Вчера ја имавме веста на годината, што одекна во заедницата на Формула 1, кога беше објавено дека во 2025 година Луис Хамилтон ќе се приклучи на тимот на Ферари.
Британецот потпиша повеќегодишен договор, а италијанскиот печат успеа да дознае некои детали од тој договор.
Договорот на Хамилтон е најмалку до крајот на 2026 година и тој ќе заработува импресивни 100 милиони долари годишно.
Оваа сума вклучува плата од тимот, исплати за спонзорство, бонуси и многу повеќе. Така, Луис ќе биде меѓу најплатените возачи во историјата на Ферари.
Покрај спортската страна, со Ферари е договорено да бидат подржани неговите проекти поврзани со различноста и инклузивноста, како и да бидат промовирани сопствени проекти на истата тематика.
Лео Турини, познатиот италијански ветеран во новинарството верува дека Хамилтон ќе донесе талент и знаење во италијанскиот тим, но она што би било поважно е дека има шанси да привлече и големи инженерски имиња да дојдат да работат во Маранело.
Токму тоа го направи Шумахер пред речиси триесет години кога со себе донесе половина од Бенетон.
Но, Шумахер тогаш беше во најдобрите години од својата кариера, додека кариерата на Луис е при крај и тоа е значајна разлика.
Договорот на Хамилтон со Ферари неминовно ги враќа спомените од преселбата на Кристијано Роналдо во Јувентус. Теоретски, ова требаше да му ја обезбеди на клубот од Торино посакуваната победа во Лигата на шампионите, но сето тоа заврши со контра ефект, и спортски и финансиски.
Во случајот на Хамилтон, ризикот е ист: облогот е на одредена личност, а не на Тимот. Во Формула 1, дури и најдобриот возач не може да победи доколку нема болид што одговара на неговото ниво на талент.
Ова е главниот предизвик со кој ќе се соочат сите во Ферари: како ќе можат да им обезбедат на Хамилтон и Чарлс Леклер такви болиди?
Кога зборуваме за Леклер, кој веројатно бил однапред информиран, се надевам дека се чувствува добро за можноста да стане тимски колега со Луис Хамилтон.
Што се однесува до Карлос Саинц Јр., тој немаше среќа во смисла што, со својот премногу мек карактер, се најде во оваа сурова средина.
Останува да му посакаме се најдобро на Фред Васер, кого го чека бурна сезона во 2024 година.
ХАМИЛТОН ДОБРО ЌЕ ПРОФИТИРА ОД ФЕРАРИ
2/02/2024 08:29:00 PM
0
Share to other apps