Карлос Саинц Јр. со Ферари беше најбрзиот возач на првиот тренинг за Големата Награда на Монако. Неговиот сонародник, Фернандо Алонсо, во болидот на Астон Мартин заостана три десетинки на второто место на табелата.
Луис Хамилтон го имаше третото најбрзо време со сериозно надградениот W14, додека фаворитот за висок пласман, Макс Ферстапен, немаше доверба во својот болид и само пласман на четвртото место.
Тренинг сесиите во Монако се секогаш многу важни, бидејќи на патека како оваа, од витално значење е да се изгради самодоверба круг по круг и колку повеќе време поминувате на патеката, толку подобро. Па така, сите возачи од самиот почеток излегоа во акција.
Двајцата возачи на Ферари и Ландо Норис беа единствените кои се одлучија за жолтите гуми во првите стинтови на патеката, додека сите останати ги избраа белите гуми.
Како и секогаш, во Монако е важно прецизното возење во непосредна близина на бариерите кои на ова место се буквално паралелно поставени со белата линија која го означува крајниот дел од патеката. Неколку возачи, помеѓу кои и Карлос Саинц Јр. имаа "адреналински" средби со заштитните бариери.
Сепак, кој ризикува, тој и добива! Шпанецот беше возачот кој што ја предводеше сесијата во нејзиното прво полувреме. Двата болиди на Ферари беа први и втори, се додека Хамилтон не излезе на патеката со жолтите пневматици на Пирели и го победи времето на Саинц Јр. за две десетинки.
Британецот се чувствуваше прилично удобно во почетните кругови, додека Џорџ Расел имаше недостиг на самодоверба во W14B и заостануваше над една секунда зад својот тимски колега.
Друг кој имаше проблеми со подесувањето на болидот беше Макс Ферстапен. Холанѓанецот побара промена на конфигурацијата преку тимското радио, бидејќи се плашеше да не доживее несреќа ако продолжи со истите поставки на RB19.
Фернандо Алонсо, еден од фавоитите во сенка, имаше мирен тренинг и во тие моменти заостана само 0.064 делови од секундата зад Луис Хамилтон.
Првиот тренинг не помина без црвени знамиња, бидејќи Нико Хулкенберг заработи дупната гума и акцијата беше прекината на неколку минути, поради остатоци од истата на шиканата на излез од тунелот.
Кога тренингот беше рестартиран имаше 15-тина минути до неговиот крај. Фернандо Алонсо ја искористи можноста да комплетира повеќе кругови и за една десетинка да го подобри времето на Хамилтон.
На патеката потоа излегоа и возачите на Ферари, па Карлос Саинц Јр. во неколку круга го подобруваше најбрзото време, додека Чарлс Леклер не можеше да го контролира својот болид на својата домашна патека и само петто најбрзо време.
На крај, Шпанецот во Ферари ја предводеше сесијата со три десетинки предност пред Фернандо Алонсо. Луис Хамилтон заврши на третото место, пред Серџо Перез. Макс Ферстапен имаше проблеми до последните мигови на тренингот, завршувајќи го со шестото најбрзо време.
Ландо Норис беше најдобар од останатите, пред Естебан Окон и Ленс Строл. Алекс Албон го комплетираше поредокот на најбрзите 10 возачи, но и беше причина за предвремен крај на сесијата, уништувајќи го својот Вилијамс по излетувањето на излезот од првиот свиок. Црвените знамиња беа развеани на три минути до крајот.
За почетокот на европскиот дел од сезоната, тимовите подготвија многу нови делови, но, по откажувањето на Големата Награда на Емилија-Ромања поради поплави, нивната евалуација започна во Монако, каде работата со нив може да биде незгодна.
Сепак, многу од нив ги монтираа на своите болиди, а првиот тренинг го посветија на собирање информации за да имаат одредено искуство следната недела во Барселона.
Конкретно, Мерцедес АМГ донесе сериозно надграден болид, со многу поголеми странични отвори за ладење и сериозно редизајнирана аеродинамика.
Но, и другите тимови ја искористија можноста да работат со нови производи со надеж дека ќе добијат поголема потисна сила, која е од клучно значење на улиците во Монте Карло.
ФЕРАРИ НАЈБРЗ НА ПРВИОТ ТРЕНИНГ ВО МОНТЕ КАРЛО
5/26/2023 12:46:00 PM
0
Share to other apps