Запознавањето со нова патека е секогаш интересно и за возачите и за фановите на Формула 1. По локално време, првиот тренинг за Големата Награда на Лас Вегас започна во четвртокот во 20:30 часот, а во Македонија беше пет и пол, петок наутро.
Финалните работи на патеката завршија само ден претходно, но инспенцијата на ФИА даде зелено светло за почеток на закажаниот распоред. Викендов нема трки за поддршка, па асфалтот е целосно "зелен", па возачите се пожалија на недостаток на грип, постепено добивајќи брзина и самодоверба.
Во деветтата минута се појавија црвени знамиња, Карлос Саинц Јр. застана на крајот од правецот пред 14-от свиок поради оштетување на долниот дел од болидот, настаната по преминот преку шахта од системот за дренажа на патеката, откако комплетираше само четири круга.
Возачите се вратија во своите гаражи, а делегација на ФИА и локални инженери излегоа на местото на настанот.
Исто така, од тимот на Алпин соопштија дека ќе мора да ја заменат шасијата на Естебан Окон поради оштетување од одводната шахта. Оштетен е и болидот на Џоу Гуанју.
Тука заврши првиот тренинг кој траеше неполни десет минути, проблемот со патеката се покажа како сериозен и беше одлучено да не се продолжи со сесијата, на разочарување на бројните гледачи.
Организаторите на Големата Награда на Лас Вегас се сопнаа веќе на првата пречка.
Шахтата предизвика најсериозна штета на болидот на Карлос Саинц Јр., како да бил погоден од проектил од неговата долна страна.
Одредени извори од таборот на Ферари сугерираат дека дупката била толку голема, што од кокпитот можел да се види асфалтот на патеката. Неговото Ферари претрпе оштетувања на подот, погонската единица и акумулаторите за складирање на електричната енергија.
Ферари ќе мора да ја смени и шасијата на Саинц Јр., а голема е веројатноста шпанскиот возач да го пропушти вториот тренинг, кој е одложен на неодредено време за да се осигура патеката со цел да биде безбедна за болидите и возачите.
Фред Васер, тимскиот шеф на Ферари го нарече проблемот со одводните шахти за неприфатлив во денешната ера на Формула 1. Проблемот е комплициран од фактот што во Лас Вегас е ноќ и многу услуги не работат.
НАЈНОВИ ВЕСТИ:
- Вториот тренинг ќе започне во 11:00 часот по наше време и ќе трае 90 минути.
- Ферари поднесе извештај за настанатата штета до стјуардите, со цел отстапување од спортските регулативи со цел да се заменат акумулаторите за складирање на енергија без казна.
- ОФИЦИЈАЛНО: дополнително одлагање на почетокот на Т2 за 30 минути, ново време за старт 11:30 МК.
- ОФИЦИЈАЛНО: Од Ферари побараа да им биде дозволено да ги заменат оштетените делови кои подлежат на казни без нивно аплицирање, но барањето беше одбиено со образложениe дека стјуардите немаат никаква основа врз која би донеле таква одлука и покрај невообичаните и несекојдневни настани за време на првиот тренинг.
- ОФИЦИЈАЛНО: Фановите беа избркани од трибините, вториот тренинг ќе се одржи без публика поради логистички проблеми.
- НЕОФИЦИЈАЛНО: 10 стартни места казна за Карлос Саинц Јр. за промена на акумулаторите за складирање на електричната енергија.
ПРОБЛЕМИ СО ПАТЕКАТА ВО ЛАС ВЕГАС
11/17/2023 09:19:00 AM
0
Share to other apps