Луис Хамилтон беше најбрз на вториот тренинг за Големата Награда на Канада, а Џорџ Расел обезбеди 1-2 пласман за Мерцедес АМГ.
Карлос Саинц Јр. беше трет, а Фернандо Алонсо го обезбеди четвртото место во сесијата која беше продолжена за половина час по дебаклот со надзорните камери на првиот тренинг.
Како последица на тоа втората тренинг сесија започна половина час пред предвиденото. Од ФИА потврдија дека работата на камерите на патеката е завршена, проблемот е привремено решен и имаат резервен план во случај да се повторат некакви тешкотии.
Состојбата на асфалтот на патеката Жил Вилнев дополнително ќе се подобрува со секоја измината сесија, па многу од возачите се пожалија на недостаток на грип и вообичаените проблеми со нерамнините кои никако не одговараат на супер-цврстата амортизација на болидите од новата генерација.
Прогнозата најавуваше дожд, па сите се обидоа да ја исполнат зацртаната програма. Немаше проблеми со до 30-тата минута, кога по прв пат беа развеани црвените знамиња, кога Нико Хулкенберг мораше да го паркира својот Хас на стартно-целната рамнина.
Од болидот излегуваше густ облак од чад, а маршалите мораа да дејствуваат со ПП апарати. Сесијата беше продолжена осум минути подоцна.
Неколку минути подоцна, црвените знамиња повторно се појавија кога на излезот од деветтиот свиок, Естебан Окон, по команда од боксот, го запре болидот. Миг пред тоа, Цунода, по грешка при сопирање, излета во првиот свиок, но без никакви последици.
Во последните моменти од сесијата поради силниот ветер гледавме неверојатни сцени на патеката. Прво, болидите се движеа низ голема концентрација на "памукчиња" од околните тополи, кои на забавените снимки изгледаа како снегулки.
Тоа беше најава на силниот дожд кој за среќа дојде на само пет минути до крајот на сесијата. Временската прогнозата најавува дожд и за утрешниот ден на патеката Жил Вилнев. Ако се случи тоа, ќе биде интересно...
МЕРЦЕДЕС АМГ СО НАЈБРЗИТЕ ВРЕМИЊА НА ПЕТОЧНИТЕ СЕСИИ
6/16/2023 10:11:00 PM
0
Share to other apps