Макс Ферстапен го забележа најбрзиот круг на петочните тренинг сесии за Големата Награда на Монако.
Холанѓанецот го победи Чарлс Леклер за 65 илјадити делови од секундата и Карлос Саинц Јр. за една десетинка. Фернандо Алонсо беше четврт најбрз и заостана само две десетинки.
Во иста секунда со лидерот имавме 14 возачи, што е разбирливо на најкратката патека во Ф1 календарот, но се надеваме дека борбата во квалификациите ќе биде блиска.
Како што беше и очекувано, многу возачи брзо излегоа на патеката кога светлото на семафорот стана зелено. Освен Ферари, сите стартуваа со жолти гуми и, патеката почна да се подобрува како што изминуваше времето.
Прво нападнаа возачите на Астон Мартин кои забележаа времиња од 1:14, но Макс Ферстапен прв успеа да подобри на 1:13.985. Чарлс Леклер не се снајдуваше баш најдобро пред домашната публика само со време од 1:15.036, но на белите гуми.
Макс Ферстапен во својот деветти круг на жолтите пневматици постави време од 1:13.'567, со што почна да ги "предупредува" своите ривали, но Саинц Јр. набргу потоа забележа 1:13.808 во својот десетти круг на белите гуми. Мерцедес АМГ, особено со Луис Хамилтон, беа многу блиску.
Но, се ова беа повеќе испитувања на можностите на болидите пред возачите да се префрлат на црвените гуми и нападнат со целосниот потенцијал и можности.
Фернандо Алонсо ја гледа оваа трка како најголема шанса за Победа на Астон Мартин, па беше нестрплив и прв ги проба најмеките и најбрзи гуми на Пирели. Шпанецот се искачи на првото место со време од 1:12.786.
Возачите на Мерцедес АМГ не успеаа да го подобрат времето на Фернандо во нивниот прв обид со црвените гуми, и двајцата заостануваа нешто повеќе од четири десетинки.
Карлос Саинц Јр. беше првиот возач што го победи времето на Алонсо, во својот седми круг на црвените гуми.
Возачите на Ред Бул излегоа подоцна од нивните ривали со најмеката смеша, и Макс Ферстапен уште во првиот круг го забележа најбрзото време, кое го подобри на 1:12.462 во својот петти круг на црвените гуми.
Чарлс Леклер, неколку минути подоцна, во својот осми круг на црвените гуми, се искачи на второто место со време од 1:12.527.
Имаше нешто помалку од 20 минути до крајот на тренингот и неколку возачи со зелени сектори, кога Карлос Саинц Јр. имаше удар во бариерите, сличен на оној на Леклер во Монако во 2021 година. Шпанецот во Ферари со предното десно тркало ја допре заштитната бариера во 15-от свиокот, ја уништи амортизацијата и заврши во заштитните бариери во следниот свиок.
Беа развеани црвените знамиња, а сесијата беше рестартирана со преостанати 12 минути, во кои немаше поголеми подобрувања на времињата. Со тоа, Макс Ферстапен го заврши вториот тренинг на врвот, следен од Леклер, Саинц Јр. и Алонсо.
Ландо Норис заврши на изненадувачка петта позиција, четири десетинки зад Макс, но пред Луис Хамилтон, Серџо Перез, Валтери Ботас и возачите на Алпин. Ленс Строл, не беше на ниво на својот тимски колега, исто така и Џорџ Расел.
МАКС НАЈБРЗ, ФЕРАРИ ПОВТОРНО ВО БАРИЕРИТЕ
5/26/2023 04:45:00 PM
0
Share to other apps