Големата Награда на Абу Даби ја завршува 2023 сезоната и напорната серија од пет трки во шест недели. Од Лас Вегас до Абу Даби има повеќе од тринаесет илјади километри и дванаесет временски зони.
Последниот предизвик за тимовите на крајот на напорната сезона, но, по еднодневната тест сесија ќе го имаат долго очекуваниот одмор.
Нема да има промени во возачките постави за следната сезона, со мала доза несигурност за Логан Сарџент и неговата иднина во тимот на Вилијамс.
Идејата за изградба на патека во главниот град на Обединетите Арапски Емирати беше формализирана во јануари 2006 година, кога Херман Тилке доби наредба да развие скромна патека од три километри за регионални трки.
Секој месец проектот се прошируваше, а летото беше одлучено да се финализира со лиценца за Формула 1 трки. Како резултат на тоа, патеката на вештачкиот остров Јас стана во тоа време еден од најамбициозните проекти на архитектонското биро Тилке.
Патеката во Абу Даби често беше критикувана за проблеми со претекнувањето, а тоа стана особено очигледно во 2020 година, па патеката беше реновирана за сега веќе епската трка на која беше одлучена шампионската титула кај возачите за 2021 сезоната.
Бавните свиоци беа заменети со многу побрзи, а должината на еден круг се намали за 273 метри. Бројот на кругови беше зголемен на 58, па вкупното растојание на трката дури и малку се зголеми.
Патеката бара просечно ниво на потисна сила, а оптоварувањето на сопирачките е доста големо. Во трката, возачите користат специјален визир за удобен премин од природно во вештачко осветлување.
Една од поинтересните карактеристики е тунелот на излезот од пит-линијата, за кој на почетокот, многумина беа скептични за неговата практичност, бидејќи во случај на инцидент тешко ќе се отстрани болидот, но досега се уште не се појавија сериозни проблеми.
Секогаш е штета кога сезоната ќе заврши. Додека таа трае, ги броевме деновите до следната трка, прогнозиравме, се радувавме, но и се разочарувавме од некои трки, сега се тоа заминува на зимска пауза.
Последната трка е време да ја направиме "завршната сметка", на крајот на овој викенд, а потоа да се зафатиме со следната 2024 сезона.
Според инженерите на Пирели, стратегијата со едно застанување за промена на гумите, можеби е најбрзата опција за Големата Награда на Абу Даби. Почетен стинт на жолтите гуми, кои потоа би се зманиле со белите, при што менаџирањето со деградацијата на подолгиот прв стинт ќе биде од клучно значење.
Тимовите со зголемената деградација на гумите може да се одлучат за два пит-стопа. Две опции се сметаат за најбрзи: старт на жолти, промена на бели, помеѓу 12 и 18 круг, и завршен стинт или на бели или на црвените гуми доколку вториот стинт се успее да се протегне до 43-48 круг.
Помалку е веројатно трката да се финишира на црвените гуми, бидејќи е малку веројатно тие да бидат конкурентни како другите смеши. Она што тимовите ќе изберат да го направат, исто така, најверојатно ќе зависи од нивната преостаната распределба на пневматиците.
На крај од понудените опции на Пирели е стратегијата за едно застанување и старт на црвените гуми, кои од 12-18 круг би се замениле со белите, при што менаџирањето во првиот стинт ќе биде уште од поголемо значење отколку во првата опција.
Излегувањето на безбедносното возило би играло важна улога во понатамошниот тек на одбраната стратегија.
Во пресрет на последната трка, шампионските титули се решени, но останува да го видиме исходот на неколку помали битки, од кои најинтересна би требало да биде таа за второто место во пласманот на конструктори и за местата на дното на табелата кои исто така носат многу пари.
Сезоната испадна интересна, можеби не толку спортската компонента, туку иницијативите на Либерти Медиа, но тоа секогаш се случува кога оние кои не се особено упатени во некоја работа се зафатат со таа работа.
Откако Чарли Вајтинг си замина, настана криза со техничкото раководство на ФИА, а претседателот Жан Тод всушност се повлече од власт. Старата градба се урна, на нејзиното место не се појави нова.
Последната трка ќе биде последна за Франц Тост, тимскиот шеф на Торо Росо/АлфаТаури, кој отсекогаш бил достојна личност во Ф1 падокот. Ова ќе биде последен викенд за партнерството Заубер-Алфа Ромео, а потоа двете страни ќе тргнат по својот пат.
Останавме само ние и вие. Позната е изреката на еден просечен Ф1 фан: Не гледам повеќе Формула 1! Досадно е само еден да победува, но веќе следната трка со нетрпение го очекувам стартот!
Пристигна првиот снег, вистинска снежна бајка. Зима, што значи време е за сумирање на резултати, новогодишните празници, Божиќ, па повторно презентации на 2024 болидите, пред сезонски тест сесии, прогнози и очекувања.
Не ни беше лесно, но се трудевме да не го забележите тоа. Но, веќе со нетрпение очекуваме да видиме каква ќе биде следната сезона.
Логан Сарџент комплетираше два брзи круга во првиот дел од квалификациите за Големата Награда на Абу Даби, но двете негови времиња беа избришани поради надминување на лимитите на патеката, па не беше во можност да го испочитува правилото 107% од времето на лидерот во сесијата.
Тимот на Вилијамс побара дозвола од стјуардите и тие му дозволија на Американецот да ја започне денешната трка врз основа на неговите резултати од тренинг сесиите.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА АБУ ДАБИ ГРАН ПРИ
11/26/2023 11:10:00 AM
0
Share to other apps