Макс Ферстапен се врати на врвот на табелата на саботниот тренинг во Зандворт. Бранителот на шампионската титула беше најбрз, победувајќи ги Џорџ Расел и Серџо Перез на второто т.е третото место.
Последниот час од тренинг сесиите во Зандворт се одржа во влажни услови, а дождот паѓаше од раните утрински часови.
Како и вчера, локалниот идол, Ферстапен, прв излезе на патеката со сините гуми на Пирели, заедно со Лиам Лосон, новото лице на викендот, на кого му беше важно да акумулира што поголема километражата до почетокот на квалификациите.
Патеката беше многу комплицирана, но некои возачи се осмелија да излезат на зелените гуми. Еден од нив беше и Кевин Магнусен, но тоа го чинеше многу. Данецот се изврте на излезот од вториот свиок, заврши во заштитните бариери, при што за прв пат беа рзвеани црвените знамиња.
Во паузата додека се отстрануваше болидот на Хас, условите на патеката се подобрија, па кога сесијата беше рестартирана, зелените гуми беа мнозинскиот избор на возачите.
Болидот на Ред Бул исто така работеше перфектно и во овие услови и ако квалификациите се влажни, тие сепак ќе бидат фаворити. Неколку возачи, вклучувајќи ги Алонсо и Саинц Јр., останаа во своите гаражи, не гледајќи потреба да ризикуваат толку брзо пред квалификациите.
Не беше лесно да се одржи болидот на патеката и тоа беше јасно со излетувањето на Џоу Гуанју, кој со својот Алфа Ромео остана заглавен во чакал и го предизвика второто црвено знаме на денот.
Откако маршалите го отстранија болидот на Кинезот, патеката значително се подобри и многу од возачите започнаа да возат зелени и виолетови сектори на зелените гуми.
Секако, имаше излетувања и патување низ чакалот покрај патеката од страна на возачите кои ги преценија своите можности. Тандемот на Ферари беше особено незадоволен од однесувањето на нивните болиди.
Пред последното црвено знаме за денес, кога дебитантот Лосон имаше извртување, двата Мекларени поведоа на табелата со Ландо Норис и Оскар Пјастри разделени со 97 илјадитинки.
Макс Ферстапен допрва требаше да излезе во акција на тие подобрени услови на патеката. Фернандо Алонсо се искачи на четвртото место, секунда зад времето на Ландо.
Секако, кога Холанѓанецот повторно излезе на патеката, го забележа најбрзото време за повеќе од секунда од тоа на Норис и го водеше последниот час од сесијата. Со тоа актуелниот шампион се дистанцира како најголем фаворит за Пол позицијата при вакви услови на патека.
Џорџ Расел успеа да се доближи на нешто помалку од 4 десетинки, додека Серџо Перез со третото најбрзо време заостана точно 1 секунда. Алонсо заврши четврти, неколку илјадитинки зад Перез и само малку пред Луис Хамилтон, кој исто така имаше мирна сесија.
Алекс Албон беше шести, со Пјастри седми, Валтери Ботас осми и Чарлс Леклер деветти. Ландо Норис го комплетираше Топ 10 поредокот во сесија со многу извртувања и излетувања и во тешки услови кои може да се повторат и за време на квалификациите.
МАКС ФЕРСТАПЕН НАЈБРЗ НА ДОЖДОТ ВО ЗАНДВОРТ
8/26/2023 11:29:00 AM
0
Share to other apps