Во Монте Карло, најбрзиот пит-стоп на трката го направија механичарите на Ред Бул, кои во 53-от круг го сервисираа болидот на Серџо Перез за 2.15 секунди, трет најбрз пит-стоп за оваа сезона.
"Ова беше најлошиот викенд на кој можам да се сетам... Се тргна наопаку и ја плативме цената за една моја мала грешка во квалификациите.", изјави огорчениот Серџо Перез по неделната трка. На минатогодишната трка во Монте Карло, тој го подигна победничкиот пехар, но овојпат не заврши ниту во бодовите.
Од другата страна на гаражата на Ред Бул, имаше вообичаенa прославa, бидејќи Макс Ферстапен ја оствари својата шеста победа сезонава и 39-та во кариерата во Формула 1, со што го престигна претходниот виртуоз од Ред Бул, Себастијан Ветел.
Досега во 2023 сезоната, Ред Бул победуваше на секоја трка, а Макс Ферстапен застана на највисокото скалило во Монако по втор пат, а неговата прва победа дојде во 2021 година.
"Сепак, тоа беше многу тешка трка", резимираше двократниот шампион. Стартувајќи на жолтите, Ферстапен мораше да ги менаџира гумите за да може да го покрие Фернандо Алонсо на белата смеша.
Тешки се покажаа и првите кругови по врнежите од дожд. Сепак, не толку незгодни како што беше за Фернандо Алонсо: Астон Мартин прво се коцкаше со жолтите на влажниот асфалт во Монте Карло.
Макс имаше и неколку критични моменти: "Па неколку пати ги допрев бариерите, но, ова е Монако. Кога имаш толку голема предност, не сакаш да ризикуваш премногу, но исто така не сакам да бидам претерано внимателен."
Воодушевен од резултатот беше и шефот на тимот, Кристијан Хорнер: "Победата овде е секогаш многу посебна. Ова е трета последователна победа за Ред Бул во Кнежевството и вкупно седма во Монте Карло."
Серџо Перез имаше многу лоша трка, два пати беше претекнат од Макс Ферстапен, имаше контакт со болидот на Ленс Строл и го уништи предното крило еден круг подоцна во судир со задниот дел на болидот на Кевин Магнусен.
Мексиканецот мораше повеќе пати да влезе во бокс за промена на гумите и за поправки. Во овие околности, не беше возможен пласман повисоко од 16-то место. Горчлив кикс во битката за шампионската титула, во која Перез сега има 39 поени заостанување од Ферстапен.
"Се уште имам надеж, но не можам да си дозволам уште една нула!"
Позитивната страна е тоа што едно од петте застанувања на Перез во боксот беше најбрзо на трката, при што никој не можеше да ги менува гумите побрзо од механичарите на Ред Бул, со време од 2.15 секунди.
Како резултат на тоа, механичарите на Ред Бул ја обезбедија наградата за најбрз пит стоп на DHL во Монако, трета во тековната сезона. Останатите три награди му припаднаа на Ферари, кој беше најблиску и на оваа трка со најбрз пит-стоп од 2.24 секунди за Чарлс Леклер.
Вкупно, тимовите направија 37 пит-стопа во текот на трката. Најдолг беше тој на Хас во 56-от круг, кога нивните механичари мораа да го сменат носот на болидот на Кевин Магнусен.
Пол позиција, победа и најбрз пит-стоп за многу успешен викенд за Ред Бул. Во генералниот пласман, Ред Бул се доближува до Ферари, но засега останува втор. Најдобрите четири тима останаа исти, а по нив се механичарите на АлфаТаури пред Мекларен и Астон Мартин до седмото место.
ПОБЕДА ЗА РЕД БУЛ, СЕРЏО ПЕРЕЗ НАЈГОЛЕМ ГУБИТНИК
5/30/2023 12:38:00 PM
0
Share to other apps