Макс Ферстапен доминираше на квалификациите за Големата Награда на Канада и покрај променливите услови. Холанѓанецот ја забележа својата 25-та Пол позиција во Формула 1, пред изненадувањето на денот, Нико Хулкенберг, кој ќе му прави друштво на првиот стартен ред. Фернандо Алонсо беше трет најбрз, пред возачите на Мерцедес АМГ.
Ниту дождот не може со Ферстапен. Актуелниот шампион имаше убав дуел со Фернандо Алонсо во текот на квалификациите, но иако Шпанецот даваше се од себе, немаше можност да се бори за првата стартна позиција.
Во Q3 со многу деликатни услови, разликата помеѓу Ферстапен и Алонсо беше две десетинки во првиот обид, но Холанѓанецот комплетираше втор последователен круг, додека Алонсо не можеше, црвеното знаме беше побрзо за неколку секунди и сакаше Хас да биде на првиот ред.
На крајот, додека траеше црвеното знаме, дождот се засили и веќе беше невозможно да се подобрат времињата. Возачите на Мерцедес АМГ го комплетираа Топ 5 пласманот, а Карлос Саинц Јр. ќе ја чека одлуката на стјуардите по само осмото најбрзо време.
Кога дождот е присутен, секогаш има доза на среќа во одредување на гридот. Чарлс Леклер и Серџо Перез, изгубени во променливите услови и не успеаја да се пласираат во последниот сегмент од квалификациите.
За разлика од други некои патеки, во Монтреал може да се претекнува, па резултатите од квалификациите не влијаат премногу за конечниот пласман на неделната трка. Во последните десет години само еднаш Победил возачот кој стартувал од Пол позицијата.
Во Q1 сесијата, сите возачи излегоа на интермедија зелените гуми на Пирели. На патеката немаше премногу вода, дождот за кратко престана. На самиот почеток, Џоу Гуанју се пожали на губење на моќта на Ферари ПЕ во неговиот болид на Алфа Ромео, едвај се движеше по патеката, а потоа целосно застана, паркирајќи се покрај патеката.
Веднаш беа развеани црвените знамиња. Возачите мораа да се вратат во боксот. Ник де Врис ги блокираше тркалата на влажната патека и излета во првиот свиок, но успеа да се врати на патеката.
Карлос Саинц Јр. го спречи Пјер Гасли во брз круг. Французинот беше лут и повика на дисквалификација на возачот на Ферари за ваквите постапки, инцидентот го разгледуваа стјуардите по квалификациите.
Асфалтот постепено се сушеше, резултатите се подобрија, но возачите останаа на интермедија гумите. Најбрзиот круг беше за Макс Ферстапен, а од понатамошната борба отпаднаа Јуки Цунода, Пјер Гасли, Ник де Врис, Логан Сарџент и Џоу Гуанју.
Во Q2 сесијата, асфалтот беше доволно сув за да може да се искористат гумите за суво време, но многу возачи повторно излегоа на интермедија гуми. Ленс Строл, и на нив се изврте во шестиот свиок, но продолжи, враќајќи се во боксот за да се провери неговиот болид.
Првиот кој се одлучи за црвените гуми беше Алекс Албон, на патека каде имаше ситен дожд само крај 10-от свиок. Карлос Саинц Јр. повторно речиси застана на патеката, овојпат спречувајќи го Албон. Нема да биде изненадување ако биде казнет и со повеќе од три стартни позиции, по сличниот инцидент и на саботниот тренинг.
Хаосот во тимот на Ферари беше неверојатен. Целосна десинхронизација и кај возачите и кај целокупниот персонал. Прикажаа нов зголемен аматеризам во нивната работа.
На Леклер му беше покажано црно-бело знаме затоа што не ги следеше упатствата на тркачкиот директор во врска со почитување на границите на патеката и безбедно враќање на истата. На крајот од сесијата дождот се засили, фиксирајќи ги резултатите.
Најбрзо време го забележа Алекс Албон, кој имаше најмногу време да ги доведе во работна температура црвените гуми за суво време. И други се обидоа да копираат, но тоа го направија многу доцна.
Од понатамошната борба отпаднаа: Чарлс Леклер, Серџо Перез, Ленс Строл, Кевин Магнусен и Валтери Ботас.
Во финалето, Q3 сесијата, сите возачи побрзаа на патеката, очекувајќи влошување на временските услови, како што најавуваше прогнозата. Тие веќе не беа многу добри, сите возачи повторно ги избраа зелените гуми за првиот брз круг и да имаат забележано време.
Тие што имаа можност да комплетираат повеќе од два круга имаа и добри времиња. Следуваше излетување и судир со бариерите на Оскар Пјастри, што доведе до нов прекин на квалификациите.
Возачот му се извини на тимот, но тоа не им помогна на останатите возачи, кои мораа да го прекинат брзиот круг и да се вратат во боксот.
За време на паузата, интензитетот на дождот значително се зголеми, возачите повторно излегоа на интермедија гумите, но веднаш се виде дека никој нема успее да ги подобри резултатите.
КАЗНИ
Стјуардите на Канадското ГП го казнија Карлос Саинц Јр. со губење на три стартни позиции за неделната трка.
Возачот на Ферари беше прогласен за виновен за блокирање на Пјер Гасли во првата квалификациска сесија. Така Саинц Јр. наместо на П8 ќе стартува од П11.
Благодарение на неговата казна, Оскар Пјастри, Алекс Албон и Чарлс Леклер напредуваа за една позиција на гридот.
Стјуардите на трката за ГН на Канада го казнија Јуки Цунода со губење на три места на стартот поради блокирање на Нико Хулкенберг за време на квалификациите и на крајот ќе стартува како 19-ти.
Казна од три позиции заработи и Ленс Строл затоа што го блокирал Естебан Окон во свиокот 8 за време на квалификациите за Големата Награда на Канада. Така, Строл од П13 паѓа на шеснаесеттата стартна позиција, зад Кевин Магнусен, Валтери Ботас и Пјер Гасли.
Нико Хулкенберг се квалификуваше како втор во Монтреал, но ќе стартува само петти поради изречената казна од три позиции. Стјуардите му замеруваат затоа што не успорил доволно под црвени знамиња.
Обично во таква ситуација возачот губи десет места на стартот, но стјуардите земале предвид дека Хулкенберг се обидел да успори што е можно повеќе и бил збунет од звучните сигнали што ги примил, мислејќи дека е премногу бавно.
Важно е дека во ниту еден момент неговата брзина не била преголема.
МАКС ДОМИНАНТЕН, СЕЗНАЦИОНАЛЕН ПРВ РЕД ЗА НИКО И ХАС
6/17/2023 09:27:00 PM
0
Share to other apps