Големата Награда на Холандија пред две години се врати во Ф1 календарот и се одвива на историската патека Зандворт. Долгата пауза, која започна во 1985 година, траеше до 2020 година, пред се по заслуга на големата армија на фанови на Макс Ферстапен.
Зандворт е патека богата со историја, традиционално место за европската турнеја на трки, место каде што беа напишани престижни страници во историјата на нашиот омилен мотоспорт.
Оригиналната патека можеби ја нема, но наследството живее во новата конфигурација, кој вклучува многу од оригиналните свиоци, вклучувајќи го и фантастично именуваниот Тарзан свиок, кој што обезбедува една од најспектакуларните места за претекнување.
Патеката Зандворт се издвојува како една од најнеобичните во Ф1 календарот, со брз, течен распоред и чувство на "старата школа". Имаме вистинска мешавина на брзи свиоци, што ќе ги стави на тест многу аспекти на перформансите на болидот и обезбедува вистински предизвик за возачите.
Зандворт нуди вистинко ролеркостер искуство за возачите, со нагорнините и удолнините помеѓу песочните дини. Еден од највпечатливите елементи на патеката се супер-брзите свиоци 13 и 14, а нагибот од 18 степени ќе додаде значително оптоварување на гумите преку овој дел, што ќе влијае на издржливоста и траењето на гумите.
Климатски, времето во Зандворт може да биде доста променливо, што може да предизвика некои потенцијални проблеми со гумите, како што се грејнинг или блистеринг. Па, со оглед на завршниот свиок, и останатите брзи свиоци, не е изненадувачки што Пирели ги избра најтврдите смеши во нивниот опсег.
Како најбрза опција за поминување на 72 круга од Големата Награда на Холандија, барем на хартија, е со две застанувања во бокс за промена на пневматиците, но тоа не ја исклучува опцијата со едно застанување.
Ако некој од тимовите се реши за два пит-стопа, најдобро е трката да се започне на црвените гуми. Потоа може да следуваат два стинта на жолтите, доколку се достапни во рамките на распределбата на секој возачот, како што е случајот со Ландо Норис, или еден стинт на жолти, па повторно на црвените што треба да биде избор на сите останати возачи кои имаат само еден нов сет на жолти гуми.
Стратегијата со едно застанување во бокс може да биде жолти па бели или црвени па бели, за да се има дополнителна брзина на почетокот на трката. Можна е и варијанта црвени-жолти, но е потребно големо менаџирање на абењето, т.е. период од трката кога не ќе може да се форсира со цела сила.
Старт на жолтите гуми дава поголеми можности, но сепак може да се бира помеѓу едно или две застанувања во бокс, дури и ако се стартува на црвените гуми.
Постојат неколку варијабли кои влијаат на овие теоретски пресметки, како што се количината на деградација на црвените гуми и количината на грип на белите.
Ова е патека од т.н. стара школа со мали безбедносни зони за излетување, а досегашната акција сугерира дека е голема веројатноста за излегување на безбедносниот автомобил, а тоа ќе значи гратис пит-стоп.
Со оглед на тоа што новата генерација на болиди и гуми помага да се престигнува, позицијата на патеката можеби не е приоритет како што беше порано, што значи дека може да фаворизира некои поагресивни стратегии со две застанувања.
Ограничувањето на брзината во боксот, 60 км/ч, е пониско отколку на повеќето други патеки, што значи дека е потребно малку подолго за да се помине пит-линијта.
Марио Изола, Пирели: "Гледавме спектакуларни квалификации, што е често случај кога условите на патеката се менуваат многу брзо. На крајот, Макс Ферстапен повторно е на врвот, но вреди да се напомене дека има шест различни тимови застапени на првите шест места, знак дека Формула 1 е во добра кондиција и покрај доминацијата на еден возач и еден тим. За денешната трка, Макс Ферстапен е јасен фаворит, но не може да се каже кој друг би можел да заврши на подиумот."
"Во однос на стратегијата, има неколку опции на маса, како во однос на бројот на застанувања каде што изборот е помеѓу две или еднo, така и во однос на изборот на смеша."
"Прво и најважно, нашите бели гуми, C1, се модифицирани за оваа година и нудат повеќе грип од своите претходници. Потоа, тука е времето со ладни температури што ја олеснува употребата на жолтите и црвените гуми."
"Бројот на застанувања може да варира и во зависност од карактеристиките на болидите и направените избори кога станува збор за нивоата на потисна сила. Оние кои ја преферираат позицијата на патеката најверојатно ќе се одлучат за едно застанување, користејќи комбинација од C2(Жолти) и C1(Бели)."
"Оние кои веруваат дека го имаат она што е потребно за да бидат конкурентни кога станува збор за претекнување, ќе одат на два пит-стопа, фаворизирајќи ја употребата на жолти и црвени пневматици."
"На ова се додава и непознатиот фактор за времето, дури и ако прогнозата е за нешто посуво од она што го видовме во саботата. Сите овие фактори заедно укажуваат на тоа дека ќе имаме многу интересна трка."
Во петокот возачите работеа на сув асфалт, квалификациите се одвиваа на патека која се суши, во недела повторно се очекува дожд и претежно облачно време во текот на целиот ден.
Возачите ќе го започнат загревачкиот круг во 15:00 часот, за кога се очекуваат температури околу 18 степени, умерен југо-западен ветер и 20% можност за дожд и грмежи.
Макс Ферстапен е роден во Белгија, но се смета себеси за Холанѓанец и настапува под холандска лиценца. За него ова е втора домашна трка по ред, а по триумфот на СПА-Франкоршамп, повторно од него се очекува само победа.
За останатите места очекувама да гледаме добра борба и голема неизвесност. Од возачите единствен кој заработи казна е Јуки Цунода, кој поради попречување на Луис Хамилтон во квалификациите ќе стартува 3 позиции поназад.
Механичарите на Хас ја сменија Ферари ПЕ на болидот на Кевин Магнусен.
Данецот доби нов мотор со внатрешно согорување, нова турбина, нов мотор генератор MGU-H, нов акумулатор, нова контролна електроника, нов издувен систем и нов менувач.
Со оглед на тоа што Магнусен се квалификуваше како 18-ти, па така казната со старт од пит-линијата нема да има поголемо влијание врз неговата трка.
Зад нас се 12 трки и летната пауза, а до крајот на сезоната остануваат 14 недели во кои ќе гледаме 10 трки, вклучувајќи серија од три последователни трки и три викенди со саботен спринт.
Распоредот е напорен и многу интересен, единствена штета е што втората полусезона не носи интриги во борбата за титулата.
Големата Награда на Холандија е прва од двете последователни трки со кои се комплетира европскиот дел од сезоната. т.е удобноста на вистинскиот термин за нас европјаните.
Следниот викенд акцијата се сели во Монца, а потоа Формула 1 ќе замине на турнеја, прво на исток, па на запад, со цел на крајот на ноември да ја заврши сезоната во Абу Даби.
Шампионот е познат, може само да прогнозираме на која трка Ферстапен и теоретски ќе ја обезбеди шампионската титула.
Годинава Ред Бул нема ривали. Тимовите веќе го ограничија развојот на своите болиди и ќе се појавуваат нови елементи кои се однапред подготвени или поврзани со следната сезона, што е неизбежно со ограничени буџети.
Но, ако ја земеме предвид сликата не како целина, туку секој викенд посебно, не очекуваат уште десет возбудливи битки, вклучувајќи ги Сузука, Сао Пауло, а ќе биде интересно да се погледне новата патека во Лас Вегас.
Во меѓувреме, да видиме дали лидерот во шамионатот ќе ги оправда очекувањата на своите фанови во Зандворт, на патеката изградена на дините покрај брегот на Северното Море.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА ХОЛАНДСКОТО ГРАН ПРИ
8/27/2023 11:19:00 AM
0
Share to other apps