Ред Бул повторно ги депримираше своите ривали со недостижен 1-2 пласман на првиот тренинг за Големата Награда на Шпанија. Макс Ферстапен беше најбрз, седум десетинки пред Серџо Перез.
Значи, двата болиди на Ред Бул завршија на врвот, Окон на третото место, изненадувачки Де Врис четврти и Пјер Гасли петти во она што изгледа како добар почеток за Алпин.
Фернандо Алонсо беше шести со добар последен круг, пред Кевин Магнусен и Ферарите на Леклер и Саинц Јр.. Џорџ Расел го заокружи Топ 10 пласманот.
Каталуња оваа година ја промени конфигурацијата. Должината на еден круг е намалена за 18 метри, поради елиминација на финалната шикана, а со тоа и бројот на свиоци е намален од 18 на 16. Всушност, патеката се врати во првобитната конфигурација, која последен пат беше користена во 2006 година.
Се ова е направено со цел да се зголеми бројот на претекнувања, но истата цел беше поставена и пред 17 години кога се изгради шиканата пред финалниот свиок. Кој ќе биде крајниот резултат ќе дознаеме по неделната трка.
Интересно, не само во Мерцедес АМГ и Ферари, туку и во Ред Бул, возачите се жалеа на потскокнување на болидот во последниот свиок, па останува прашањето дали тоа е последица на поголемата брзина или пак нерамнини на патеката, кои не се почувствуваа во конфигурацијата со шикана.
При крајот од сесијата, Гасли имаше контакт со болидот на Сарџент при претекнување, но и двајцата возачи продолжија да се движат.
На денешните тренинг сесии, секој возач ќе добие два дополнителни тест сета на пневматици за тестирање и евалуација. Првично, тие беа планирани да се користат во следната 2024 сезона, но со оглед на зголемениот стрес на гумите поради зголемените брзини и поголемата потисна сила, Пирели реши да се префли на новите гуми оваа сезона, почнувајќи од Големата Награда на Британија.
Во Монако се зборуваше за надградбите на Мерцедес АМГ, во Шпанија сите погледи се кон болидот на Ферари, тим кој своите нови делови се реши да ги промовира на патеката Каталуња.
Но, за денешните петочни тренинг сесии, новите елементи ќе бидат монтирани само на еден болид. Карлос Саинц Јр. прв ги тестираше, додека Чарлс Леклер возеше со болид во претходната конфигурација, што им овозможи на инженерите да добијат компаративни податоци. На крај на првата сесија Карлос Саинц Јр. беше зад Чарлс Леклер.
SF-23 доби нов капак на моторот, повисоки странични отвори за ладење, задно крило и редизајниран под.
Во Ферари се надеваат дека овие иновации ќе го оптимизираат протокот на воздух околу задниот дел на болидот, а во исто време позитивно ќе влијае на работата на системот за ладење.
Веднаш им падна во очи на многумина дека Ферари, кога ги развиваше овие нови делови, реши да позајми некои од идеите отелотворени во многу брзиот болид на Ред Бул.
Тимот од Милтон Кејнс, исто така, претстави нови елементи во Барселона, RB19 доби малку подобрен под со изменета конфигурација на рабовите, како и нов дифузер. Како што е нагласено од Ред Бул, тие црпеле инспирација од анализата на дизајнот на овие елементи на ривалските болиди, што е љубопитно на свој начин.
Мерцедес АМГ ги претстави главните иновации уште во Монако, но значително надградениот W14 има и мали промени за Каталуња. Горниот дефлектор исчезна од куќиштата на ретровизорите. Тоа е направено за да се подобри квалитетот на протокот насочен кон задниот дел на болидот.
Дифузорот исто така беше донекаде редизајниран, ваквите модификации секогаш се насочени кон зголемување на ефикасноста на овој најважен елемент на аеродинамичноста на болидот.
Мекларен MCL60 има нови канали за ладење на предните сопирачки.
Астон Мартин продолжува да го усовршува својот веќе прилично брз AMR23 со малку поинакви завршни плочи на предното крило на болидот, што влијае на протокот околу предните гуми.
Во согласност со тоа, променето е и предното крило, но во текот на тренинзите тимот ќе направи компаративна анализа на ажурираната и претходната верзија, по што ќе се донесе одлука која ќе се користи во сабота и недела.
Има одредени промени и на завршните плочи на задното крило, како и крилцата под задното крило. Две верзии на овие елементи исто така ќе бидат тестирани на тренинг сесиите.
Задното крило е ажурирано на болидите на АлфаТаури. Тимот се надева дека на патека како Каталуња, тоа ќе помогне да се зголеми нивото на потисна сила што го создаваат аеродинамичните елементи во оваа област на шасијата.
Вилијамс објави дека FW45 има измени на предното крило, како и на капакот на моторот за да ја подобри ефикасноста на ладењето.
Алпин, Алфа Ромео и Хас не подготвија нови делови/елементи за трката во Шпанија.
ЛЕТЕЧКИОТ ХОЛАНЃАНЕЦ ЛЕТАШЕ НА КАТАЛУЊА
6/02/2023 02:56:00 PM
0
Share to other apps