Чарлс Леклер со Ферари беше најбрз на вториот тренинг за Големата Награда на Абу Даби, на кој имаше мала активност на патеката поради инцидентите на Карлос Саинц Јр. и Нико Хулкенберг.
Во десеттата минута сесијата беше прекината поради излетувањето на Карлос Саинц Јр., кој со голема брзина удри во заштитните бариери.
Јас Марина е една од најбезбедните, но на излезот од третиот свиок Ферарито изгуби контрола и заврши во бариерите. Шпанецот самостојно излезе од болидот, но неговите механичари ќе мора да работат напорно да го поправат оштетениот SF23.
Беше потребно време да се заменат заштитните бариери, па прекинот се одолговлечи и траеше половина час.
Кога возачите повторно се вратија во акција на патеката, речиси веднаш Нико Хулкенберг на излезот од првиот свиок изгуби контрола врз својот Хас и заврши во заштитните бариери. Црвените знамиња повторно се појавија, но, овој пат болидот беше брзо евакуиран.
По првиот тренинг полн со млади возачи и со Џорџ Расел на врвот на табелата, следуваше секогаш важниот попладневен тренинг во Абу Даби, кој се совпаѓа со времето на одржување на трка и нуди слични услови.
Немаше време за губење по чудниот Т1, па многу возачи брзо тргнаа на патеката. Освен Валтери Ботас, бели, и Логан Сарџент, црвени, сите останати возачи ја стартуваа сесијата со жолтите гуми.
Макс Ферстапен започна со 1:26.453, Џорџ Расел ја потврди одличната форма на Мерцедес АМГ со 1:25.906. Но, Карлос Саинц Јр. по само осум минути имаше тешко излетување и предизвика развејување на црвените знамиња.
Се чекаше долго ма поправки, па сесијата продолжи во 14:35 часот по македонско време, што значеше дека возачите имаа уште 25 минути за акција на патеката. Очекувано, сите возачи брзо излегоа од своите гаражи.
Зелените знамиња беа краткотрајни, бидејќи Нико Хулкенберг имаше излетување во првиот свиок, при неговиот прв брз круг со црвените гуми. Во овој случај, чекањето беше пократко, бидејќи заштититните бароери не требаше да се поправаат.
Сесијата продолжи во 14:44 часот, па преостанаа само 16 минути до финишот. Повторно, немаше време за губење, а сообраќајниот метеж беше огромен во пит-линијата. Макс Ферстапен реши да се забавува и претекнува во тунелот на излез од боксевите.
Некои возачи беа на користени гуми, а други на нови. Всушност, веќе имаше многу меки на патеката. Чарлс Леклер, со нови црвени гуми, прв ја помести границата под 1:25.000.
Набргу потоа, Фернандо Алонсо возеше на нов сет од црвените пневматици, но не успеа да го победи времето на Моначанецот.
Во завршните минути од сесијата имаше зголемена активност, но никој не успеа да го победи Леклер, па тој заврши на првото место. Ландо Норис заостана 43 илјадитинки, а Макс Ферстапен една десетинка.
Валтери Ботас заврши четврти, пред Серџо Перез, кој претходно беше многу брз во првите два сектори, но му пропадна првиот брз круг поради сообраќај во третиот сектор.
Најбрзите 10 возачи ги комплетираа Џорџ Расел, Џоу Гуанју, Луис Хамилтон, Пјер Гасли и Оскар Пјастри. Возачите на Мерцедес АМГ беа со многу гориво во своите болиди во оваа незгодна завршница на втората тренинг сесија, единствена значајна во Абу Даби.
ФЕРАРИ ВОЗВРАЌА НА СКРАТЕНАТА ВТОРА ТРЕНИНГ СЕСИЈА
11/24/2023 01:44:00 PM
0
Share to other apps