Големата Награда на Јапонија беше одлична трка за Мекларен, но тие не беа во конкуренција за победата поради Макс Ферстапен и болидот на Ред Бул.
Воедно, Ландо Норис го постави рекордот за најмногу освоени поени во Формула 1 без победа. Британецот сега има 543 поени, со што го надмина Нико Хулкенберг од Хас кој досега го имаше овој неславен рекорд со 530 поени.
Сепак, Норис има комплетирано половина од трките на кои учествуваше моменталниот возач на Хас, 98 наспроти 197.
Ландо Норис вози за Мекларен од неговото деби во 2019 година, а второто место минатиот викенд беше неговиот 10-ти пласман на победничкиот подиум. Рекордот за најмногу пласмани на подиумот без победа му припаѓа на Ник Хајдфелд со 13.
Оскар Пјастри го забележа својот прв пласман на Ф1 подиумот во својата дебитантска сезона. Тој е шестиот Австралиец што стигнал до подиумот, по неговиот менаџер Марк Вебер, Даниел Рикиардо, Тим Шенкен и шампионите Џек Брабам и Алан Џонс.
Со старт од Пол позицијата, Ферстапен ја забележа својата 48-ма Победа, шеста за Ред Бул на Сузука, што значи дека тимот сега има исто толку победи колку и Мерцедес АМГ.
Овој резултат, исто така, ја обезбеди шампионската титула за Ред Бул во шампионатот на конструктори, постигната порано од кога било досега со уште шест трки до крајот на сезоната.
Макс Ферстапен го имаше најбрзиот круг на трката и сега се израмни со Хуан Мануел Фанџо со девет хет-трикови во кариерата, Пол позиција, Најбрз круг и Победа на Ф1 трка.
Фернандо Алонсо од Астон Мартин се погрижи да остане единствениот возач оваа сезона кој стигнал до Q3 сесијата од квалификациите на секоја трка од оваа 2023 сезона, иако за само 0.048 делови од секундата.
Следниот викенд продолжува нова статистика со Големата Награда на Катар.
ЛАНДО НОРИС СО ПРВИОТ РЕКОРД
9/29/2023 07:49:00 PM
0
Share to other apps