Овој викенд ќе се одржи 14-тата трка од 2023 сезоната, Големата Награда на Италија, која се вози на Храмот на брзината - Монца.
Историска патека во Ф1 календарот каде аеродинамиката е подесена на најниско можно ниво.
Со оглед на тоа просечната брзина е над 240 км/ч, додека максималната достигнува до 370 км/ч со помош на ДРС-системот.
За време на првиот тренинг имавме една замена, Фелипе Другович седна во болидот на Ленс Строл.
Макс Ферстапен го заврши првиот тренинг во Монца на врвот на табелата, додека Карлос Саинц Јр. го имаше второто најбрзо време, заостанувајќи само 46 илјадитинки од времето на актуелниот шампион.
Шпанецот ги подели возачите на Ред Бул во сесија во која врвните тимови најмногу се фокусираа на тестирање на белите пневматици. Поради алтернативниот начин на алокација на пневматиците, возачите во текот на целата сесија беа претежно на една смеша. Серџо Перез беше трет, пред Чарлс Леклер и Џорџ Расел.
Фернандо Алонсо беше шести со жолтите пневматици, а Ландо Норис седми со црвени. Луис Хамилтон можеше само до 8-то место со помош на белите гуми, пред Јуки Цунода деветти и Алекс Албон десетти.
Пирели ги донесе најмеките смеши, C3 како бели, C4 како жолти и C5 како црвени гуми, а ова е вториот викенд, по Хунгароринг, каде имаме алтернативна алокација на пневматици. Значи, квалификациите ќе се одржат по новиот формат.
Во првата квалификациска сесија, Q1, возачите ќе можат да ги користат само белите, во втората, Q2, само жолтите, а во Q3 битката на најбрзите 10 возачи ќе се одвива само на црвените пневматици.
Ова ќе го намали бројот на сетови што производителот на пневматици ги носи за секој тркачки викенд, па наместо вообичаените тринаесет, секој возач ќе добие по единаесет од нив.
Тоа би требало да претставува чекор кон поголема еколошка чистота и намалување на трошоците.
Севкупно, во сабота и недела секој возач ќе добие по седум сетови на гуми за суво време. Најмалку по еден комплет од белите или жолтите гуми мора да се зачуваат за трката.
Што се однесува до преостанатите четири сетови, по еден сет ќе треба да се врати по првиот и вториот тренинг, а два сета по саботниот трет тренинг.
Бројот на сетови на зелените и сините гуми за дожд ќе остане непроменет, четири, односно три.
ОЧЕКУВАНО: МАКС НАЈБРЗ НА ПРВАТА ТРЕНИНГ СЕСИЈА
9/01/2023 01:09:00 PM
0
Share to other apps