Чарлс Леклер ја има честа да биде инаугуралниот победник на првата Спринт престрелка во историјата на Формула 1.
Моначанецот ги победи Серџо Перез и Макс Ферстапен, и покрај тоа што сесијата ја заврши во заштитните бариери во неговиот последен брз круг, при тоа оштетувајќи го предното крило.
Сепак, првиот обид беше доволен за најбрзото време и старт од првата позиција на спринт трката која започнува во 15:30 часот по македонско време.
На првиот стартен ред друштво ќе му прави Серџо Перез, кој успеа да го победи својот тимски колега. Макс Ферстапен и Џорџ Расел спринтот ќе го започнат од вториот ред, додека Карлос Саинц Јр. и Луис Хамилтон од третиот.
Првиот SQ1 сегмент во историјата на Формула 1, возачите го започнаа со задолжителните жолти гуми и полн резервоар гориво за повеќе последователни кругови во текот на 12-минутната сесија. Тоа значеше дека најбрзите времиња беа забележани во последните секунди.
Чарлс Леклер беше најбрз во SQ1, сесија која заврши 25 секунди предвреме поради судирот на Логан Сарџент со заштитните бариери, по што беа развеани црвените знамиња.
Многу возачи беа на своите брзи круга и можеби немаше да испаднат, но настаните диктираа да бидат елиминирани двата болиди на АлфаТаури, како и двата болиди на Алфа Ромео. Пјер Гасли има далеку од идеален викенд со болидот на Алпин.
За SQ2, повторно задолжителни беа жолтите гуми, се беше слично на првиот сегмент од спринт престрелката, но овојпат сите можеа да го завршат последниот брз круг.
Овојпат, Макс Ферстапен го имаше најбрзото време, малку пред Леклер. Меѓу петте елиминирани, Логан Сарџент веќе беше надвор од сесијата по инцидентот во SQ1. Американецот беше придружуван од двата болиди на Хас, при што Естебан Окон ги подели двајцата нивни возачи и повторно Нико Хулкенберг пред Кевин Магнусен.
Оскар Пјастри беше единаесетти, за малку побавен од 10-от Ландо Норис, кој иако се пласираше во финалниот сегмент, не можеше да излезе да се бори поради тоа што немаше нов сет на црвени гуми, кои беа задолжителни за SQ3.
Значи, во SQ3 пресметката помеѓу најбрзите 10 возачи се одвиваше на задолжителните црвени гуми. На располагање имаа само 8 минути, така што сите се одлучија за стратегија од едно излегување со два брзи круга.
Прв обид до максимум, проследен со круг за разладување и последен брз круг во потрага по подобрување на претходното време, но веќе со еднаш употребени гуми. Да напоменеме дека за овој викенд црвените гуми се произведени од најмеката C5 смеша на Пирели.
Чарлс Леклер беше побрз од двајцата возачи на Ред Бул во првите брзи круга. При вториот обид, Моначанецот беше еден од последните што го започна кругот и во вториот сектор заврши во бариерите, оштетувајќи го неговото предно крило.
Од овој инцидент, единствен губитник беше Карлос Саинц Јр. кој мораше да намали и немаше шанси да се обиде да го подобри своето време.
Сепак, ниту Перез ниту Ферстапен не можеа да го победат времето на Леклер, но Мексиканецот го подобри своето претходно време и ја презеде втората позиција од Макс Ферстапен.
Џорџ Расел, беше четврти по брилијантниот последен круг, пред Саинц Јр., кој мораше да се задоволи со петтата позиција. Луис Хамилтон беше шести, пред Алекс Албон.
Болидите на Астон Мартин, повторно имаа проблеми со ДРС-системот, па тоа е една од причините што беа најбавни во SQ3, со Алонсо осми, пред Ленс Строл на деветтата позиција.
Ландо Норис беше десетти, бидејќи не можеше да учествува во финалето, поради тоа што немаше нов сет на црвени гуми на располагање.
ЧАРЛС ЛЕКЛЕР ПОБЕДНИК НА ИНАУГУРАЛНАТА СПРИНТ ПРЕСТРЕЛКА ВО ФОРМУЛА 1
4/29/2023 10:12:00 AM
0
Share to other apps