Колку и да е непопуларно, но мора да се признае дека во новата сезона на Формула 1, барем засега, кристално е јасно кои се фаворитите за освојување на шампионските титули, Макс Ферстапен и тимот на Ред Бул.
По две изминати трки, само шест возачи имаат освоено поени во двете. Вкупно 14 од 20 возачи освоија поени, а меѓу десетте тимови само АлфаТаури и Мекларен немаат забележано поени.
Астон Мартин, Мерцедес АМГ и Ферари се борат да бидат втора сила со мала предност за "зелените". И конечно, многу блиска средина на табелата, поблиска од лани, од која тимот на Алпин се обидува да избега.
Австралија ќе ја направи малку појасна сликата за поредокот, иако никој не верува дека водството на Ред Бул е во опасност, дури ни директните конкуренти. Добриот почеток на сезоната на Фернандо Алонсо со Астон Мартин, и по два пласмани на подиумот, ги натера фановите да сонуваат за победата број 33 за шпанскиот возач.
Со исклучок на Астон Мартин, каде Фернандо Алонсо преовладува над Строл, помеѓу Леклер и Саинц Јр. се води битка, Луис Хамилтон знае дека има тврд орев во Расел и ова априори го фаворизира Макс Ферстапен, без разлика колку Серџо Перез сака да сонува за титулата.
Летечкиот Холанѓанец е чекор понапред од Мексиканецот и дополнително го има тимот во своја корист, дури и да не го кажат тоа, па дури и да го демантираат.
Во споредба со минатата година, ширината на излезот од боксевите е намалена на четири метри, а линијата што ја означува излезната линија од боксот сега се совпаѓа со втората линија на безбедносното возило.
Металните заштитни огради и гумите од левата страна во зоната на излетување при единаесеттиот свиок се обновени, нивната висина е еден метар. На левата страна на маршалската позиција 10.5 е направен нов излез за евакуација на болиди.
Во Мелбурн ќе имаме четири ДРС зони во 2023 година. Точката за детекција на разликата помеѓу болидите за првата и втората ДРС зона се наоѓа 40 метри по шестиот свиок.
Точката на активација на првата зона е 130 метри по маршалската позиција MS11 во делот помеѓу осмиот и деветтиот свиок, додека точката на активирање на втората зона е 100 метри по десеттиот свиок.
Точката за детекција за третата и четвртата ДРС зона се наоѓа на 90 метри пред тринаесеттиот свиок. Точката на активирање на третата зона е 30 метри по четиринаесеттиот свиок, а точката на активирање на четвртата зона е 30 метри по втората.
ПИРЕЛИ
На трката за Големата Награда на Австралија во Мелбурн, Пирели ќе ги донесе најмногу користените смеши во календарот, и тоа, C2, како бели, C3, како жолти и C4, како црвени гуми. Шефот на тркачкиот оддел на италијанската компанија објасни дека таквиот сет на пневматици ќе им даде на тимовите повеќе стратегиски опции.
Марио Изола: "Го направивме истиот избор на гуми како во 2019 година. По двегодишното отсуствод, минатата година направивме скок во смешите, избирајќи ги C2, C3, а потоа C5."
"На таа трка победи Чарлс Леклер со едно застанување за промена на гумите, при што сите тимови ги користеа белите и жолтите пневматици, додека црвените беа користени само за квалификациите."
"Викендов тимовите ќе ги имаат на располагање C2, C3 и C4, што значи дека имаат повеќе опции за трката во однос на стратегијата, барем на хартија."
"Очекуваме висок степен на еволуција на патеката во текот на викендот, како што е вообичаено случај во Мелбурн, додека енергетските потреби на гумите се приближно просечни за сезоната."
"Тоа е флуидна патека со свиоци кои се побрзи по минатогодишните модификации, кои допринесуваат за повеќе претекнување, како и за целокупниот спектакл."
РЕД БУЛ
Макс Ферстапен: "Со нетрпение очекувам повторно се тркам во Австралија, секогаш е убаво да се биде таму и малку да се доживее Мелбурн, иако од тркачка гледна точка, тој не е премногу љубезен кон нас низ годините."
"Патеката е одлична со неколку брзи свиоци, и една од оние на кои уживам во возењето, па се надевам дека ќе имаме добра трка овој викенд. На Алберт Парк не сме победиле како тим од 2011 година, па да видиме што можеме да направиме."
Серџо Перез: "Бев многу горд на тимот и нашиот настап во Џеда. Имав комплетен викенд и тоа беше една од моите цели оваа сезона, да бидам постојан во сите три дена."
"Но, зад нас се само две трки од сезоната и мора да продолжиме да притискаме за да се осигураме дека ќе продолжиме со овој одличен почеток на сезоната. Бахреин и Џеда се многу различни патеки една од друга и Австралија ќе биде уште еден предизвик за нас и овој болид."
"Имаме одлично темпо и работиме толку напорно заедно за да бидеме сигурни дека и нашата издржливост е тука. Имавме забавен почеток на 2023 година, но тоа нема да биде важно ако не го одржиме нашето високо ниво."
ФЕРАРИ
Чарлс Леклер: "Знаеме дека имаме многу работа, но имаме и јасна претстава за тоа што е потребно. Како што видовме, болидот е конкурентен во квалификациите, додека на трката губиме перформанси бидејќи болидот е чувствителен на променливи надворешни услови."
"Помеѓу оваа трка и следната во Азербејџан има три недели пауза. Од наша страна, мислам дека ќе биде важно да го искористиме максимумот од ова време за да го оптимизираме тековниот пакет и да развиеме надградби што ќе ни овозможат да го направиме потребниот чекор напред."
"Потребен ни е силен и конзистентен болид кој ќе ни овозможува нам возачите да притискаме во трката. Работиме во оваа насока и убеден сум дека во текот на сезоната можеме да успееме да ги постигнеме нашите цели."
Карлос Саинц Јр.: "Да не беше толку далеку, ќе доаѓав овде многу почесто. Целта за овој викенд е да се најде вистинскиот компромис помеѓу перформансите на квалификациите, кои беа прилично добри досега и нашето тркачко темпо, кое во првите две трки не ги оправда нашите очекувања."
"Среднорочната цел е да се развие SF-23 со поправање на слабите точки што ги идентификувавме. Очигледно, недостатокот на перформанси во трката влијаеше на нашите резултати и дефинитивно мораме да направиме чекор напред."
"Досега оваа сезона, нашите момци секогаш правеа многу добри пит-стопови, нашите стартови се подобрени, како и нашите стратегиски одлуки. Сите овие се важни елементи кои би можеле да се покажат корисни во текот на сезоната."
МЕРЦЕДЕС АМГ
Тото Волф: "Напредокот што го видовме во Саудиска Арабија беше охрабрувачки. Го максимизиравме пакетот што го имавме и освоивме солидни поени. Уште поважно, продолживме да учиме и да разбираме повеќе за W14 и нашата развојна насока."
"Сите во базата напорно работеа да ги претворат овие учења во перформанси. Знаците што ги гледаме назад во фабриката се ветувачки. Сепак, мораме да правиме чекор по чекор и нема да се занесеме додека не видиме перформанси на патеката."
"Поредок зад Ред Бул е тесен, со мали разлики кои имаат голем ефект врз освоените поени. Останува значителна разлика кон врвот и тоа е она што ние сме заинтересирани да го анулираме."
"Со нетрпение ја очекуваме Австралија. Тоа е земја со голема тркачка традиција, а фановите се супер страствени. Алберт Парк е патека со уникатни карактеристики, на кои ќе треба да работиме напорно за да се прилагодиме со W14."
"Како и секогаш, ќе гледаме да го максимизираме болидот што го имаме и да освоиме онолку поени колку што ни дозволува моментално нашиот потенцијал. Не сме таму каде што сакаме да бидеме, но тоа нема да не спречи да се тркаме и да дадеме се што имаме."
АЛПИН
Естебан Окон: "По тест сесијата и првите две трки, направивме заедничка анализа, јасно идентификувајќи ги областите каде што треба да се подобриме."
"Задоволен сум од плановите на тимот и наскоро ќе бидат готови нови делови, но сега сме фокусирани на претстојниот викенд, каде е важно повторно да освоиме поени со два болида."
"Трката во Австралија е една од омилените за возачите и тимовите. За време на тркачкиот викенд во Мелбурн секогаш владее посебна атмосфера, ние сме многу топло примени. Вреди долгото патување и големата временска разлика!"
"Конфигурацијата на патеката во Алберт Парк е доста интересна. Минатогодишните промени, според мене, ја направија уште подобра, зголемувајќи ги можностите за претекнување."
"Сè уште е тешка патека, и технички и физички, со многу промени во насоката при мали и големи брзини. Кога се подесува болидот, важно е да се обезбеди стабилност при сопирање, способност за активно напаѓање на рабниците и добра управливост."
Пјер Гасли: "Во Саудиска Арабија повторно завршив со Топ 10 пласман, па мојот почеток со тимот на Алпин е многу успешен, иако во Џеда очекувавме подобар резултат."
"Алберт Парк има одлична патека. Видовме како се однесува болидот на традиционалната патека во Бахреин, на брзата улична патека во Саудиска Арабија, а сега да видиме како ќе се одвиваат работите во Алберт Парк, на патека со различни карактеристики."
"Мелбурн има интересна, понекогаш прилично незгодна патека. Важно е што побрзо да се адаптирате за да постигнете добри резултати на крајот од викендот. Во Австралија немам освоено многу поени, време е да го поправам тоа."
МЕКЛАРЕН
Ландо Норис: "Со нетрпение очекувам да се вратам во Мелбурн за Големата Награда на Австралија. Во 2019 година, дебитирав во Формула 1 на оваа трка, а минатата година забележав поени на ажурираната конфигурација на патеката, за мене ова е специјален настан."
"По лошиот викенд во Џеда, со нетрпение чекав да се вратам во борбата и да напредувам. Ја посетив базата, работев многу со тимот, вклучително и на симулаторот. Очекуваме да се подобруваме со секоја трка и ќе направиме се за да постигнеме успешен резултат овој викенд."
Оскар Пјастри: "Среќен сум што доаѓам во Мелбурн на мојата домашна трка. Пораснав во предградијата на овој град и среќен сум што се враќам овде како возач на Формула 1."
"Атмосферата ќе биде одлична. Со нетрпение очекувам да се сретнам со моите фанови и фановите на Мекларен. Ќе ми биде првпат да настапувам на Алберт Парк и сигурен сум дека ќе имаме незаборавен настан. Времето во овој период од годината е многу променливо, па трката може да биде интересна."
Андреа Стела, тимски шеф: "Среќни сме што се враќаме во Мелбурн за Големата Награда на Австралија. Оскар го чека првата домашна трка во Формула 1, а имаме емотивна средба со сјајните локални фанови и надежта дека ќе ги забележиме нашите први поени оваа сезона."
"Последната трка остави измешани емоции. Бевме среќни кога Оскар стигна до Q3 во Џеда, но по првиот круг моравме да ги смениме предните крила на двата болида, што ја отежна борбата."
"Решени сме да го подобриме болидот, да извлечеме повеќе од него во текот на шампионатот. Сезоната е долга оваа година, ќе имаме шанси, вклучително и оваа недела на Алберт Парк."
"Ќе имаме три главни надградби на нашиот болид: прво во Баку, потоа подоцна, не сакам да прецизирам никаков датум, но секако ќе биде пред летниот распуст, а третата надградба после него."
"Се надеваме дека секој од овие чекори ќе ни овозможи да добиеме неколку десетинки и да ја постигнеме нашата цел да се вратиме во првите четири тима до крајот на сезоната."
АЛФА РОМЕО
Алесандро Брави, портпарол на Ф1 тимот на Алфа Ромео: "Со самодоверба пристапуваме кон трката во Мелбурн, знаејќи дека имаме се што е потребно за повторно да се бориме за поени."
"Го искористивме времето од Џеда за да разбереме како можеме да извлечеме повеќе перформанси од нашиот сегашен пакет. Згора на тоа, ќе имаме и некои нови делови на болидот, кои желни сме да ги оцениме, бидејќи тимот дома продолжува со напорите да извлече повеќе перформанси од C43."
"Имајќи ги предвид сите нешта, со нетрпение ја очекуваме Австралија, таа е модерна класика на Формула 1 и секогаш е посебно чувство да се биде таму. Фановите на Мелбурн Вок се одлична глетка и сите прават да се чувствуваме како дома, дури и на другата страна на светот"
Валтери Ботас: "Мислам дека не е изненадување што сакам да бидам овде во Австралија и до сега сите го знаат тоа!"
"Сметам дека ова е речиси домашна трка за мене, а минатиот викенд бев на фестивалот за моторспорт во Аделаида, каде што возев австралиски V8 и класичен туринг автомобил Алфа Ромео, така што веќе сум расположен за тркање."
"Навистина сум заинтересиран да забележам добар резултат за тимот на патека што ми се допаѓа и силно верувам дека нашиот болид има потенцијал да работи добро и да го оставиме зад себе тешкиот викенд што го имавме во Џеда."
"Видовме колку сите се блиску оваа сезона, но ако покажеме силен настап од самиот почеток на викендот, ќе можеме да се вратиме во игра за поени."
Џоу Гуанју: "Минатогодишната трка во Мелбурн беше една од моите омилени трки во сезоната и со нетрпение ја очекувам. Кинеската заедница е доста голема, и беше одлично да се почувствува нивната поддршка од трибините уште од првиот ден."
"По добриот настап во Бахреин, очекувавме повеќе од Џеда, но трката во Саудиска Арабија не ја разниша нашата верба дека сме способни повторно да се бориме на високо ниво во Мелбурн."
"Знаеме што треба да направиме за да освоиме поени. Имаме и некои новини за тестирање и уверени сме дека можеме да имаме успешен викенд."
АСТОН МАРТИН
Фернандо Алонсо: "Се упатуваме кон Австралија, чувствувајќи се добро со последователни пласмани на подиумот и се надеваме дека ќе се надоврземе на овие резултати овој викенд."
"Болидот се покажа доста добар на две различни патеки. Сепак, ние сме реални и знаеме дека за да продолжиме да бележиме добри резултати треба да се подобриме во сите области."
"Австралија е секогаш забавна трка и љубопитен сум да видам како патеката се разликува од претходните години. Ќе биде уште побрзо од минатата година и се надеваме дека ќе видиме повеќе претекнувања."
"Но, како и секогаш, квалификациите најверојатно ќе бидат клучни на Алберт Парк, затоа треба да се погрижиме да имаме силна сабота за да не ставиме во најдобра можна позиција за да освоиме што е можно повеќе поени."
Ленс Строл: "Беше разочарувачки да не се заврши трката за Големата Награда на Саудиска Арабија, па со нетрпение очекувам да се вратам на патеката во Австралија."
"Тоа е уште една многу различна патека од двете изминати за оваа сезона, што значи немаме некои очекувања. Ќе настапиме ден за ден."
"Алберт Парк е кул патека која забележително еволуира во текот на викендот. Особено ми се допаѓа многу брзата шикана каде се свиоците 9/10, каде е забавно да се вози."
"Самиот Мелбурн е одличен град кој уживам да го посетам. И фановите се одлични, па се надевам дека ќе им приредиме добро шоу."
ХАС Ф1
Гинтер Штајнер, тимски шеф: "Оваа година започнавме со јасна цел да ја подобриме нашата позиција во шампионатот за конструктори од минатата година. Но како што сите дознавме, сега има четири многу силни тимови и бодовите што се во игра не се многу."
"Освојувањето на поени е најголемата мотивација за тимот, ако бележиме поени, тимот е среќен и мотивиран да се движи напред кон следната трка. Тимовите од средниот ред се сите од П6 па надолу, нема никој поназад, па мора да ја искористиме секоја можност."
"Единственото нешто што треба да се направи во моментов е да се работи напорно и да не се прават грешки бидејќи тие ќе чинат скапо."
"Сите сакаат да доаѓаат во Мелбурн. Тоа е комбинација од повеќе нешта, прекрасни луѓе кои секогаш ни даваат големо добредојде, патеката е во градот, но не е улична трка, и тука е историјата."
"Никогаш нема да ја заборавам нашата прва трка во 2016 година, да стигнеме до Австралија и да се соочиме со сите проблеми што ги имавме затоа што многу е тешко за нов тим во Формула 1."
"За нас тоа е поттик за освојување на поени, секогаш кога одам таму се сеќавам на тој момент и за тимот и луѓето кои беа таму првиот ден. За нас секогаш е одличен начин да се вратиме на тоа место и да се потсетиме на убави спомени."
Кевин Магнусен: "Мислам дека промоторот направи прилично добра работа со новата конфигурација, но не знам дали е подобар, сепак навистина ми се допаѓаше старата патека. Имаше вистински карактер и сега е можеби малку слично на другите патеки на кои одиме."
"Но, таа стана побрза и пофлуидна што е забавно чувство во Ф1 болидот, но сепак малку повеќе ми се допаѓа старата патека."
Нико Хулкенберг: "Мелбурн е кул, живописно место и иако е големо патување за сите нас да стигнеме таму, секогаш е забавно да се патува и со текот на годините стекнав многу пријатели. Со нетрпение очекувам да се вратам."
"Патеката е малку изменета откако последен пат се тркав таму во 2019 година, има и многу ДРС зони, па со нетрпение очекувам да ги научам новите карактеристики на побрзиот Мелбурн."
"Потоа, следува долга пауза која не беше планирана, а тоа ќе биде добра можност да ги "свариме" првите три трки, да се прегрупираме и повторно да нападнеме. Мислам дека толку голема пауза рано во сезоната навистина не е она што би го посакале, но тоа е исто за сите."
АЛФАТАУРИ
Јуки Цунода: "Беше малку фрустрирачко по уште едно единаесетто место во Џеда, по истиот резултат во Бахреин, бидејќи бев толку блиску до освојување на поени. На нашиот болид повеќе му одговараше Џеда отколку Сакир."
"Ги знаевме ограничувањата на болидот, а тие се повидливи кога треба да се борите со други болиди во трката, бидејќи во таа ситуација ограничувањата се мултиплицираат. На правците немаме брзина, па бев задоволен што можев да издржам до последните четири круга во мојата битка со Магнусен. Уживав во борбата, беше добра забава."
"Овој викенд ќе ми биде втор пат да се тркам во Мелбурн. Ќе имаме одредени аеро надградби за оваа трка и мојот фокус ќе биде да дадам добри повратни информации на тимот. Ако работат добро, се надевам дека тоа ќе значи дека ќе можам да извлечам што е можно повеќе перформанси од болидот."
"Минатата година немав особено добар викенд во Мелбурн, но уживав во целокупното искуство да бидам во Австралија, во Мелбурн, каде атмосферата е навистина добра околу патеката."
Ник де Врис: "Мислам дека изминатите два тркачки викенди покажаа силни и слаби страни и генерално, но нашиот болид беше поконкурентен во Џеда. По трката бев критичен кон сопствениот настап и го мислев она што го кажав, мислам дека треба да се подобрам во тие сценарија."
"Доволно сме реални и паметни за да разбереме дека во моментов нема да се бориме за победи на трките, така што само бараме свои мали победи во рамките на шампионатот."
"Очигледно, како тим сакаме да бидеме погоре на гридот, па во Австралија ќе имаме некои нови делови, но невозможно е да се каже каков ефект ќе имаат на нашиот пласман, бидејќи и другите тимови се развиваат."
"Никогаш не сум бил во Мелбурн, никогаш не сум бил во Австралија, така што тоа ќе биде сосема ново искуство за мене. Како дете, секогаш се сеќавам дека го гледав Мелбурн бидејќи порано беше првата трка во сезоната."
"Би се разбудил многу рано за да ги гледам квалификациите и трката. Убаво е после сите тие години, да отпатувам сам во Мелбурн и да се тркам таму. Сите ми велат дека тоа е одлично место, па затоа сакам да го искусам сам."
ВИЛИЈАМС
Дејв Робсон, главен тркачки инженер: "По две вечерни трки на Блискиот Исток, настанот во Мелбурн означува враќање на дневните сесии. Времето може да биде променливо, можен е дожд, а голема е веројатноста да биде посвежо отколку на воведните трки."
"Патеката Алберт Парк беше изменета пред минатогодишната трка и има само мали корекции на патеката за 2023 година. Сепак, Логан никогаш не возел на оваа патека и, иако има комплетирано многу кругови во симулаторот, ништо не ја заменува праксата."
"Имаме неколку мали надградби што треба да ги пробаме овој викенд, а исто така ќе спроведеме некои дополнителни тестови за подесување во петок. Смешите на Пирели се исти како во Џеда, но различната конфигурација и површината на патеката овде ќе значи дека нивното однесување е малку поинакво. Сепак, тие треба да бидат добри гуми за овој настан."
Алекс Албон: "Имам одлични спомени од минатогодишната трка и сакам да доаѓам во Мелбурн. Тоа е одличен град и фановите создаваат неверојатна атмосфера. Изгледа дека можеби ќе имаме влажен викенд, па тоа ќе биде нешто на што ќе внимаваме, но со нетрпение го очекувам."
Логан Сарџент: "Навистина сум возбуден што доаѓам во Австралија за прв пат. Тоа е патека и место кое отсекогаш сум сакал да го посетам, па возбуден сум што сум овде во Мелбурн."
"Исто така, мислам дека тоа е уште една одлична можност за нас како тим да продолжиме да го градиме она што го направивме досега. Тоа е уште една предизвикувачка патека, но со нетрпение го чекам викендот."
Ауди ќе дебитира во Формула 1 во 2026 година, кога ќе стапат на сила новите технички прописи. Адам Бејкер, извршниот директор на Ауди Рејсинг, смета дека промената на регулативата ќе им даде можност да се борат за високи позиции уште од првата сезона.
"Во седумте месеци од нашата најава за учество, Формула 1 продолжи да расте и го привлече интересот на други производители. Со оглед на овој факт, ја донесовме вистинската одлука во вистинско време."
"Во споредба со другите производители кои влегоа во Формула 1 во изминатите 20 години, ги објавивме нашите планови доста рано. Работата на проектот започна во Нојбург во март 2022 година."
"Добро ни е познат обемот на задачата, но нашата предност е што ќе почнеме да се натпреваруваме во Формула 1 во првата година од новите регулативи. Во минатото во период на стабилни регулативи доаѓаа нови производители и поради тоа се наоѓаа во многу неповолна положба во однос на тимовите кои долго време се во шампионатот."
"Во 2026 година ќе се случат планираните промени поврзани со моторот и шасијата, спортот ги чека најсериозните промени во поновата историја. Затоа, дебитантите, ние, ако работиме добро, ќе имаме можност да бидеме на натпреварувачко ниво."
"Овој јануари почнаа да функционираат буџетски ограничувања за развој на погонските единици, кои ги почитуваат сите производители, вклучително и ние. Тоа ни дава исти шанси како и останатите."
ФИА ја зголеми ширината на стартната позиција за да се избегнат непотребни казни.
Во Бахреин, Естебан Окон не се намести прецизно на својата стартна позицијана гридот при што доби казна од пет секунди, а истиот прекршок го направи Алонсо во Џеда.
За да избегне непотребни казни, ФИА веќе во Мелбурн одлучи да ги направи ознаките дваесет сантиметри пошироки. Дополнително, обезбедена е централна линија за да му покаже на возачот каде треба да се наоѓа носот на болидот.
Трката во Мелбурн се одржува во незгодно време за европските фанови, па во Австралија се подготвени да имаат ноќна трка, но дури по неколку години.
Пол Литл, шеф на Австралиското Гран При: "Не би ја исклучил можноста за ноќна трка. Ако е можно, ќе видиме неверојатен спектакл кој ќе привлече уште поголемо внимание. Телевизиската публика ќе биде многу поголема доколку фановите можат да ја гледаат во живо во погодно време."
"Во моментов не можеме да направиме ноќна трка дури и да сакаме. Треба да најдеме средства, да инсталираме систем за вештачко осветлување. Но, ако одлуката биде донесена, за неколку години ќе можеме да ја спроведеме."
На почетокот на годината, ФИА го објави започнувањето на процесот на аплицирање за нови тимови кои ќе се натпреваруваат во Формула 1, почнувајќи од 2026 година.
Веќе неколку кандидати, Андрети Кадилак и Формула Еквал на Крег Полок, зборуваа за своите планови. Како што се дознава, до ФИА е поднесена уште една апликација од Оливер Оукс, чиј тим Хајтек е застапен во Формула 2 и Формула 3.
Проектот го носи кодното име H26. Покрај исполнувањето на формалните барања на ФИА, тимот веќе регрутира персонал и започна со работа во поранешниот воздушен тунел на Мерцедес АМГ во Силверстоун.
Сè уште не се финализирани техничките прописи за 2026 година, па тимот ја гради шасијата според сегашните правила. Ова е направено со цел да се изградат сите процеси на дизајнирање и производство, за да може веднаш да се започне со креирање на болид за 2026 година, кога ќе бидат донесени соодветните прописи, јуни 2024 година, и ако апликацијата за учество е одобрена.
Извори од тимот тврдат дека снабдувач со погонски единици ќе биде Мерцедес АМГ. H26 би можел да го добие статусот на Б-тим на Мерцедес АМГ. Што се однесува до персоналот, еминентни специјалисти веќе се приклучија на H26.
Предводник на проектот е Дејв Гринвуд, поранешен инженер на Ферари со долгогодишно искуство во Формула 1 и WEC трките.
Улогата на технички директор му припадна на Марк Смит, кој претходно работеше за Рено, Ред Бул и Катерам.
Кит Баркли (Рено/Ред Бул Рејсинг) е ангажиран како главен дизајнер, додека Џејмс Кнаптон, кој има работено за различни Формула 1 тимови, е шеф на одделот за истражување и развој.
Проектот моментално работи во старата база на Хајтек во Силверстоун, но Формула 1 тимот ќе биде сместен во новата зграда во Бичестер. Локалните власти наводно веќе издале одобрение за градба.
Изворите на финансирање на проектот не се именувани, но, според гласините, Оливер Оукс успеал да привлече нафтена компанија од ОАЕ како главен спонзор. Хајтек сè уште официјално не ги има коментирано плановите за учество во Формула 1.
Крег Полок во интервју за Си-Ен-Ен даде некои детали за својот проект: "Во Формула 1 не можете ништо да скриете и мора да бидете многу внимателни кога разговарате со некого. Но, морам да признаам: да, вистина е, аплициравме во ФИА."
"На проектот за создавање на нов Формула 1 тим работиме речиси четири години, а суштината на нашиот концепт е дека во таков тим треба да има 50% мажи и 50% жени. Со постоечки Формула 1 тим, ова би било исклучително тешко да се направи, па затоа е полесно да се создаде нов тим од нула."
"Секако, би било фантастично еден од болидите да биде управуван од жена возач, но реалноста е дека за ова треба да се освојат одреден број поени, па дури тогаш може да добие Супер лиценца на ФИА."
"Не можам да ветам дека ќе успееме веднаш, но внимателно го следиме успехот на жените во мотоспортот и се уште се надевам. Но, сакам сите да разберат: не се работи само за возачите."
"Во таков тим, жените треба да работат на сите нивоа, до раководството на компанијата. Во моментов сме во интензивни разговори со една од земјите од Персискиот Залив."
"Иако не можам да зборувам за тоа и да ги откријам сите карти, но ова ќе се случи многу наскоро. Само се надевам дека се ќе успее, бидејќи за ваков проект се потребни многу пари. Но, тоа ќе биде првиот Формула 1 тим кој ќе биде базиран надвор од Европа."
"Тој треба целосно да се создаде во една од земјите на Персискиот залив, нашата цел е токму оваа, а ова е долгорочен проект. Сакаме да создадеме услови жените да можат да работат во мотоспортот на највисоко ниво."
Според Ендрју Вестакот, извршен директор на промоторот на Големата награда на Австралија, трката во Мелбурн оваа година ќе се одржи во посебна атмосфера, бидејќи, прво, патеката во Алберт Парк слави 70-годишнина, а второ, на 2-ри април е роденден на Џек Брабам, легендарниот австралиски возач, трикратен шампион.
"Првата трка, наречена Големата Награда на Австралија, се одржа во 1953 година на патеката околу езерото Алберт, така што ја славиме 70-годишнината од неа. Покрај тоа, претстојната трка ќе се одржи на роденденот на Џек Брабам, па ќе ни се придружи и Лејди Маргарет, неговата вдовица, што е исто така убав момент."
"Одлично е што нашиот Ф1 договор е продолжен до 2037 година, бидејќи секогаш е добро кога иднината се гледа во толку долга перспектива. Луѓето можат да ги планираат своите кариери, можеме да ја обновиме патеката и одлично е за Мелбурн што успеавме да ја спасиме трката и да не дозволиме Сиднеј да ни ја одземе."
"Лани за четири дена настанот го посетија повеќе од 400 илјади гледачи, а само на денот на трката имаше 128 илјади. Но годинава, судејќи по бројот на продадени билети, ќе има уште повеќе луѓе. Изгледа в недела на трибините ќе се соберат 130 илјади навивачи."
"Добро е што овој викенд ќе го видиме не само настапот на Оскар Пјастри во Формула 1, туку и Џек Дуан во Ф2. Покрај тоа, во Ф3 има и млади австралиски возачи. Сето тоа ќе ни овозможи вистински наплив на фанови."
"Семејниот дом на Оскар е на само 10 километри од патеката, а картинг патеката каде што тренираше се наоѓа на 16 километри, па сето тоа е интересна приказна, а фановите едвај чекаат да го видат како ќе го вози болдиот на Мекларен."
"Според нашата статистика, кога има Австралијанец на стартниот грид, продажбата на билети се зголемува за околу 10%."
Овој викенд, поранешниот тркачки директор на ФИА, Мајкл Маси, привремено се врати во падокот на Ф1 како Претседател на Комисијата на шампионатот на австралиски суперавтомобили, која е една од трките за поддршка овој викенд. Појавувањето на Маси во падокот предизвика голем медиумски интерес.
Прелиминарната временска прогноза за Големата Награда на Австралија најавува облачно време со можни врнежи во деновите на тркачкиот викенд.
Во петок воздухот ќе се загрее до 19 степени, попладне е можна појава на врнежи од дожд. Во сабота и недела ќе се задржи облачно време и температури до 17 степени, со минимални шанси за врнежи од дожд.
Минатата година сите сесии се одржаа на сува патека.
Минатиот викенд, Стефано Доменикали, беше гостин на првата трка од МотоГП шампионатот во Португалија, каде даде сензацинална изјава дека ја поддржува идејата за откажување на тренинг сесиите.
Со оглед на тоа што Формула 1 во последно време експериментира со формати за тркачкиот викенд, ваквите зборови на Доменикали беа сфатени сериозно од повеќето медиуми.
Сепак, не станува збор за целосно отфрлање на петочните тренинг сесии, туку, раководството на шампионатот разговара за различни идеи за тоа како тренинзите би можеле да се модифицираат за да бидат порелевантни за тркачкиот викенд.
Конкретно, во Формула 1 се испитуваат предлозите за награди на возачите врз основа на резултатите од слободните тренинзи или дури и поени.
Пред трката за Големата Награда на Австралија овој викенд во Мелбурн, тимот на Вилијамс најави нов спонзор, крипто платформата Кракен.
Логото на компанијата ќе се појават на Хало-системот и задното крило на FW45 до крајот на оваа 2023 сезона, како и на тркачките комбинезони на возачите и тимските капи.
За време на партнерството, Кракен ќе произведува и содржини и искуства за да ги едуцира и ангажира фановите за вредноста и мисијата на крипто и Web3.
Обложувалниците објавија коефициенти за трката за Големата Награда на Австралија и шампионските шанси за возачите и тимовите.
Серџо Перез победи на претодната трка во Џеда, но обложувалниците го сметаат Макс Ферстапен за фаворит за Австралија. Мексиканецот е втор на листата, но со четири пати помали шанси за победата.
На третото место во рангирањето на обложувалниците е Фернандо Алонсо, кој сезонава двапати се искачи на победничкиот подиум.
Победа на Големата Награда на Австралија
- Ферстапен 1.33 (1.5, 2.25)
- Перез 5,5 (5)
- Алонсо 10 (10)
- Леклер 17 (11, 3.50)
- Хамилтон 29 (26, 6)
- Расел 34 (34, 11)
- Саинц Јр. 41 (17, 9.5)
- Сарџент, де Врис 2001
Во генералниот пласман на возачи Макс Ферстапен има поен предност во однос на Серџо Перез, но обложувалниците не се соменаваат дека Холанѓанецот ќе ја освои шампионската титула. Шансите затоа се 1.2 наспроти 10 за прва титула на Перез. На трето место на рангирањето е Фернандо Алонсо.
2023 Шампион - Возачи
- Ферстапен 1.2 (1.22, 1.73)
- Перез 10 (15)
- Алонсо 13 (13)
- Леклер 26 (13, 5)
- Хамилтон 29 (17, 4.5)
- Расел 51 (34, 9)
- Саинц Јр. 57 (51, 21)
- Пјастри, Албон, Цунода, Сарџент, де Врис 2501
Тимот на Ред Бул е фаворит за освојување на шампионатот за конструктори. Шансите за успех на Ферари и Мерцедес АМГ се идентични и поголеми од оние на Астон Мартин.
2023 Шампион - Конструктори
- Ред Бул 1.04 (1.17, 1.95)
- Ферари 19 (9, 4.33)
- Мерцедес АМГ 19 (11, 2.70)
- Астон Мартин 23 (15, 126)
- Алпин 501 (251, 151)
- Мекларен 1501 (501, 151)
- Алфа Ромео 1501 (751, 751)
- АлфаТаури 2001 (1501, 1501)
- Хас 2501 (2001, 1501)
- Вилијамс 3001 (3001, 2001)
ШТО СЕ СЛУЧИ: ЗАГРЕВАЊЕ ЗА ВИКЕНДОТ ВО МЕЛБУРН
3/30/2023 12:56:00 PM
0
Share to other apps