Големата Награда на Лас Вегас ја отвора серијата од две последователни трки кои ја завршуваат 2023 сезоната во Формула 1 Шампионатот. Ова е трета трка во САД и се одвива по временски распоред кој што е реткост за Формула 1.
Сите настани се поместени еден ден порано и се одвиваат ноќе под вештачка светлина, но според нашата временска зона, распоредот повеќе потсетува на трката во Јапонија.
Според локално време, прес-конференциите започнаа во среда, тренинзите во четврток, квалификациите во петок, а трката во сабота, но за нас тоа е утрото наредниот ден.
Статистички гледано, ГН Лас Вегас ќе биде 74-та трка што не се одржува во недела. Формула 1 веќе беше во Лас Вегас, пред четириесет години, а трките се одржуваа на паркингот од хотелот Цезар Палас.
Тогаш никој не ја сакаше привремената патека оградена со бетонски блокови, но сега се е направено по највисоки стандарди, т.е. речиси баш се, освен одводните шахти, кои станаа хајлајтс на тркачкиот викенд.
Градската патека се одликува со долги правци и голема просечна брзина и беше создадена и финансирана од самата Формула 1 со цел да ги засени повеќето настани во тркачкиот календарот. Барем тоа беше целта, а дали тоа е така оставаме вие да го дадете последниот збор.
Либерти Медиа дејствуваа како промотор на настанот, инвестирајќи огромни суми пари во надеж за уште поголем профит. Каде на друго место има билети од милион долари? Освен во Мајами.
Неверојатно е колку брзо настанот во Мајами го изгуби својот премиум статус. Американските сопственици на Формула 1 активно бараат да се оддалечат од наследството на Берни Еклстоун.
Трката во Мајами накратко стана настан со потпис на Формула 1, преземајќи ја таа улога од Монако, но главниот настан сега е во Лас Вегас, каде Либерти Медиа и тимовите ќе ги поканат клучните партнери и потенцијалните спонзори да се импресионираат од обемот на настанот.
Мајами не успеа, дали Лас Вегас може да го преземе приматот на Монте Карло?
Со доаѓањето на Либерти Медиа, Формула 1 стана поинаква. Форматот на викендот се промени, се појавија спринтови, правилото "една земја - една трка" исчезна. Сега има две трки во Италија и три во САД.
Времето се менува, а ние се менуваме со него. Доаѓаат нови фанови, се појавуваат нови трки, животот продолжува, сакале ние или не.
Либерти Медиа сакаше трката во Лас Вегас да има важна спортска улога, која секогаш значително ја зголемува публиката, но речиси сите спортски прашања за оваа сезона се одамна решени.
Познати се носителот на шампионската титула кај возачите и победникот во шампионатот за конструктори, остануваат само уште неколку второстепени дуели, меѓу кои и за второто место меѓу Серџо Перез и Луис Хамилтон, но по дисквалификацијата на Британецот во Остин, се чини дека во оваа борба се е решено.
Во шампионатот на конструктори се води многу тесна битка за последните четири позиции, со оглед на тоа што секоја од нив носи милиони долари парична награда, Вилијамс, АлфаТаури, Алфа Ромео и Хас ќе направат се за да освојат бодови на последните трки од сезоната.
Состојбата на асфалтот во Лас Вегас се менуваше во текот на целиот викенд, па инженерите на Пирели не знаат со сигурност која стратегија ќе биде оптимална...
Марио Изола, Пирели: "Во квалификациите возачите беа на долги стинтови, правејќи еден брз круг, проследен со еден или два круга за подготовка, додека други се обидоа најдобро да го искористат поголемиот грип што го нудат нови пневматици."
"Тешко е да се каже кој метод се покажа како најефикасен бидејќи еволуцијата на патеката беше многу значајна, поважна од кој било друг фактор."
"Гледајќи кон трката, јасно е дека белите и жолти гуми се тие кои се најпогодни за да се справат со закажаните 50 круга. Постојат различни опции на маса, и во однос на сетовите со кои тимовите располагаат, и врз основа на влијанието на грејнингот, појава која беше значајно изразена и на квалификациите."
"Ако овој феномен стане помалку важен на трката, тогаш едно застанување во бокс ќе биде најбрзата опција, но доколку остане значаен фактор стратегија со два пит-стопа може да се покаже како подобра опција."
"Изборот за тоа која смеша ќе се користи најмногу ќе зависи од гумите со кои располага секој од возачите, но може да зависи и од можноста да се употребат црвените гуми во последниот дел од трката."
Штетата за Ферари беше направена на првиот тренинг, кога Карлос Саинц Јр. ни крив ни должен доби 10 места казна, па ќе стартува од дванаесетата позиција на гридот.
Инцидентот со фамозната шахта влијае на целиот викенд на Шпанецот кој наместо да се бори за врвот ќе има трка враќање кон врвот, а до каде ќе стигне ќе видиме по завршување на трката.
Казна за која можеше да се направи исклучок доколку не беше противењето на тимот на Мерцедес АМГ. Ферари побара да не бидат казнети, со оглед дека штетата беше предизвикана од причина надвор од нивна контрола.
Спортските регулативи не го регулираат ова прашање, но со едногласност на сите тимови можеше да се направи исклучок. Но, тимот од Бракли бил единствениот кој одбил да и дозволи на ФИА да направи исклучок за казната на Карлос Саинц Јр..
Ленс Строл за време на саботниот тренинг го претекна Ферарито на Карлос Саинц Јр. за време на двојни жолти знамиња. Канаѓанецот објасни што се случило велејќи дека во тој момент гледал во дисплејот на воланот на болидот, а исто така го гледал Ферарито како напредува и не ги забележал знамињата.
Иако немаше жолто светло на дисплејот на Астон Мартин, правилата велат дека развеаните знамиња на патеката имаат поголема предност, па возачот доби стандардна казна од пет стартни позиции на денешната трка, плус доби и три казнени поени во Ф1 лиценцата.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА ЛАС ВЕГАС ГРАН ПРИ
11/19/2023 12:31:00 AM
0
Share to other apps