На патеката во Сахир привршуваат подготовките за претсезонската тест сесија во Формула 1, која започнува утре, 21 Февруари 2024 година. Контејнерите со опрема веќе се на лице место, а механичарите ги привршуваат работите на инсталација и монтажа за целосно фунционирање на тимските гаражи.
Организаторите на Големата Награда на Бахреин известуваат за голема побарувачка на билети за трката која ќе се одржи на 2 март (САБОТА), а сите места на трибините се веќе распродадени.
Формула 1 тимовите имаат само еден болид на располагање во текот на трите тест дена, така што возачите мора да ги поделат часовите за тестирање.
Ова ќе биде единствената претсезонска тест сесија за 2024 година, па Ф1 тимовите треба да бидат исклучително внимателни кога ја планираат својата програма, бидејќи ќе биде тешко да се надокнади изгубеното време на патеката.
Тест сесијата е време кога треба да создадеме првична слика за распоредот на силите помеѓу тимовите. Најдобрите од нив, вообичаено, не ги откриваат сите карти, тие не работат во квалификациски режим, со минимална количина на гориво и не ја вклучуваат целосната моќност на погонските единици.
За секој тим на овие тестови многу е важно секој круг да се користи со максимална ефикасност и да се комплетираат што е можно повеќе од нив без поголеми проблеми.
Едно нешто што не може да се сокрие, е издржливоста на ПЕ и доверливоста на сите системи како целина, па ако некој тим има проблеми веќе на тестирањето, не може да се надева на добра сезона.
Покрај издржливоста, ќе биде интересно да се види дали тимовите ги решиле проблемите со вертикалните осцилации и потскокнувањето како битен фактор за отклучување на целосниот потенцијал на болидите. Да, и во третата година од новите правила одредени тимови имаа проблеми на ова поле!
Минатата година ФИА се обиде да помогне во решавањето на овие проблеми со задолжително подигање на висината на болидите за 15мм. Оваа појава не можеше да биде детектирана на симулаторите, па така ниту еден од тимовите нема да знае со сигурност дали проблемот е решен се додека нивните болиди не излезат на патеката.
Возачите ќе сакаат што подобро да ги разберат карактеристиките на новите болиди и нивната корелација со гумите на Пирели, кои станаа значајна компонента за успешни резултати.
Како што е вообичаено за тест сесиите, тимовите ќе ги имаат на располагање сите смеши од опсегот на Пирели, дури и ако тие не се погодни за оваа патека.
Италијанскиот производител ќе им достави по 35 комплети од гумите за суво време, како и по два од зелените интермедија и сините гуми за дожд.
Секој тим имаше право да одбере по колку сетови од секоја смеша сака да користи за тест сесијата. Од Пирели донесоа пневматици произведени од 7 смеши. Две од нив се за дожд и веројатно нема да бидат потребни на патеката Сакир.
Помеѓу петте смеши за суво време има две бели гуми, означени C1 и C2, еден избор на жолти со ознака C3 и два сета на црвени гуми, од смешите C4 и C5.
Резултатите се секогаш релативни, но тимовите внимателно ќе се следат еден со друг. Како и секогаш, никој нема да знае кој има колку гориво во резервоарите и какви модови на ПЕ се користат, но, денес инженерите се опремени со многу алатки за работа и прибирање на информации, што најверојатно ќе им овозможи да го проценат соодносот на силите на гридот.
Дали тоа ќе го споделат со јавноста е друго прашање. Сепак, за да добиеме јасна претстава за рамнотежата на силите, ќе мора да почекаме на првата трка.
Повеќето од тимовите ги испробаа во пракса своите нови болиди, користејќи ги филмските денови. На пример, Ред Бул, Астон Мартин, Мекларен и Мерцедес АМГ имаа акција на патеката во Силверстоун, Ферари го направи истото во Фиорано, Заубер во Барселона и Торо Росо (РБ) во Имола.
Хас и Мекларен возеа вчера во Бахреин, а Вилијамс го стори тоа утрово. За британскиот тим ова беше прва можност да го тестираат новиот болид.
По Вилијамс, уште два тима наизменично ги возеа своите болиди, Алпине и Мерцедес АМГ. За Алпин, денешниот филмски ден беше и првата можност да се оцени A524 во пракса, а тимот на Мерцедес АМГ го искористи и вториот филмски ден дозволен за оваа година.
За време на трите тест дена, акцијата ќе започнува во 08:00 часот по македонско време. Еден час пауза за ручек следува секој ден од 12:00 до 13:00 часот, во кој период ќе има и прес-конференции за возачите и тимските шефови. Потоа акцијата ќе продолжи во 13:00 до 17:00 часот.
На нашите социјални мрежи и блог ќе ги имате сите поважни новости, гласини, реакции од тимовите на случувањата на и надвор од патеката во Бахреин.
ВОВЕД И РАСПОРЕД НА ВОЗАЧИ ЗА ТЕСТ СЕСИЈАТА ВО БАХРЕИН
2/20/2024 10:55:00 AM
0
Share to other apps