Во петокот заврши единствената претсезонска тест сесија, како подготовка за новата 2024 Ф1 сезона, што значи дека е време аналитичарите да ги сумираат резултатите и дадат своја прогноза за распоредот на силите.
Како и за изминатата сезона, повеќето од нив, на прво место го ставаат тимот на Ред Бул како апсолутен фаворит за Пол позицијата и Победата на трката за Големата Награда на Бахреин, која е закажана за Сабота, 2 Март 2024 година.
Во продолжение ви го претставуваме поредокот, заеднички просек од повеќето аналитичари присутни на патеката, и корегиран според нашите видувања.
Едно ни изгледа сигурно по тест сесијата, а тоа е дека Ред Бул е очигледно уште напред, а Хас е сигурно последен со мала надеж дека, барем на почетокот, ќе може да направи нешто повеќе од последните места на табелата.
Кај Ред Бул, забележителна е разликата во перформанси помеѓу возачите. РБ20 во рацете на шампионот е сосема друг болид, додека Серџо Перез се уште не може да прикаже перформанси барем во близина на Холанѓанецот.
Новото дело на Адријан Њуи ја покажа својата големина, а надежта дека погреши со новиот концепт, како што некогаш направи со Мекларен MP4/18, беше разбиена со првото појавување на патеката. Едноставно, тој го разбира овој концент и е далеку пред сите останати инженери.
1. РЕД БУЛ
Дека Ред Бул е во одлична форма, не треба да се биде експерт да се забележи тоа. Кој и малку ги следеше трите тест дена сигурно забележа дека RB20 изгледаше беспрекорно на патеката и има јасна предност во темпо во однос на еден брз круг, но она што е најважно и во долгите стинтови, т.е. тркачко темпо.
Ако и имаше некакви пропусти, со оглед што Адријан Њуи се реши да го промени концептот на најдобриот болид во историјата на Формула 1, РБ19, инженерите на Ред Бул ги чуваа добро сокриени.
Е сега дали ќе доминира како изминатата сезона, кога беа речиси непобедливи, тоа ќе биде комплицирана задача, со оглед на тоа што конкуренцијата не е толку лоша како минатата сезона.
Тото Волф рече дека Ред Бул е барем половина секунда пред сите. Кај Вилијамс ја зголемија разликата на една секунда. Но, во Милтон Кејнс ја намалија разликата на три десетинки. А три десетини веќе се свет сам по себе. (Над 15 секунди во трка)
На помалку од една недела до почетокот на Големата награда на Бахреин, првата трка од сезоната, раководството на австрискиот концерн Ред Бул се уште нема донесено одлука за случајот на Кристијан Хорнер, кој е обвинет на несоодветно однесување.
Тимскиот шеф на Ред Бул го водеше тимот на претсезонската тест сесија, а на прашањата за напредокот на истрагата, очекувано тој одби да коментира, но изрази надеж дека прашањето ќе биде затворено во блиска иднина.
Според Дејли мејл, во наредните денови бордот на директори на Ред Бул ќе ги добие резултатите од истрагата од независен адвокат, по што ќе биде донесена одлука за иднината на Хорнер.
Ова се очекува да се случи во текот на следнава недела пред почетокот на Големата награда на Бахреин.
2. ФЕРАРИ, МЕРЦЕДЕС АМГ, МЕКЛАРЕН
Клубот на потенцијалните конкуренти за висок пласман изгледа како во вториот дел од претходната сезона со Мерцедес АМГ, Ферари и Мекларен пред Астон Мартин. Тимот од Силверстоун загуби чекор кон крајот од сезоната и се чини дека немаа сили за ново изненадувае и оваа сезона.
Во Ферари можат да бидат задоволни. Минатата година забележаа повеќе Пол позиции и беа единствените кои го победија Ред Бул. Една, ама вредна Победа во Сингапур.
Оваа година се чини дека имаат болид со попредвидливо однесување, без каприците на SF-23 кои предизвикуваа проблеми минатата година и пред се без проблемот со деградација на гумите што ги чинеше многу во трка.
Според табелите, јасно е дека Ферари направи важен чекор напред, и во однос на квалификациско и во однос на тркачкото темпо. Нивните проблеми со деградација на гумите се чини дека се решени или барем доведени до некоја поднослива граница.
Да се биде пред Макс нема да биде лесно, но Серџо Перез можеби ќе им биде на дофат, влегувајќи меѓу двата сини болида.
Мерцедес АМГ има уште многу да покаже. Во квалификациски мод се чини дека стојат зад Ферари или Мекларен, но се чини дека не се оптоваруваа многу на ова поле. Нивното внимание беше насочено кон тркачкото темпо. Двајцата нивни возачи велат дека претходната "дива" е скротена и ќе има подеднакво однесување на која било патека.
Јасно е дека имаат добар развоен потенцијал напред, но засега изгледаат малку зад Ферари, особено во квалификациите, бидејќи темпото на трката е речиси изедначено, можеби дури и малку подобро во нивна корист.
Доколку се покажат точни информациите дека секогаш биле 20 кг потешки во однос на црвениот тим, комфорно може да бидат тимот што ќе го брка Ред Бул.
Како и да е, едно е јасно дека Ферари, Мерцедес АМГ, а тука слободно може да се вклучи и тимот на Мекларен се тука некаде и многу блиску еден до друг, па нивниот редослед може да се менува од трка до трка.
Мекларен се чини дека ќе имаат добар настап на квалификациите и малку повеќе потешкотии во трката. MCL38 е ефикасен болид, а двајцата возачи покажаа слична брзина и ритам. Она што може да загрижува се ситните проблеми кои им одзедоа доста време од тест сесијата.
3. АСТОН МАРТИН
Тимот кој беше хит на минатогодишната тест сесијата, се чини дека не е на тоа ниво и дека нивниот напредок не беше доволен.
Фернандо сака да биде оптимист, размислувајќи за подиуми, но дури и пласман во Топ 5 не изгледа реално, освен ако нешто сокриле или "Нандо" е способен да извади неколку десетинки повеќе од AMR24.
Никој не очекува брилијантен почеток на сезоната како лани, шест подиуми во првите осум трки, туку многу повеќе сличен на крајот на сезоната кога на многу трки имаше потешкотии да се надмине осмото место.
4. ТОРО РОСО, АЛПИН, ЗАУБЕР, ВИЛИЈАМС
Во тимот на Торо Росо решија да се доближат до сестринскиот тим кој бележи рекорди на патеката. Се што можеше да се искористи од минатогодишниот РБ19 го аплицираа на новиот VCARB01, и како резултат на тоа би требало да имаат добар болид за трка.
Заубер и Алпин се тука некаде по забележаните времиња, а Вилијамс е тука веднаш зад нив. Се чини дека е тешко да се знае кој е пред кого. Но, и во квалификациско и тркачко темпо би требало да се зад Торо Росо.
Заубер и Алпин се два тима кои се под притисок. Првиот, бидејќи во 2026 стануваат фабрички тим на Ауди, но од овој германски автомобилски гигант не стигнуваат премногу добри вести за нив.
Во Алпин никако да погодат добра насока на развој, Рено ПЕ заостанува зад останатите, а се поголеми стануваат гласините дека Лука де Мео, извршниот директор на групацијата Рено, не е баш задоволен и ќе им даде отказ на повеќето инженери во тимот.
Вилијамс е мистерија. Уште еден тим во реконструкција и има потреба од инвестиции. Минатата година постигнаа охрабрувачки резултати. Оваа година можеби ќе им биде потешко да ги повторат. Многу тимови напредуваа и горе-долу го прават истото.
5. ХАС
Во тимот на Хас беа фокусирани со обидот да ги надмат проблемите со менаџирањето на гумите од минатата година и да ги соберат вистинските податоци кои ќе го водат нивниот развој во 2024 година.
Во овој тим се насочуваат кон првата трка од новата сезона со многу непознати во поглед на нивното квалификациско темпо, но со многу подобро разбирање на хроничните проблеми што ги уништуваа нивните трки во 2023 година.
Секако, ова се првични заклучоци, кои треба да се потврдат на првите трки. Има многу непознати, па тест сесиите не секогаш се одраз на вистискиот распоред на тимовите. Но, криењето на нешто при толку малку тест денови ни е нелогично и непрофитабилно, освен во случај кога сте 100% сигурни во нешто.
Табелите се следни:
Како и во изминатата сезона, примарен начин за следење на Формула 1 на телевизија е странскиот канал Спортклуб, е сега кој нивни канал е прашање, затоа што имаа обичај да менуваат како им одговара.
Откако овој канал ги откупи Ф1 правата за емитување ТВ преноси и на територијата на Република Македонија, нити една од нашите национални телевизии не се расположени за вложување на огромни средства кога треба да се натпреваруваат со нелојална конкуренција.
Еден од најголемите кабловски оператори, А1, останува на ставот дека нема да ги емитува овие канали, па најмалку 1/3 од македонскиот аудиториум немаат "легална опција"да ги гледаат трките на Формула 1.
За тие што не се во можност да го гледаат Спортклуб да се обидеме да најдеме практично решение за тоа како да ги гледаат трките од омилениот мотоспорт кога не се достапни преноси на нашите национални телевизии.
Сите новости, најнови и проверени, поврзани со Формула 1 како и секогаш ќе ги имате на нашиот блог, ФБ страница и Вајбер/Телеграм групите. Но кога се во прашање преноси на трките, тука имаме две решенија, посложено и поскапо или поедноставно и поефтино.
Со други зборови, подзаборавените сателитски антени или стримови преку интернет. На официјалната страница на Формула 1 ги имате најновите информации кои канали емитуваат Ф1 трки, со напомена дека стануваат се поретки каналите кои емитуваат бесплатно, Free-toAir.
Потоа се обраќате до монтери на сателитски антени во вашиот град и прашувате дали можат да обезбедат пристап до еден од каналите од списокот. Ако можат, тогаш тоа е прашање на технологија и вашите финансиски можности.
Полесно и подостапно е да се гледа Формула 1 онлајн. За да го направите ова, потребни ви се услугите на неофицијални IPTV провајдери кои пренесуваат сигнал преку Интернет. Има многу такви провајдери и тие овозможуваат гледање ТВ канали на повеќе врсти на телевизори и уреди: SMART, Андроид, iOS или Windows.
Главната разлика помеѓу таквите провајдери и официјалните е тоа што тие обезбедуваат пристап до ТВ канали кои не се емитуваат во Македонија. Просечната цена на претплата е од 300 денари месечно, па нагоре.
Повеќето од нив обезбедуваат бесплатен тест пристап, што овозможува да се провери квалитетот на сликата и да се уверите дека ги имаат каналите кои нудат Ф1 трки.
Најпознат и најдобар секако е специјализираниот канал на Скај групацијата, Sky Sports F1, кој емитува на англиски, германски и италијански јазик. Покрај него има и други канали од различни земји.
Многу добар начин за гледање на Формула 1 е да се претплатите на официјалната услуга F1 TV Pro. Во Македонија таа не е достапна, (причината никој не ја знае, зошто сме отсечени од реалноста, кога сите соседни земји, па дури и Косово, Босна имаат право на претплата!), но ограничувањето може да се заобиколи.
Доволно е да се поврзете преку VPN од земја во која е достапна услугата (на пример, Србија), да регистрирате нова сметка, означувајќи ја истата земја на живеење преку која работи вашиот VPN и да платите за претплатата. Сепак ова не е баш најбезбедно решение.
За крај наједноставното и најефтино решение се стримовите кои ги има на интернет. Квалитетот на сликата е добар, но има повеќеминутно доцнење и нема гаранции дека пронајдениот линк ќе продолжи да работи и следниот пат.
Во Вајбер групата настојуваме редовно да се постираат фунционални линкови за сите уреди од телефон, компјутер, ТВ од понова генерација.
И последна опција се старите добри торенти, доколку сте спремни да ги гледате трките со совршен квалитет, но задоцнување од повеќе часа. Можностите за гледање Формула 1 остануваат, но бараат поголем напор, отколку само вклучување на ТВ приемникот.
СТАРТУВА НОВАТА Ф1 СЕЗОНА, ЗАВРШНА АНАЛИЗА НА ТЕСТ СЕСИЈАТА
2/25/2024 02:50:00 PM
0
Share to other apps