Макс Ферстапен го комплетираше хет-трикот на тренинг сесиите во Мексико Сити забележувајќи го најбрзото време и на саботниот тренинг.
Холанѓанецот не така лесно се најде на првото место на табелата, бидејќи имаше конкуренција, на изненадување на сите, од неговиот поранешен тимски колега, расположениот Тајлаѓанец Алекс Албон кој заостана само 0.070 делови од секундата.
Серџо Перез беше трет и очигледно дека има голема желба да се прикаже во добро светло пред домашната публика. Комплицирана сесија за Ферари и Астон Мартин.
Во првата третина од сесијата, возачите на Ред Бул, Хас и Вилијамс не се појавија на патеката, а болидите на Мерцедес АМГ доминираа на табелата. Џорџ Расел имаше време за половина секунда побрзо од тоа на Луис Хамилтон на црвените гуми на Пирели.
Мнозинството возачи се одлучија за црвените гуми, иако неколку возачи се решија да направат по неколку круга на белите и жолтите гуми.
Јасно беше дека времето на Расел беше многу добро, бидејќи кога болидите на Ред Бул излегоа на патеката, не можеа да го победат.
Ферстапен заостануваше 73 илјадитинки, а Перез повеќе од седум десетинки дури и зад двата болиди на Ферари. Болидот на Мерцедес АМГ се однесуваше многу подобро од вчерашните сесии.
Во последната третина сите возачи излегоа на патеката на црвени гуми и симулација на квалификациски кругови. Вилијамс беше првиот тим што излезе на патеката.
Алекс Албон веднаш го забележа најбрзото време, речиси половина секунда пред претходното време на Ферстапен, што отсликуваше колку голема е еволуцијата на патеката.
Но, како што се комплетираа брзите кругови, стана јасно дека во овој случај не се работи толку за подобрување на патеката, туку дека Албон и Вилијамс се многу добри на оваа патека.
Единствено беа поразени од Макс Ферстапен и тоа само за 70 илјадитинки. Тајланѓанецот дури и го доби дуелот со вториот болид на Ред Бул и Серџо Перез. Џорџ Расел беше четврти, пред Оскар Пјастри.
Валтери Ботас и Јуки Цунода се најдоа меѓу двата Мекларени со одлична шеста, односно седма позиција, пред Ландо Норис со осмо најбрзо време, што може да се карактеризира како уште едно изненадување на оваа сесија.
Даниел Рикиардо и Луис Хамилтон го комплетираа Топ 10 поредокот на саботниот тренинг.
Карлос Саинц Јр имаше сообраќај при својот брз круг, но и покрај тоа може да се каже дека Ферари ќе има проблеми за пласман во финалниот сегмент од квалификациите.
Ништо позитивно и за Фернандо Алонсо и неговиот тимски колега, кои имаа многу проблеми во управувањето на болидите на Астон Мартин, кој никако да ја врати формата од почетокот на сезоната.
МАКС ФЕРСТАПЕН НАЈБРЗ, АЛБОН НАЈГОЛЕМ КОНКУРЕНТ
10/28/2023 07:14:00 PM
0
Share to other apps