Следува втората од американската серија од три трки по ред. Од Остин, тимовите се преселија во главниот град на Мексико, на патеката Браќа Родригез, каде градските власти се спонзори па затоа настанот го носи името Голема Награда на Мексико Сити.
Важна карактеристика на патеката Браќа Родригез е нејзината голема надморска височина. И ако надморска височина од 2285 метри нема речиси никакво влијание врз ефикасноста на хибридните централи, тоа ќе има многу радикален ефект врз аеродинамиката.
Тимовите ги подесуваат своите болиди за максимално ниво на потисна сила, но поради реткиот воздух вистинската сила на потиснување ќе биде помала отколку во Монца.
Тешко е да се претекнува на патеката во Мексико, па добриот настап многу зависи од стартната позиција, добриот старт и оптималната стратегија.
Патеката Браќа Родригез, со должина од 4.304 км. е втората најкратка во Ф1 календарот по Монте Карло. Растојанието од 811 метри од Пол позицијата до првиот свиок е најдолг во Ф1 календарот и 9.6 секунди од него се поминуваат со полн гас.
Пред враќањето на ГН на Мексико, патека со најголема надморска височина беше Интерлагос во Бразил, со 800 метри. Но, и покрај големата надморска височина, патеката е една од најрамните, со промена на елевацијата од само 2.8 метри во текот на целата нејзина должина. Само Мелбурн има помала промена во елевацијата.
Реткиот воздух исто така значи дека ладењето на болидот е помалку ефикасно, така што ПЕ и сопирачките работат на поголеми температури. Последиците се помала потисна сила и помал отпор на воздухот.
Болидите користат задни крила подесени еквивалентно на Монако, но и покрај тоа, вистинската потисна сила на болидите е поблизу до нивоата што се забележуваат во Монца. Поради овие фактори, во Мексико се бележат едни од најголемите брзини на Ф1 болидите, кои достигнуваат над 350 км/ч.
Минатата година, Макс Ферстапен забележа 15 Победи во текот на целата сезона, поставувајќи нов рекорд, а сега со уште четири трки до крај, доаѓа во Мексико Сити по својата 16-та Победа. Ретко имало ваква доминација на еден тим во историјата на Формула 1.
Побарувачката за билети беше голема, и денес ќе гледаме преполни трибини. Патеката на браќата Родригез е патека за еден возач, како Зандворт или Силверстоун. Сите 400 илјади гледачи ќе навиваат за Серџо Перез. Веќе во Остин трибините го скандираа неговото име и го исвиркуваа Ферстапен на подиумот, а оваа недела ситуацијата ќе биде уште понапната.
Најбрзата стратегија со која може да се пријде на Големата Награда на Мексико Сити, која се состои од 71 круг, е таа со едно застанување за промена на гумите, или ако деградацијата е поголема, во игра влегува таа со два пит-стопа.
Првата стратегија е со почетен стинт на жолтите, 1/3 од трката и завршница на белите гуми или обратно почетен стинт на белите, 2/3 од трката и завршница на жолтите гуми.
Стратегијата со две застанувања во бокс е возможна со комбинација на жолти и бели гуми, но е побавна варијанта.
Според временската прогноза, воздухот до почетокот на трката ќе се загрее до 25 степени, со минимална облачност и ветер од североисточен правец, со удари и до 25км/ч. Можноста за врнежи за време на часовите на трката се проценува на 5%.
Кога сме кај стартниот редослед за денешната трка да напоменеме дека Јуки Цунода има казна, старт од последен ред, поради промена на елементи од неговата Хонда ПЕ.
Логан Сарџент вчера доби казна од 10 стартни позиции поради претекнување на жолти знамиња, но тоа не промени многу, бидејќи секако беше последен без забележано време на вчерашните квалификации.
Ленс Строл ќе стартува од пит-линијата. Инженерите на Астон Мартин решија да го променат подот на неговиот болид, задно крило и други аеро елементи.
Сите вградени делови се со различна спецификација од онаа што претходно беше на болидот на Ленс, па ваквата замена го нарушува режимот на "затворен паркинг". Казната за ваков прекршок е старт од пит-линијата.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА МЕКСИКО СИТИ ГП
10/29/2023 04:35:00 PM
0
Share to other apps