Кога Фернандо Алонсо ја напушти Формула 1, Шпанија речиси остана без трка врвниот мотоспорт, посетеноста опадна, а организаторите немаа пари да го продолжат овој настан, но прво помогнаа локалните власти, а потоа поради пандемијата, Формула 1 немаше избор и Големата Награда на Шпанија остана во календарот.
Годинава трибините повторно ќе се наполнат, Алонсо е во одлична форма и постојано завршува на победничкиот подиум, додека Карлос Саинц Јр. засега не се претставува така добро, но пред домашните фанови успеа да се избори за старт од првиот ред.
Обично трката во Барселона не е најспектакуларна, но им овозможува на тимовите добро да ги проценат планираните надградби на своите болиди.
Каталуња се смета за референца за проценка на ефикасноста на болидите, вклучува различни типови на свиоци, од бавни, каде е важен механичкиот грип, до оние кои се поминуваат со голема брзина. Ако болидот е брз во Барселона, тој обично е конкурентен и на повеќето други патеки.
Повеќето бавни свиоци во Барселона се леви, повеќето брзи свиоци се десни. Оваа карактеристика на патеката води до фактот дека гумите на левата страна се истрошуваат побрзо, а на десната страдаат од недоволно загревање.
Оваа година, конфигурацијата се промени, беше одлучено да се напушти шиканата додадена во 2007 година пред последниот свиок. За да се обезбеди безбедно поминување на последниот сектор без шиканата, неопходно беше да се зголемат безбедносните зони покрај свиоците 13 и 16.
Успехот на трката зависи од вештините на возачот за сплотување со неговата "машина" и наоѓање на оптималните поставки, секако со помош на своите инженери, за што поефикасен болид. Колку поголема потисна сила, толку е подобар резултатот.
По четврти пат во историјата на Формула 1, сезона започна со шест последователни победи за истиот тим. Пред тоа, таква серија имаше Мекларен, 11 победи по ред во 1988 година, а Мерцедес АМГ двапати, 8 победи во 2019 година и 6 во 2014 година.
Импресивната брзина и издржливоста на РБ19, плус неверојатната форма на Макс Ферстапен, наспроти проблемите на Мерцедес АМГ и Ферари, кои сега се инфериорни и во однос на Астон Мартин, едноставно не им оставаат шанса на ривалите. Засега, Ред Бул едноставно нема конкуренција.
Ред Бул да не победи на трката, може да биде само поради проблеми со издржливоста или сплет на околности.
Алонсо го освои второто место во Монако, но, се е релативно. Од една страна, успехот на Астон Мартин се должи на неуспехот на Мерцедес АМГ и Ферари, од друга страна, Фернандо сега е едноставно величенствен. Во оваа форма тој би го засилил секој тим.
Да видиме како ќе се одвиваат работите на трката. На денот на трката се предвидува дожд, но предвидувањата за оваа година се остваруваат со 50% веројатност, или ќе врне или не. Ќе дознаеме наскоро!
За време на трката, 15:00 часот, воздухот на Каталуња ќе се загрее до 22 степени целзиусови со променливо облачно време и умерен југоисточен ветер и 50% можност за врнежи за време на трката. Се е 50/50.
Пирели за Големата Награда на Шпанија која се состои од 66 круга како најбрза ја прогнозира стратегијата со два пит-стопа, но во игра може да биде и трето застанување за промена на гумите.
Ова се должи на високото ниво на абење и деградација, поради абразивниот асфалт и високоенергетските свиоци. Друга причина е фактот што не се губи толку многу време низ боксевите.
Црвените гуми имаат забележлива предност во брзината во однос на жолтите пневматици, но брзо се трошат. Белите гуми, кои се малку помеки во однос на минатата година ќе играат значителна улога.
Теоретски, најбрзиот начин да се комплетира трката е користење на комбинацијата од црвени-бели-бели гуми, опција која би работела најдобро и за тие што стартуваат поназад на гридот. Временскиот прозорец за промена на првите гуми е од 13-18 круг, додека втората замена помеѓу 37-от и 43-от круг.
Втората најбрза опција е црвени-бели-црвени, со прв пит-стоп помеѓу 15-20 круг и вториот од 46-51 круг.
Опцијата со три застанувања во бокс, која што беше најмногу користена на минатогодишната трка, може да се одвива по следниот редослед црвени-бели-црвени-црвени. Возачите кои имаат зачувано нов сет на најмеките гуми може да се одлучат за оваа стратегија. Првото застанување во бокс ќе биде меѓу 10-15 круг.
Марио Изола, Пирели: "Следевме возбудливи квалификации со многу пресврти. Во првиот дел дождот кратко, но значајно се појави, но патеката брзо и значително се исуши. Дождот паѓаше не само во Q1, туку и пред тоа на саботниот тренинг и за време на трката во Формула 2. Нивото на грип беше далеку од идеално."
"Фактот што на првите шест места имаа шест различни болиди докажува колку тимовите се блиску усогласени, и покрај фактот што еден возач и еден болид сè уште се очигледни фаворити на оваа патека."
"Од она што го видовме досега, се чини дека најдобрата стратегија за трката е со две застанувања и е подобра од таа со три застанувања, додека најдобрата гума за трка е белата, новата C1 смеша претставена на почетокот на оваа година."
"Долгиот спринт до првиот свиок, ги фаворизира црвените гуми на стартот, бидејќи нудат дополнителен грип надвор од тркачката линија. Имајќи го предвид тоа, и најавените мали шанси за врнежи, границата помеѓу опциите може да биде блиска."
Пјер Гасли е казнет со две казни од по три стартни места за попречување на брзите кругови на Карлос Саинц Јр. и Макс Ферстапен во квалификациите. Французинот со тоа ќе стартува шест места подолу, и од првобитната четврта позиција, падна на десеттата.
По аплицирањето на казните за Гасли, шест возачи добиваат една позиција. Луис Хамилтон добива најмногу и ќе стартува од вториот ред со што значително си ги подобрува шансите за пласман на победничкиот подиум.
Чарлс Леклер го имаше 19-тото најбрзо време на квалификациите и по сесијата се пожали на однесувањето на својот болидот. Проблем не е пронајден, но неговите механичари комплетно го променија задниот дел на болидот, го заменија менувачот, па Моначанецот трката ќе ја започне од пит-линијата. Дали ова ќе му ја подигне самодовербата која е на најниско можно ниво во последно време?!?
Кога веќе стартува од пит-линијата, покрај новиот менувач, во Ферари решија да ја заменат контролната електроника и акумулаторите на електрична енергија во болидот на Леклер, па добиената казна од 15 стартни места нема ефективност.
Во тимот на Вилијамс решија дека конфигурацијата на задната амортизација и каналите за ладење на сопирачките треба да бидат променети на болидот на Логан Сарџент, па американецот ќе му се придружи на Леклер на пит-линијата.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА ШПАНСКОТО ГРАН ПРИ
6/04/2023 11:34:00 AM
0
Share to other apps