Карлос Саинц Јр. беше најрасположен на вториот слободен тренинг за Големата Награда на Италија. Шпанецот ги забележа најбрзите времиња и на жолти и на црвени гуми. Мекларен и Ред Бул беа во близина.
По малите разлики на првиот тренинг на кој Карлос Саинц Јр. заостануваше 46 илјадитинки зад Макс Ферстапен, следуваше втората тренинг сесија која се одвиваше на сув асфалт и на температура од 36 степени.
Ленс Строл, кој не учествуваше на првата петочна сесија, беше првиот што излезе на патеката, но неговиот Астон Мартин запре на патеката со механички дефект и предизвика развејување на црвените знамиња.
По неколку минутна пауза сесијата беше рестартирана, а возачите веднаш се упатија на патеката возејќи серија на кругови. Во тие моменти на врвот беа возачите на Ферари, со Алонсо на третото и возачите на Ред Бул на четвртото и петтото место.
Потоа на сцена стапија црвените гуми, а со тоа и квалификациски кругови. Со најмеката смеша, Карлос Саинц Јр. во првиот круг имаше одличен прв сектор, но мораше да го прекине кругот откако имаше незгоден момент во Variante della Roggia.
Во неговиот следен обид, тој го забележа најбрзото време што му овозможи да ја заврши сесијата на врвот на табелата. Ландо Норис беше втор, само 19 илјадити делови од секундата зад него и пред Серџо Перез, Оскар Пјастри, Макс Ферстапен и Чарлс Леклер.
Алекс Албон заврши седми, а Фернандо Алонсо осми. Џорџ Расел успеа да биде побрз од возачите на Хас, Нико Хулкенберг пред Кевин Магнусен за заокружување на топ 10 пласманот.
Откако завршија квалификациските симулации, тимовите ги фокусираа своите програми на долги стинтови, но тие беа прекинати со црвеното знаме предизвикано од Серџо Перез, кој имаше излетување од патеката во Параболика.
СЛАВЕНИКОТ РАСПОЛОЖЕН НА МОНЦА
9/01/2023 04:29:00 PM
0
Share to other apps