Ред Бул доминираше на Големата Награда на Саудиска Арабија. Сите се израдуваа кога Макс Ферстапен имаше проблеми со погонската осовина за време на квалификациите и стана јасно дека ќе стартува од 15-тата стартна позиција.
Ферари веќе на втората трка од 2023 сезоната заработи грид казна за вградување на третата (од две дозволени) контролна екелтронија, т.е. компјутерот како центален дел кој управува со сите делови на погонската единица.
Леклер стартуваше од 12-тата стартна позиција, што исто така додаде интрига и надеж за многу борба на неделната трка. Патеката во Џеда изгледа импресивно ноќе, и веќе станува една од најомилените во календарот.
Формула 1 болидите се тркаат со неверојатна брзина, а близината на ѕидовите дополнително го покачува адреналинот.
Серџо Перез ја освои Пол позицијата, но го немаше Макс Ферстапен како конкуренција. Чарлс Леклер импресионираше со второто место, иако загуби десет места поради казна, а трет беше Фернандо Алонсо.
Доминацијата на Ред Бул изврши голем притисок врз многу тимови и нивните клучни инженери. Мерцедес АМГ, Ферари, Мекларен, т.е. речиси сите останати тимови на гридот и надвор од него, Ауди, можеби Андрети бараат да ангажираат искусни специјалисти.
Може да се каже дека Фернандо Алонсо беше во прв план и на оваа трка, со драмата која започна со неговото неправилно позиционирање на првиот стартен ред, преземање на водството во првиот свиок и заработена казна од 5 секунди.
Првите круга покажаа дека и болидот на Астон Мартин не може да се спротистави на Ред Бул, но за само неколку круга, Фернандо создаде доволно разлика пред Џорџ Расел, кој во тој момент возеше на третото место, за да може да биде безбеден и со добиената казна.
За да не биде крај на драматичната трка за него, при влегувањето во бокс за замена на гуми и издржување на казната од 5 секунди, во период на безбедносното возило, што беше предизвикано од дефект на болидот на неговиот тимски колега Ленс Строл, тој беше под истрага за неправилно издржување на казната.
Кога Шпанецот отслужуваше казна во боксот, механичарот задолжен за задната дигалка, ја намести веднаш под болидот спремна за акција по пет секунди. Ова беше пријавено до контролата на трката, и тоа најверојатно од најголемите "тужибаби" Мерцедес АМГ, како прекршување на правилата.
Две недели претходно, во Бахреин, Естебан Окон и Алпин беа казнети со 10 секунди за прекршување на процедурата за изджување на казна во бокс.
Стјуардите во овој случај се мислеа и мислеа се до завршување на трката и по прославата на подиумот решија да доделат казна од 10 секунди за Фернандо Алонсо, а пехарот за третото место му припадна на Џорџ Расел.
Но и тука не беше крајот на драмата, па Астон Мартин верувајќи дека не направиле ништо погрешно поднесоа приговор на казната со дополнителни видео докази. Стјуардите по мало размислување ја анулираа казната, па Фернандо повторно го доби назад 100-тиот подиум во неговата кариера.
Разјаснување на целата процедура се очекува пред Големата Награда на Австралија.
Во последниот круг Макс го зеде дополнителниот поен за најбрзиот круг, што предизвика незадоволство кај Мексиканецот. Тој беше изненаден зошто тимот не му кажал на неговиот тимски колега да престане да форсира кога беше загарантирана 1-2 Победата, а двата болида имаа мали проблеми.
На што се должат овие искри помеѓу двата возачи на Ред Бул не се знае со точност, но ако нема борба со други тимови, можеби тие ќе ја направат интересна новата сезона од Ф1 шампионатот.
Во Мерцедес АМГ, Расел имаше одличен викенд, уште еднаш пред Хамилтон. Луис на крај призна дека не може да најде пристап до овој болид. Тој го искористи тајмингот на безбедносното возило и да се префрли на побрзите жолти гуми, за разлика од сите околу него на побавните бели гуми, но остана без никаков напредок.
Возачите на Ферари загубија многу брзина во вториот дел од трката откако се префрлија на белите гуми, но и излегувањето на безбедносното возило не им одеше во прилог. Како и да е, Карлос Саинц Јр. призна дека моментално не се ни втор најбрз болид на патеката.
Тим од кој очекувавме многу е Мекларен, но тие имаа тежок почеток на сезоната, убедливо на последните места, што е неверојатно и шокантно остварување за сите поврзани со овој мотоспорт.
- Во 2024 година, трката во Џеда може да се одржи наесен;
- Ферари со подобрувања на задната амортизација за ГН на Австралија;
- Официјалната изложба на Формула 1 во Мадрид;
- Се гради Формула 1 патека во Атлантик Сити;
- Франц Тост: Ник де Врис дефинитивно ќе се подобри;
- Волф: Не треба да го критикуваме Ред Бул за победите;
- Мајк Елиот: Во Џеда ги оставаме возачите да се борат;
- Стела: Новите делови за трката во Баку изгледаат ветувачки;
- Дејмон Хил: Алонсо е најпаметниот човек во Формула 1;
- Пирели го потврди интересот за тендерот на ФИА;
- Бријаторе: Проблемите на Ферари почнаа одамна;
- Розберг: Тото Волф е најдобар тимски шеф;
- Фредерик Васер: Не успеавме да го отклучиме потенцијалот на SF-23;
- Ферари Ф1-2000 на Михаел Шумахер на аукција;
- Тимо Глок: Има премногу правила во Формула 1;
- ФИА објави тендер за набавка на гуми за Ф1, Ф2 и Ф3;
- Хамилтон: Никогаш не сум видел толку брз болид;
- Расел: Во споредба со Бахреин, направивме чекор напред;
- Ферстапен: Не сум тука за да бидам втор;
Целата збрка со казните по трката за ГН на Саудиска Арабија не оди во корист ниту на ФИА, ниту на Формула 1, и предизвикува огорченост кај фановите, па затоа ФИА реши да ги прилагоди правилата до следната трка од сезоната.
"Подоцнежната одлука на стјуардите да го слушнат тимот и да им дадат право на ревизија беше резултат на нови докази поврзани со дефиницијата на концептот "работа на болидот.""
"Претходно веќе имаше двосмислени преседани и во овој случај моравме да се осврнеме на нив, со оглед на конкретните околности на она што се случи. Затоа, ова прашање ќе биде разгледано на следниот состанок на Советодавниот комитет за спорт, кој ќе се одржи во четврток на 23 март, а ќе бидат дадени појаснувања пред Големата награда на Австралија."
"Овој отворен пристап, подготвеност да се преиспитаат одлуките и стремеж да се подобрат сите процеси е дел од мисијата на ФИА да го води шампионатот на фер и транспарентен начин“. (Засега нема официјални изјави на оваа тема.)
Мекларен најави голем број организациски промени во Формула 1 тимот и заминување од местото технички директор на Џејмс Ки.
Тимот повеќе нема да има позиција технички директор, а наместо тоа е формирана Техничка извршна група од тројца специјалисти, меѓу кои ќе бидат распределени должностите на техничкиот директор, а тие директно ќе одговараат на Андреа Стела, тимскиот шеф.
Техничката извршна група ги вклучува, Питер Продрому, кој ја доби функцијата Технички директор за аеродинамика. Давид Санчез ќе се врати во Мекларен од Ферари и ќе ја преземе функцијата технички директор за концепт и развој на болидот. Санчез ќе започне со работа на 1 јануари 2024 година.
Третиот член на Техничката извршна група е Нил Холди, кој беше назначен на новосоздадената позиција технички директор за развој на болидот.
Реорганизацијата е во тек веќе неколку месеци пред клучните инфраструктурни проекти на Мекларен. Покрај тоа, тимот постојано ангажира нов технички персонал и верува дека спроведената реорганизација ќе го зајакне тимот и ќе му обезбеди успешна иднина.
Во Џеда, како и во Бахреин, најбрзиот пит-стоп на трката го направија механичарите на Ферари, кои го сервисираа болидот на Чарлс Леклер за 2.10 секунди.
Вкупно, тимовите направија 24 пит-стопа за време на трката. Најбавен беше пит-стопот на Оскар Пјастри, кога го менуваше предното крило.
Во генералниот пласман, Ферари е лидер, а првите поени во сезоната ги освоија тимовите на Алпин, Мекларен и Хас. По две трки 4 од најбрзите 5 менувања на гуми им припаѓаат на механичарите на Ферари.
Порше и официјално се откажа од плановите да се приклучи на Формула 1 шампионатот во 2026 година. Германскиот производител и понатаму е заинтересиран за учество на шампионатот, но не планира да соработува со ниту еден од тимовите.
Порше ќе се фокусира на тековните спортски програми, вклучувајќи го фабричкиот тим во Формула Е и враќање во Ле Ман како дел од проектот 963 Hypercar.
Одлуката за повлекување од Формула 1 во 2026 година доаѓа откако преговорите за соработка со Ред Бул и Мекларен завршија без резултат. Идејата за создавање сопствен тим од нула во Порше беше напуштена поради превисоките финансиски трошоци.
Сепак, матичната групација Фолксваген ќе биде претставена во Формула 1 во 2026 година преку Ауди, која веќе купи 25% од акциите на Заубер и има намера да го зголеми својот удел на 75%.
Тимот Према го затвори последното слободно место за првата сезона од новиот женски шампионат - Ф1 Академија, објавувајќи договор со Марта Гарсија. Во последните три сезони, шпанската возачка се натпреваруваше во Формула Ж, каде што освои една пол позиција, една победа и имаше четири пласмани на победничкиот подиум.
Натпреварувачки во првата сезона од Ф1 Академијата се: Лена Булер, Кери Шрајнер, Клои Грант (ARTGP), Нереа Марти, Лола Ловинфос, Маите Касерес (Campos Racing), Амна Ал-Кубаиси, Хамда Ал-Кубаиси, Емили де Хеус (MP Motorsport), Бјанка Бустаманте, Клои Чонг, Марта Гарсија (Prema Racing),
Џесика Едгар, Аби Пулинг, Меган Гилкс (Roden Carling)
На почетокот од новата сезона, Фернандо Алонсо и Астон Мартин се позиционираа како најблизок ривал на Ред Бул.
Шпанецот заврши на третото место на двете трки од новата сезона, но со оглед на супериорноста на РБ19, Алонсо останува на ставот дека за да забележат победа ќе треба да чекаат на неуспех на австрискиот тим.
"Потребна ни е нивната помош. Ќе има некои патеки каде можеби издржливоста или што било друго ќе ни помогне и се надевам дека на тие трки ќе ја искористиме можноста за победа."
Правилата кои се однесуваат на турбото за 2026 ПЕ се разјаснети и според нив нема да биде дозволено таканареченото "сплит-турбо", односно одделна турбина и компресор.
Па, така, општоприфатеното решение турбината придвижувана од издувните гасови и турбината на компресорот да бидат во две посебни тела, споени со осовина, нема да биде дозволено според пропишаните ограничувачки димензии.
Правилата за 2026 година подразбираат многу ограничувања што се однесува до моторот, но ќе бидат дозволени повеќе слободи во однос на горивата, акумулаторите и електричните мотори.
ШТО СЕ СЛУЧИ? РЕАКЦИИ И НАЈНОВИ ВЕСТИ ПО 2023 ГН САУДИСКА АРАБИЈА
3/24/2023 01:16:00 AM
0
Share to other apps