Тимот на Ред Бул објави дека нивниот поранешен главен дизајнер, Роб Маршал, ќе го напушти тимот на крајот на 2023 година, по речиси две децении како член на техничкиот оддел на тимот.
Роб Маршал ќе се повлече од сегашната улога со моментален ефект и ќе се приклучи на Формула 1 тимот на Мекларен следниот јануари, каде што ќе стане главен технички директор на инженерскиот и дизајн оддел, слична улога што ја имаше во Ред Бул од 2006 до 2016 година.
Роб Маршал ќе се приклучи на Мекларен на 1 јануари 2024 година. Оваа улога ќе биде во рамките на Техничкиот извршен тим на Ф1 тимот, заедно со Питер Продрому и Давид Санчез, директно одговорајќи на Андреа Стела, тимскиот шеф на Мекларен.
Роб ќе биде поддржан од Нил Холди, кој ќе ја добие новосоздадената улога на заменик технички директор на инженерство и дизајн. Двајцата заедно ќе треба да ги проценат и воспостават највисоките технички стандарди, потребни за дизајнирање победнички Ф1 болиди.
Приклучувајќи се на Ред Бул од Рено, по значајните промени во регулативата во Ф1, работата на Роб на RB5 му помогна на тимот да дојде до своите први победи во 2009 година.
Тој одигра клучна улога во она што се покажа како извонреден период на доминација за младиот тим бидејќи освои четири последователни двојни титули во шампионатите на возачи и конструктори помеѓу 2010 и 2013 година.
Во 2016 година, по една деценија како главен дизајнер, Маршал ја презеде новосоздадената позиција Главен директор за инженерство.
Оддавајќи му почит на времето на Роб во тимот, тимскиот шеф и извршен директор на Ред Бул, Кристијан Хорнер рече: "Би сакале да му се заблагодариме на Роб за сè што направи за тимот во изминатите 17 години. Неговата работа на генерацијата болиди што ни донесоа четири неверојатни двојни шампионски титули помеѓу 2010 и 2013 година беше навистина извонредна."
"Во 2016 година ја презеде пошироката улога на главен директор на инженерскиот оддел со што се вклучи и во други проекти надвор од Ф1 тимот. Неговото влијание ќе недостига, но уште еднаш му благодариме за сето она што го направи и му посакуваме се најдобро во неговата нова улога."
Андреа Стела, тимски шеф на Мекларен: "Неверојатно сум задоволен што Роб ќе му се приклучи на Мекларен. Со повеќе од 25 години работа во мотоспортот, Роб доаѓа кај нас со богато искуство и стручност, добиено за време на неговиот претстој во тимот на Ред Бул."
"Назначувањето на Роб е еден од основните чекори за патувањето на тимот кон победнички патеки. Ние сме тим со шампионски амбиции, но во последните неколку сезони не покажавме нагорен тренд од гледна точка на конкурентност на патеката."
"Во текот на последните неколку месеци, работевме да се вратиме кон овој тренд. Пристапот што го усвоивме е сеопфатен и се заснова на зајакнување на тимот од гледна точка на луѓе и експерти, заедно со тековните проекти за надградба на технологијата и инфраструктурата што наскоро ќе се реализираат."
"Додавањето на врвен и вешт поединец како Роб дополнително ќе ја консолидира нашата способност да воспоставиме највисоки технички стандарди во Мекларен и да бидеме во состојба да дизајнираме победнички Ф1 болиди. Со нетрпение очекуваме да му посакаме добредојде на Роб во блиска иднина."
МЕКЛАРЕН ГО КРАДЕ РОБ МАРШАЛ ОД РЕД БУЛ
5/30/2023 08:52:00 PM
0
Share to other apps