу специфични за патеката во Саудиска Арабија и не се наоѓаат никаде на друго место во календарот."
"Засега, издржливоста на овогодинешниот болид беше добра. За време на тест сесијата и првата трка, немавме големи проблеми, па убеден сум дека оваа година нема да пропуштам нити една сесија до крајот на сезоната."
Ник де Врис: "Чувствувото беше прекрасно што конечно ја започнавме вистинската акција во Бахреин. Мислам дека не е тајна дека не сме баш онаму каде што сакаме да бидеме во однос на перформансите."
"Чувствуваме дека треба да се подобриме во бавните свиоци, а Бахреин има многу такви, па се надеваме дека Џеда ќе одговара на нашиот пакет малку подобро.
Мислам дека треба да направиме поминеме повеќе трки за да добиеме претстава за нашите можности."
"Што се однесува до Саудиска Арабија, присуствував на трката од минатата година, но никогаш не сум возел на патеката во Џеда, иако доста ја вежбав на симулаторот. Изгледа многу добра: брза и незгодна. Искрено, со нетрпение го очекувам предизвикот, да научам нова патека и да се вратам на тркањето."
ВИЛИЈАМС
Дејв Робсон, главен тркачки инженер: "Доаѓаме во Џеда на втората трка од 2023 сезоната. Иако патеката претрпе одредени промени од минатата година, таа го задржува својот основен карактер и нуди многу поинаков предизвик отколку патеката во Бахреин."
"
Како и во Бахреин, клучните сесии се одржуваат навечер и ќе треба да внимаваме на промените на ветерот и температурата по зајдисонцето. Површината на патеката е многу помазна отколку во Бахреин и Пирели номинираше помеки смеши."
"Со нетрпение очекуваме да се справиме со овој харизматичен круг и да го подобриме нашето разбирање за FW45."
Алекс Албон: "Џеда е навистина забавна градска патека и ја очекувам со нетрпение, но тоа е една од оние патеки каде што самодовербата е многу важна, и треба да се изгради преку викендот."
"На хартија, тоа е патека која можеби ни одговара малку подобро од Бахреин, па ќе видиме како ќе се претставиме."
Логан Сарџент: "Навистина со нетрпение ја чекам втората трка во Саудиска Арабија. Изградивме одлична основа во Бахреин. Се надеваме дека ќе продолжиме да бидеме конкурентни и да продолжиме да се подобруваме како тим."
"Очигледно, Џеда е многу предизвикувачка патека, така што ќе треба да се надополниме во викендот со цел да дојдеме до позитивен резултат."
Во пресрет на Големата Награда на Саудиска Арабија, ФИА ги потврди промените на патеката и ја потврди локацијата на трите ДРС зони на патеката во Џеда.
Низ целото растојание на кругот, металните рабници се заменети со закосени бетонски. Во единаесеттиот свиок, Tecpro бариерите се поставени на левата страна во насока на движење.
Во осмиот, четиринаесеттиот и дваесеттиот свиок, има целосно нови заштитни бариери. Дваесет и вториот и дваесет и третиот свиок се целосно реновирани. Дваесет и вториот свиок започнува 10 метри порано, а дваесет и третиот е поместен за пет метри.
Во Џеда остануваат три ДРС зони. Првите две се целосно исти како и минатата година, додека третата претрпе одредени измени. Претходно, точката за мерење на разликата се наоѓаше пред 27-ми, а точката за активирање се наоѓаше на излезот од истиот свиок.
Возачите го користеа ова за да ги пуштат ривалите пред себе на влез во свиокот, за потоа да имаат отворен ДРС-систем на излезот. Во 2023 година, таков маневар ќе биде невозможен. Мерната точка на разликата е поместена на излезот од 27-от свиок, а точката за активирање се наоѓа на 170 метри по свикот.
Пред почетокот на трката во Бахреин, акумулаторите за складирање енергија и контролната електроника беа сменети на болидот на Чарлс Леклер, а тоа беа вторите елементи од по два дозволени за цела сезона.
Пред почетокот на тркачкиот викенд, на болидот на Моначанецот ќе мора да се инсталира третата контролна електроника, што ќе доведе до губење на десет стартни места.
Лука ди Монтеѕемоло му ја понудил својата помош на Лоренс Строл, па дури и го советувал да го ангажира Фернандо Алонсо, според Паоло Цикароне, италијански новинар ветеран и директор на Радио Монте Карло.
Монтеѕемоло беше претседател на Ферари од 1991 до 2014 година, година во која и Фернандо Алонсо се прости од тимот.
"Се сретнав со Марко Матиачи, кој ми потврди присуство на луѓе претходно поврзани со Ферари, бидејќи Лоренс Строл има одлични односи со Лука Монтеѕемоло. Двајцата често се слушаат. Искуството на одличен Ф1 лик како поранешниот претседател на Ферари му е ставено на располагање на пријател, Строл, и тоа е очигледно предност."
Паоло, од друга страна, откри дека Монтеѕемоло ја понудил својата помош на Ферари, но тие одговориле со "не, благодариме, ние самите знаеме како да го направиме."
Што се однесува до потписот на Фернандо во Астон Мартин, Цикароне дел од "вината" му препишува на поранешниот претседател на Ферари, бидејќи уверува дека Алонсо отсекогаш бил ценет од Монтеѕемоло, кој го смета за најдобар возач на гридот.
"Да имаш покрај себе некој кој беше претседател на Ферари од 1991 до 2014 година, кој имаше работа со Енцо Ферари и Берни Еклстон, кој одлично го познава Стефано Доменикали, со такво искуство и харизма тоа може да биде штета нити за Ф1, а најмалку за Астон Мартин."
Славниот португалски фудбалер Кристијано Роналдо викендов ќе присуствува на Големата Награда на Саудиска Арабија.
Од јануари 2023 година Роналдо настапува за локалниот клуб Ал-Наср, а според таблоидот Сан, во неговиот договор има клаузула според која мора да присуствува на Формула 1 трката во Џеда. Договорот на играчот со клубот се проценува на 173 милиони фунти годишно.
Последен пат Кристијано Роналдо дојде на трка од Формула 1 календарот во 2019 година во Монако. Пред две години, Португалецот беше забележан во базата на Ферари во Маранело, каде што се сретна со Чарлс Леклер.
По 40-годишна пауза, Големата Награда на Лас Вегас, ќе се врати во Формула 1 календарот. Ноќната трка на уште една градска патека е закажана за 18 ноември.
Организаторите на трката го избраа официјалното име на патеката и го регистрираа како - Las Vegas Strip Circuit.
Името на патеката се однесува на познатиот Лас Вегас Стрип, што претставува дел од булеварот Лас Вегас, кој е познат по својата концентрација на хотели и казина.
Во најновото издание на францускиот Auto Hebdo, првиот човек на Ферари, Фредерик Васер беше категоричен дека немало средба помеѓу некој од возачите и управата по трката во Бахреин.
"По зимските тестови, возачите се сретнаа со Џон Елкан и Бенедето Виња. Следниот пат кога ќе се собереме да разговараме е по трката во Имола. Овие средби се закажани."
Васeр, исто така, ги негираше гласините за конфликт со извршниот директор на Ферари, Бенедето Виња, тврдејќи дека Виња се обидува да ја ограничи својата улога во тимот.
"Никогаш не сум имал такви ресурси и можности за донесување одлуки што ги имам сега."
Вилијамс го назначи Фредерик Брусо за главен оперативен директор. По 26-годишна кариера во воздушната индустрија, Фредерик ќе се приклучи на прославениот Формула 1 тим во април.
Тој ја започнал својата кариера со Pratt & Whitney Canada во 1997 година како обичен работник, потоа стигнува до позиција генерален директор на воздухопловниот центар на компанијата Мирабел, каде го водеше отворањето на објектот и неговата најсовремена производствена линија за моторите што го напојуваат комерцијалниот авион Ербас А220.
Во Април, 2022, беше назначен за потпретседател на одделот за операции во P&W. Во оваа улога, тој ги надгледуваше операциите на компанијата ширум светот, опфаќајќи 12 локации низ Канада, Полска, Мароко и Кина.
Фредерик Брусо, главен оперативен директор, Вилијамс: "Нема поубаво чувство од тоа да тргнете на сосема ново патување и да работите кон остварување на вашите соништа."
"Имавме возбудлив почеток на сезоната и со нетрпение очекувам да се приклучам на тим со таква историја во Формула 1. Нестрплив сум да започнам и да придонесам за градење на иднината на организацијата заедно со сите членови на Вилијамс."
Мерцедес АМГ веќе подготвува нови решенија за Џеда, но тие се во развој долго време и треба да ги подобрат перформансите на шасијата од која тимот планира да се откаже.
Тимот ќе воведе порадикални новитети на шестата трка од оваа сезона, за Големата Награда на Емилија-Ромања.
Ред Бул ќе донесе некои нови делови во Мелбурн и оваа недела во Џеда, но поголеми надградби се планирани за третата трка во Баку. Тимот од нив очекува значителен напредок.
Астон Мартин не планира поголеми надградби, надевајќи се дека прво ќе добие повеќе од сегашниот болид, а потоа ќе работи на нови делови, кои би можело да дебитираат во Имола, Италија.
Прелиминарната временска прогноза за Големата Награда на Саудиска Арабија најавува топло време во деновите на викендот, но силните ветрови ќе ги комплицираат работите.
Од петок до недела температурата на воздухот ќе достигне од 31-32 степени во текот на денот до 19-21 навечер, кога се случуваат главните сесии. Минатата година сите сесии се одржаа на сув асфалт.
Андрети Кадилак минатата недела го потврди поднесувањето на официјална апликација до ФИА за учество во Формула 1. РејсингЊуз365 пак објави дека тимот веќе започнал да го пополнува техничкиот персонал. Според неофицијални информации, тимот го назначил Ник Честер за технички директор.
Британецот беше долгогодишен член на Рено и Лотус Ф1 тимот, а последна позиција му беше технички директор на Мерцедес ФЕ тимот. Конечната одлука на ФИА ќе биде донесена во јуни.
Обложувалниците објавија коефициенти за трката за Големата Награда на Бахреин и шампионските шанси за возачите и тимовите. Колкава голема промена во коефициентите по добрата форма на Ред Бул и двојната победа во Бахреин.
Убедлив фаворит за победата е Макс Ферстапен, а за негов главен ривал се смета неговиот тимски колега, Серџо Перез, иако шансите за негов успек се трикратно помали. За третото место букмејкерите го фаворизираат Фернандо Алонсо.
Победа на Големата Награда на Саудиска Арабија
- Ферстапен 1.5 (2.25)
- Перез 5 (не беше во топ 5)
- Алонсо 10 (не беше во топ 5)
- Леклер 11 (3.50)
- Саинц Јр. 17 (9.5)
- Хамилтон 26 (6)
- Расел 34 (11)
- Цунода, Сарџент, де Врис 1501
Луис Хамилтон за прв пат по многу години не е во топ 3 фаворитите за освојување на шампионската титула. Обложувалниците ги сметаат Фернандо Алонсо и Чарлс Леклер за главни ривали на Макс Ферстапен.
2023 Шампион - Возачи
- Ферстапен 1.22 (1.73)
- Алонсо 13 (не беше во топ 5)
- Леклер 13 (5)
- Перез 15
- Хамилтон 17 (4.5)
- Расел 34 (9)
- Саинц Јр. 51 (21)
- Цунода, Сарџент, де Врис 2001
Актуелните шампиони, тимот на Ред Бул се фаворити за освојување на шампионатот за конструктори. Нивниот главен ривал, според обложувалниците, сега е Ферари. Најмалку шанси за освојување на титулата има тимот на Вилијамс.
2023 Шампион - Конструктори
- Ред Бул 1.17 (1.95)
- Ферари 9 (4.33)
- Мерцедес АМГ 11 (2.70)
- Астон Мартин 15 (126)
- Алпин 251 (151)
- Мекларен 501 (151)
- Алфа Ромео 751 (751)
- АлфаТаури 1501 (1501)
- Хас 2001 (1501)
- Вилијамс 3001 (2001)
ШТО СЕ СЛУЧИ? ЗАГРЕВАЊЕ ЗА ВИКЕНДОТ ВО ЏЕДА
3/16/2023 11:07:00 AM
0
Share to other apps