Возачите на Мекларен беа решени да имаат добар настап на спринт престрелката и да покажат дека ако не беа избришаните времиња ќе беа во игра и за Пол позицијата на вчерашните квалификации.
Оскар Пјастри го имаше најбрзото време, тесно победувајќи го својот тимски колега, Ландо Норис, во SQ3 сесијата, во која на Макс Ферстапен му беше избришан еден од неговите брзи кругови. Актуелниот шампион ќе стартува од вториот стартен ред, заедно со Џорџ Расел од Мерцедес АМГ.
По десетина минути дополнителна тренинг сесија за запознавање на возачите со измените на патеката, спринт престрелката започна со20-минутно одложување.
Џорџ Расел беше најбрз во SQ1 сесијата во која најважно беше да се направи брз круг без напуштање на границите на патеката. Изненадувањето во овој сегмент беше елиминацијата на Ленс Строл, втор ден по ред.
Логан Сарџент ги загуби сите брзи кругови поради напуштање на границите на патеката. Вилијамс беше единствениот тим кој ги загуби двата болида во оваа прва сесија. Јуки Цунода и Кевин Магнусен исто така не успеаја да напредуваат понатаму во спринт престрелката.
Во SQ2, Ландо Норис беше најбрз и најави дека возачите на Мекларен ќе атакуваат на првиот стартен ред, а најголемо изненадување беше испаѓањето на Луис Хамилтон и само 12-та позиција за Спринтот. Покрај него крај на спринт престрелката беше и за Пјер Гасли, Лиам Лосон и двата возач на Алфа Ромео.
Макс Ферстапен беше првиот возач кој излезе на патеката во SQ3 сесијата, но го загуби својот брз круг поради напуштање на лимитите на патеката во 5-от свиок, што го стави во незгодна положба бидејќи воедна сесија може да се користи само еден сет на гуми.
Со оваа грешка на актуелниот шампион, возачите на Мекларен знаеја дека им претстои златна можност. Оскар Пјастри и Ландо Норис играа на сигурно во првиот обид, додека во вториот двајцата го извадија максимумот од болидот на Мекларен.
Австралиецот го победи својот тимски колега за помалку од една десетинка. Макс Ферстапен, со користените меки гуми, остана трет, зад двата папаја обоени болиди. По прв пат оваа година, возачот што е на Пол позицијата во петок не ја освојува првата позиција на Спринт престрелката.
Џорџ Расел финишираше четврти, а Карлос Саинц Јр. петти, откако Фернандо Алонсо ја загуби таа позиција поради надминување на границите на патеката во неговиот единствен брз круг.
Шпанецот од Астон Мартин вечерва ќе стартува деветти, само пред Естебан Окон на кој исто така му беше избришано времето. Чарлс Леклер беше шести, со Нико Хулкенберг на седмата позиција и Серџо Перез осми.
Овој резултат за Мексиканецот ја остава титулата на дофат на Ферстапен, која треба да биде заверена на Спринтот.
Останува да видиме дали Ферстапен ќе влезе воборба со возачите на Мекларен или ќе игра на сигурно за да ја обезбеди Титулата. Според нас, познавајќи го карактерот на Холанѓанецот, тој сигурно нема да калкулира и ќе оди на Победа на Спринтот.
Инженерите на Пирели по стандардната анализа на гумите по првиот тренинг, дошле до заклучок дека пневматиците кои што биле користени приближно 20 круга имале оштетувања на страничните ѕидови кои може да бидат безбедносен ризик.
Овој проблем најверојатно е предизвикан од високо фреквентните вибрации кога болидите поминуваат над пирамидалните рабници од 50мм кои што се користат на оваа патека.
Со оглед на тоа беа преземени следниве активности како одговор на ова прашање:
- Границите на патеката на свиоците 12-13 беа ревидирани,т.е. скратени за 80см.
- Се воведе 10-минутна сесија за запознавање со измените на патеката, која започна во 15:00 часот.
- Спринт престрелката беше поместена за 20 минути подоцна од закажаното време, т.е. 15:20 часот.
- По Спринтот, 19 круга, ќе има опсежна анализа на гумите, за да се одлучи дали треба да се преземат понатамошни активности пред неделната трка.
Во случај проблемот да биде сè уште присутен, ФИА ќе ја издаде следната директива, од безбедносни причини:
- Векот на гумите не смее да надмине 20 круга за новите гуми што ќе се користат во трката.
- Сите возачи ќе бидат обврзани да ги променат гумите најмалку три пати за време на трката.
Пирели и ФИА ќе спроведат опсежни истражувања и симулации за точно да се утврдат причините кои го предизвикаа овој проблем и да работат на решенија за да се избегне тоа во иднина.
МЕКЛАРЕН НА ПРВИОТ СТАРТЕН РЕД ЗА САБОТНИОТ СПРИНТ
10/07/2023 02:25:00 PM
0
Share to other apps