Оваа сезона требаше да биде најдолгата во историјата на Формула 1 со 24 трки, но по откажувањето на Големата Награда на Кина, останаа 23, а потоа следуваше откажување и на трката во Имола, па бројот се намали на 22.
Многумина веруваат дека 22 трки е апсолутен максимум, и две сезони по ред е невозможно да се надмине. Очигледно рекордот е одложен за следната сезона.
Големата награда на Монако го отвора европскиот дел од сезоната. Никогаш досега не се случило да гледаме пет последователни трки на градски патеки, но за се има прв пат.
По отварањето на сезоната во Бахреин, видовме акција на улиците во Џеда, Мелбурн, Баку и Мајами, но нема погламурозна и поконтроверзна трка во Ф1 календарот од таа во Монте Карло, па секој возач сонува да го освои Монако.
Најмалата грешка води до катастрофални последици, моќноста на погонската единица и аеродинамичната ефикасност речиси и да немаат ефект врз резултатот, бидејќи речиси да нема место каде може да се претекнува.
Повеќето тимови подготвуваа сериозни надградби за трката во Имола, бидејќи се одржуваше на стандардна патека, но по нејзиното откажување, скоро сите решија да го одложат дебито на новите делови во Барселона, каде што би било погодно да ги тестираат.
Единствено, во тимот на Мерцедес АМГ решија да го презентираат надградениот W14 за да имаат што повеќе податоци за новите елементи, пред трката во Барселона. Првичните впечатоци се повеќе од задоволителни, па изјавија дека болидот по прв пат се однесувал како тие сакаат, а не како што имаа обичај да кажат досега, како тој ќе одлучи.
Формула 1 се трка во Монте Карло од самите почетоци на шампионатот во 1950 година, кога инаугуралната трка ја освои Хуан Мануел Фанџо. Ова е најбавната патека во календарот, нема можности за претекнување, па исходот на трката во голема мера зависи од квалификациите и првиот свиок. Често се вели дека оваа трка се добива во сабота.
Очигледно, оваа сезона тешко некој да го победи Ред Бул. Адријан Њуи уште еднаш покажа дека е виртуоз кога е во прашање аеродинамиката, осмисли моќен ДРС-систем, но помага и моќната Хонда ПЕ.
Болидите на Ред Бул летаат покрај своите ривали, па ако имате таква предност во брзина тогаш стартната позиција не е многу важна. Сепак, Монако може да биде исклучок од ова правило, а тоа ќе го покаже Серџо Перез, кој ќе стартува од последниот ред.
На изминатите пет трки единствен победник беа возачите на Ред Бул, но во Монако ривалите имаат најголема шанса да им се спротистават, што во пракса го покажаа и вчерашните квалификации, кои беа едни од најинтересните и најблиските во борбата за Пол позицијата.
Дали за прекинување на доминацијата на Ред Бул ќе треба да чекаме со новата промена на правилата, која ќе се случи во 2026 година или пак порано, доколку на американските сопственици на Формула 1 им здосади доминацијата на еден тим.
Либерти Медиа продава возбудлива борба, правилата беа променети за да гледаме повеќе претекнувања, неверојатни битки. Тоа се случи, но само во борбата меѓу тимовите во средината на поредокот.
Но, најдобрите Ф1 инженери отсекогаш биле попаметни од прописите.
Концептот на RB19 е толку добар што не мора да трошат пари за негово надградување, и онака никој не може да ги победи оваа година. Како што беше во 2009 година со Браун ГП и двојниот дифузор.
Но, ако претходно богатите тимови имаа можност да развијат и изградат втора верзија на болидот во текот на сезоната, сега финансиската состојба на сите е приближно еднаква и кој прв ќе најде добитна комбинација, тој ќе ја добие главната премија.
Историјата на Формула 1 ни кажува дека отсекогаш се состоела од доминација на болиди, мотори, технички решенија... Тоа е сржта на Формула 1, и тоа е она што го прави овој шампионат да биде над сите останати мотоспортови. Така било и така треба да биде во Формула 1.
Она што Либерти медија треба да го направи е да не дозволи предолга доминација на еден тим, како што беше случајот со Мерцедес АМГ, а тоа најлесно се постигнува со радикална промена на правилата. Размислувањата од типот на стандардизирани делови води кон еднакви болиди, но тогаш тоа нема да биде Формула 1.
Големата Награда на Монако која се состои од 78 круга има тенденција да биде релативно едноставна од стратегиска гледна точка, како трка со едно застанување во бокс. Двете главни варијабли што ја регулираат стратегијата се безбедносните автомобили, честа појава во Монако и времето.
Постои голема веројатност за излегување на безбедносниот автомобил, бидејќи бариерите се толку блиску, така што тимовите имаат за цел да ги искористат тие моменти за "брз" пит-стоп. Проблемот е што овие моменти по природа се непредвидливи.
Најбрзиот начин во теорија би бил да се започне со жолтите гуми, а потоа трката да се продолжи на белите од 20-25 круг. Втора опција, која е помалку флексибилна во однос на прекин на трката, е трката да се започне со црвените, а потоа да се финишира на белите. Возможен е и обратен избор на пневматиците.
Марио Изола, Пирели: "Во Монте Карло бевме сведоци на едни од најспектакуларните и најнепредвидливите квалификациски сесии во поновата историја на Формула 1, која понуди тесна борба од првата до последната минута. Видовме дека разликите на оваа патека ќе бидат многу мали."
"Во Q1, првите 15 возачи беа во рамки на 0.652 делови од секундата, додека во Q2 имаше разлика од 0.469 секунди помеѓу првото и 10-тото место. Во Q3, ги имавме првите четири возачи, со четири различни болиди, разделени во интервал од само 0.188 секунди."
"Мора да им се честита на сите возачи, кои приредија одлично шоу возејќи ги своите болиди до нивните крајни граници.
Патеката значително еволуираше во текот на денот и во текот на секоја сесија, што додаде уште поголема неизвесност."
"Обично еден од најважните моменти на Големата Награда на Монако е сабота, но по интересните квалификации, едвај чекаме да видиме како ќе се одвива трката. Не очекуваме многу стратешки изненадувања, најдобарат опција е едно застанување во бокс, со белите гуми како главен избор."
"Сепак, со која гума да се започне трката е понеизвесно. Црвените гуми нудат поголем грип на стартот, но жолтите имаат поголема издржливост, а со тоа подобри шанси да се искористи максимумот од излегување на безбедносниот автомобил."
Во петок и сабота возачите работеа на сува патека, во недела голема е веројатноста да имаат идентични услови на патеката. Температурата на воздухот ќе се загрее до 22 степени со минимални 7% можност за врнежи за време на трката.
Астон Мартин ја потврди замената на подот на болидот на Ленс Строл, откако тој претрпел значителни оштетувања кога налета на остатоците од болидот на Ландо Норис, па тоа е една од причините што ќе стартува толку долу во поредокот.
По прегледот на инцидентот во Q3 сесијата од вчерашните квалификации, кога Чарлс Леклер ја намали брзината во тунелот, спречувајќи го брзиот круг на Ландо Норис, стјуардите на Големата Награда на Монако ги оценија неговите постапки потенцијално опасни и го казнија со губење на три стартни позиции.
Стјуардите ги слушаа возачите, претставници на Ферари и Мекларен, ги проучуваа сите достапни информации, вклучително и снимките од камерите на болидот.
Се испостави дека Леклер се враќал во својата гаража по неговиот последен обид, а Норис беше во брз круг и го стигна Леклер во тунелот, каде јасно го попречи.
Двајцата возачи се согласија дека Леклер можел малку да направи за да ја избегне оваа ситуација, со оглед на проблемите со видливоста во тунелот и тешкотијата за промена на лентата.
Покрај тоа, стјуардите забележаа дека Леклер реагирал сосема разумно кога видел дека маршалите му ги покажале сините знамиња, но веќе било доцна.
Сепак, откако ја анализираа радио размената помеѓу Леклер и неговиот инженер, стјуардите открија дека тимот не го предупреди возачот за приближувањето на болидот на Норис и тоа го направиле во последен момент, кога Мекларенот веќе беше зад Ферарито.
Згора на тоа, во претходниот дел од кругот, Леклер и неговиот инженер разговараа само за постигнатите времиња во Q3, а не и за ситуацијата на патеката, иако тоа е она што е важно во Монако.
Стјуардите веруваат дека Леклер имал можност да ги преземе неопходните мерки и пред да влезе во тунелот, доколку тимот навреме го предупредил за приближувањето на Норис.
Стјуардите, исто така, анализираа какви казни биле доделени на возачи кои направиле слични прекршоци во претходните години. Во сите овие случаи, акцијата или неактивноста на тимот не се сметаше за олеснителна околност.
Затоа, стјуардите се одлучија за казна во вид на губење на три стартни позиции.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА ГН МОНАКО
5/28/2023 11:13:00 AM
0
Share to other apps