Следува Големата Награда на Унгарија, претпоследната трка од првиот дел од 2023 сезоната. Се вози на Хунгароринг, патека домаќин од далечната 1986 година и опстојува веќе 35 години.
Како што знете вчера доби продолжување на договорот и местото во календарот и е обезбедено до 2032 година.
Позади ова стои план за поголема реконструкција на патеката и придружните објекти, се со цел драстично поскапување на влезниците. Значи колку што е добра вест за македонските Ф1 фанови, толку е и лоша за во не толку далечна иднина.
Таа се рангира на третото место на листата на патеки кои биле домаќини на најмногу последователни Ф1 трки, а пред неа се само Монако и Монца.
Патеката е една од најтешките кога е во прашање ладењето на сопирачките, делумно заради недостаток на правци, и честопати се влошува кога болдите се заглавени во сообраќајот.
Хунгаророинг има единаесет точки на сопирање, од кои три се класифицирани како тешки за сопирачките, една е со средна тежина и преостанатите седум се лесни.
Хунгароринг е патека на која многу од Ф1 возачите ја забележале својата Прва Ф1 Победа, Фернандо Алонсо во 2003 година, Џенсон Батон во 2006 година. Дејмон Хил, исто така, ја забележа својата Прва Ф1 Победа во Унгарија, во болидот на Вилијамс, далечната 1993 година. Тој беше првиот син на светски шампион кој Победил на Ф1 трка.
Патеката е физички напорна за возачите, кои често ја споредуваат со Сингапур (физички најнапорната патека во календарот), поради големиот број на свиоци, високите температури, и релативно малото воздушно струење низ болидот.
Трката за Големата Награда на Унгарија се состои од 70 круга и според Пирели теоретски најбрзата стратегија е со две застанувања во бокс. Тимови како Ферари, можеби ќе имаат потреба и од три застанувања, со оглед дека Пирели донесе еден чекор помеки смеши за оваа трка, во однос на минатогодишната.
Многу ќе зависи од температурата на асфалтот, а за денес се најавени уште поголеми температури. Изборот на две застанувања во бокс е со избор на жолти гуми во сите варијации за почетен стинт, потоа преминување на белите гуми, и завршен стинт на бели, односно жолти, за тимовите кои се сигурни во помеката смеша на Пирели.
Меѓутоа, со неможноста за лесно претекнување на Хунгароринг, позицијата на патеката е клучна, па така тимовите мораат да бидат флексибилни и решителни да ги искористат понудените можности, на пример влегување на безбедносното возило.
Добра стратегија за денешната трка може да биде и со три застанувања за промена на гумите. Во тој случај, очигледниот избор би бил жолти-бели-бели-црвени, но возможно ќе биде и црвени-жолти-црвени, кога болидите се многу полесни при крајот на трката.
Марио Изола, Пирели: "Мислам дека гледавме многу интересни квалификации, со новиот формат кој поставува различни предизвици за возачите. Времињата беа поблиски и имавме поголема непредвидливост отколку на претходните настани. Тоа може да се види од фактот дека седум тима се застапени во топ 10 пласманот, а најбрзите десет возачи се во растојание од шест десетинки еден од друг."
"На пример, возачите мораа да се прилагодат на префрлувањето од една на друга смеша во трите сегменти на квалификациите, нешто на што не се навикнати, откако беше укинато правилото дека треба да ја започнат трката со истиот сет на гуми со кои ќе го извозеа најбрзиот круг во Q2."
"Во исто време, имајќи предвид дека белите гуми изгледаат како најдобар избор на тркачка гума, многу возачи се одлучија да не ги користат овие сетови на тренинг сесиите и затоа не им беше познато нивното однесување во Q1, така што дури и врвните тимови мораа да направат по два брзи круга."
"Долгите стинтови покажаа дека, со температура на патеката од околу 50°C, што е она што можеме да го очекуваме и за трката, C5 се чини дека не е идеален избор за трката. Повисоките температури и еволуцијата на патеката, секогаш многу значајна на Хунгароринг, покажува дека изборот се насочува кон двете поцврсти смеши, C3 и C4."
"Така, најверојатната стратегија е со две застанувања во бокс, старт на C4(жолти), а следните два стинта на C3(бели). Можна е и единствена стратегија за едно застанување, бели-жолти, но таа е на самиот лимит на остварливост, поради падот на ефикасноста и абењето на гумите. Додадете ги овие фактори на необичната поставеност на гридот и ги имаме сите состојки за спектакуларна трка."
Во петокот, покрај жешкото време имавме и дожд на Хунгароринг, вчера беше вообичаено за летната сезона, жешко, но и ветровито.
До 15:00 часот кога е закажан стартот на трката, воздухот ќе се загрее до 30 степени, можни е мала облачност и слаб југозападен ветер. Веројатноста за врнежи за време на трката не надминува 10%.
Формално, освојувачите на шампионските Титули кај возачите и кај конструкторите се уште не е одреден, но реално веќе може да се поделат пехарите на Макс Ферстапен и Ред Бул, а ние да се фокусираме на борбата која ќе биде најинтересна за оваа сезона, таа за второто место.
Со оглед на искуството и големиот инженерски ресурс на Мерцедес АМГ, сите очекуваа најсериозен напредок од нив, но (со истите ПЕ) прво беше Астон Мартин, а сега и Мекларен. Приказната за искуството и умешноста на инженерите на Мерцедес АМГ некако се изгуби, згасна во втор план, бидејќи другите успеаја да постигнат повеќе.
Сепак со освојувањето на Пол позицијата тимот на Мерцедес АМГ се движи во вистинска насока и враќање на старата слава. Од друга страна е тимот на Ферари, а многу од нивните фанови, но и останатите, почнаа да се прашуваат како тимот со најголема традиција во шампионатот може да се доведе на така ниски гранки и оддава впечаток на немоќност. Црното коњче треба да е ознака за сосема друг менталитет.
Традиционално, Унгарската трка е една од најдосадните, иако трибините се секогаш полни, а атмосферата се споредува со најдобрите настани во календарот, но дали тоа е така и во последно време?!?
Нема веќе влез на 10 луѓе со еден билет, нема веќе прескокнување на заштитните ѕидови и потоа лесен влез дури и на златната трибина. За нас, македонските фанови, ова беше единствена можност од финансиски аспект, без поголемо оптоварување посета на трка од Ф1 календарот.
Но, и тоа се промени, а се најавува и вртоглав пораст на цените на билетите во блиска иднина. Па така, пеколниот Хунгароринг веќе станува настан кој е најдобро да се избегне, освен за тие кои не сакаат да ги избегнат нападните Унгарки. :)
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА УНГАРСКОТО ГРАН ПРИ
7/23/2023 11:42:00 AM
0
Share to other apps