Не беше драматично како вчера, но денес имавме реприза на финалниот сегмент од вчерашните квалификации, т.е. пресметка од само еден брз круг.
Во SQ3 од Спринт престрелката во Бразил, ниту еден болид не излезе на патеката додека не останаа околу три и пол минути од сесијата.
А, во сето тоа лудило, Ландо Норис го победи Макс Ферстапен за 61 илјадити дел од секундата за старт од првата позиција на денешниот Спринт.
Најбрзиот круг на Ландо Норис не беше совршен, бидејќи тој премногу ги напаѓаше рабниците во Сена шиканата, но без време за втори обиди, нападна во вториот дел од кругот, што беше доволно да се совлада Ферстапен кој "остави" неколку десетинки во вториот сектор.
Серџо Перез се квалификуваше на третата позиција и покрај тоа што користеше стари гуми. Како за споредба Карлос Саинц Јр. не можеше да оди подалеку од деветтата позиција, на употребувани црвени гуми.
По вториот Ред Бул на мексиканецот, следуваат возачите на Мерцедес АМГ, Џорџ Расел пред Луис Хамилтон на П4 и П5, кои ги победија Јуки Цунода, Чарлс Леклер и Даниел Рикиардо. Возачите на АлфаТаури овој пласман го должат на новите сетови на црвените пневматици.
Вториот Мекларен на Оскар Пјастри го заокружи пласманот на најбрзите 10 возачи на Спринт Пресметката, која ја одбележи инцидентот помеѓу Фернандо Алонсо и Естебан Окон, кога Французинот изгуби контрола над својот болид на крајот од SQ1. Двата болиди беа оштетени и не можеа да ја продолжат сесијата.
Во SQ1 сесија битката се водеше на жолтите пневматици. Како и претходниот ден, резултатите беа многу блиски и сесијата заврши 30 секунди пред истекот на времето со развеани црвени знамиња кога Естебан Окон удри во бавниот болид на Фернандо Алонсо со голема брзина.
Карлос Саинц Јр. го забележа најбрзото време, а од понатамошниот тек на спринт пресметката беа елиминирани Окон, Строл, Гуанју, Албон и Сарџент.
Почетокот на SQ2 беше одложен, беше неопходно да се отстрани болидот на Алпин и да се поправат заштитните бариери покрај патеката. Стјуардите во овие моменти го разгледуваат овој инцидент.
Механичарите на Астон Мартин се обидоа да го поправат болидот на Алонсо, но безуспешно.
Жолтите пневматици беа изборот на сите возачи и во SQ2 сесијата. Температурата на асфалтот се искачи до 50 степени, а ветерот се засили. Сесијата помина без проблеми. Ландо Норис го забележа најбрзото време, а Магнусен, Хулкенберг, Гасли, Ботас и Алонсо не се пласираа во финалниот сегмент.
Во финалето, SQ3 сесијата, сите се префрлија на црвените пневматици, а ретко кој од нив имаше нов сет на располагање. Макс Ферстапен и Ландо Норис имаа два нови комплета, па реално за очекување беше еден од нив да се најде на првата стартна позиција.
Британецот во болидот на Мекларен беше за 0.067 делови од секундата побрз од Макс Ферстапен, а денешниот спринт двајцата ќе го започнат еден покрај друг. Останатите немаа шанси за нешто повеќе и не сакаа да ризикуваат нови комплети на гуми за главна награда од само 8 поени.
ЛАНДО НОРИС НА ПРВАТА ПОЗИЦИЈА ЗА СПРИНТОТ
11/04/2023 02:44:00 PM
0
Share to other apps