Макс Ферстапен уште еднаш ја покажа својата доминација на домашен терен, во Зандворт, забележувајќи ја третата последователна Пол позиција на ова патека. Холанѓанецот беше недостижен во секакви услови и ќе стартува од првата позиција на трката за Големата Награда на Холандија, закажана за 15:00 часот.
Ова беа класификации со променливи временски услови. Во Q1 и во Q2, асфалтот на Зандворт беше влажен, па дури и Алекс Албон си дозволи луксуз да ја заврши првата сесија на првото место на табелата.
Макс Ферстапен после тоа ги презеде работите во свои раце, лесно забележувајќи ја неговата 28-на Пол позиција во Формула 1, со разлика од над половина секунда пред Ландо Норис и седум десетинки пред Џорџ Расел.
Алекс Албон изненади со поставувањето на својот Вилијамс на четвртата позиција и втор стартен ред, веднаш пред Фернандо Алонсо и Карлос Саинц Јр..
Во последниот сегмент, прво Логан Сарџент, а потоа Чарлс Леклер имаа излетување по што мораше да се задоволат со последните две места од Топ 10 пласманот.
Луис Хамилтон не успеа да стигне во Q3. Патеката бараше да си на вистинското место, во вистинското време.
Дождот, утринава, се појави на холандската патека, но саботниот тренинг не беше доведен во прашање, иако три пати беше прекинат со црвени знамиња. Трката во Формула 2 беше откажана по неколку круга и повеќе инциденти, беше опасно да се вози во такви услови.
На вториот тренинг во петокот, одржан на сува патека, Даниел Рикиардо имаше мала, но непријатна несреќа, при која заработи скршена карпална коска.
Непосредно пред него на врвот на третиот свиок, Оскар Пјастри се изврте и заврши во бариерите, така што Австралиецот немаше друг избор освен да се удри во бариерите за да избегне судир со сонародникот.
Рикиардо го замени овогодинешниот резервен возач на Ред Бул и АлфаТаури, Лиам Лосон, со што стана најмладиот Новозеланѓанец во Ф1 во последните 43 години.
Како и претходниот ден, трибините беа полни, а времето се подобри. Дождот престана, сонце излезе, но на некои места патеката остана влажна.
Во Q1 сесијата сите возачи излегоа на зелените гуми. Состојбата на патеката се менуваше секоја минута, возачите работеа во низа кругови, постепено зголемувајќи ја брзината.
Макс Ферстапен и Алекс Албон имаа авантри низ чакалот покрај патеката, Леклер доцна закочи на влез во првиот свиок, но се помина без последици по болидите.
Карлос Саинц Јр. опасно го блокираше Пјастри, излегувајќи од пит-линијата, а стјуардите го разгледуваат овој инцидент.
Најбрзото време го забележа Алекс Албон, а квалификациите беа завршени за Џоу Гуанју, Естебан Окон, Кевин Магнусен, Валтери Ботас и Лиам Лосон.
Возачите, исто така, ја започнаа Q2 сесијата со зелените гуми на Пирели, користејќи ја истата стратегија со долги серии на кругови. Патеката забрзано се сушеше, па времињата започнаа да опаѓаат.
На пет минути пред крајот на сесијата, возачите ги сменија гумите, ставајќи нови сетови од зелените гуми, бидејќи на патеката имаше влажни места и никој не брзаше да се префрли на гуми за суво.
Макс Ферстапен го имаше најбрзото време, а од понатамошната борба отпаднаа Ленс Строл, Пјер Гасли, Луис Хамилтон, Јуки Цунода и Нико Хулкенберг.
Во финалната, Q3, сесија Пјастри, Леклер, Ферстапен и Перез излегоа за првиот обид на зелените гуми, но се префрлија на црвените гуми по само еден круг.
Во втората минута од сесијата беа развеани црвените знамиња, кога Логан Сарџент понесен од пласманот во најбрзите 10 возачи, ризикуваше малку повеќе, по што се изврте во вториот свиок, прелета низ чакалот и се удри во заштитните бариери, сериозно оштетувајќи го својот болидот.
Прекинот траеше речиси дваесет минути поради поправки на бариерите.
Асфалтот во меѓувреме беше речиси целосно сув, па сите возачи продолжија на црвените гуми. Но, три минути подоцна повторно се појавија црвени знамиња кога Леклер изгуби контрола врз болидот, удирајќи во бариерите покрај патеката.
Овој пат имаше кратка пауза. До крајот на сесијата останаа уште четири минути и само еден обид за возачите, а убедливо најбрз беше Макс Ферстапен.
ЛЕТЕЧКИОТ МАКС НЕПОГРЕШЛИВ, ЛЕСНО ДО НОВА ПОЛ ПОЗИЦИЈА
8/26/2023 02:30:00 PM
0
Share to other apps