Енрико Кардиле, шефот за аеродинамика на Ферари, тврди дека новиот 2024 болид на тимот ќе биде многу различен во споредба со нивниот сегашен болид.
SF-23 е во голема мера еволуција на F1-75, поради што за време на трките страда од слични проблеми со деградација на гумите како и во претходната сезона.
Во Ферари планираат целосно да го сменат концептот од следната година, откако и Чарлс Леклер и Карлос Саинц Јр. се пожалија на аеро недоследноста што ја генерира SF-23, нешто што претежно се случува на патеките со висока потисна сила.
Темпото на Ферари на патеките со ниска потисна сила е нивна јака страна, а Монца беше извонредна изведба каде што успеаја да го предизвикаат Ред Бул, се до моментот кога започна деградацијата на гумите.
Тоа се потврдува и со освојувањето на Пол позицијата, кога деградацијата на гумите не е во прв план.
"Следната година болидот ќе биде многу поинаков, бидејќи развивајќи го овогодинешниот болид сфативме дека некои избори што ги направивме не беа правилни."
"Тоа премногу го ограничуваше развојот. Болидот од следната година нема да биде еволуција на овогодинешниот болид, како што се споредуваше SF-23 со F1-75."
"Тоа ќе биде сосема нов болид, различна шасија со различен дизајн, различен заден дел за да му овозможиме на нашиот аеро оддел подобро да го развие болидот за да ги постигне своите цели."
Како што сугерираат шпекулациите, се очекува проектот 676 да вклучи бројни елементи кои потсетуваат на RB19 на Ред Бул. Раните гласини ни дозволуваат да ги препознаеме примарните разлики во однос на SF-23.
Овие разлики произлегуваат не само од идентификуваните слабости, туку и од ограничувањата што го попречија развојот на SF-23. Неговите неконзистентни перформанси произлегоа од несоодветната динамика и аеродинамиката на возилото.
Што се однесува до амортизацијата, SF-23 беше ограничен од миксот на Pull-Rod амортизација на задниот дел и Push-Rod напред, и несоодветноста на предните карактеристики на болидот при сопирање и задните при забрзувањето.
Сигурни извори сугерираат дека Ферари 676 ќе има целосно обновен менувач, кој ќе влијае на задниот дел на болидот, распоредот на торзиони шипки и амортизери. Овие компоненти се планирани да се позиционираат во горниот дел, што укажува на поместување кон Push-Rod амортизација, за разлика од тековната Pull-Rod.
Редизајнот, освен што ќе влијае на распределбата на тежината, навестува и сеопфатна промена на профилот на дифузорот.
Постојат шест клучни области каде што Ферарито од 2023 и 2024 година ќе се разликуваат:
- Задната амортизација од pull-rod ќе премине во Push-rod, заедно со целосно нов менувач.
- Страничните отвори за ладење ќе бидат во стил на континуиран горен профил кој оди надолу кон задниот дел, без вдлабнатините кои ги има сегашниот SF-23.
- Дизајнот на влезовите ќе се префрли од долгнавести форми во правоаголни слотови со намалена ширина и минимални вертикални делови.
- Предната амортизација ќе има изразени карактеристики на стабилност при сопирање и ќе има pull-rod распоред сличен на Ред Бул RB19.
- Очигледните разлики во долниот профил на страничните отвори за ладење, кои се карактеризираат со широк и длабок долен канал, имаат за цел да го подобрат квалитетот и брзината на протокот на воздух насочен кон задниот дел на болидот.
- Дизајнот на подот на 676 ќе има значителни дисконтинуитети во неговиот профил, стратешки позиционирани во Вентури каналите за да се елиминираат вертикалните осцилации кои се уште се појавуваат на SF-23.
ФЕРАРИ СО РЕВОЛУЦИОНЕРЕН БОЛИД ЗА СЛЕДНАТА СЕЗОНА
9/10/2023 09:46:00 PM
0
Share to other apps