Макс Ферстапен го забележа најбрзото време и ја имаше најголема километража на првиот тест ден на патеката Сакир во Бахреин.
Ландо Норис беше втор со заостанување поголемо од една секунда. Времињата на Мекларен и Ред Бул беа забележани во ист период од сесијата и на иста смеша, C3.
Карлос Саинц Јр. го имаше третото најбрзо време на денот со болидот на Ферари.
Макс Ферстапен продолжи со акција и во вториот дел од сесијата, како и Џорџ Расел со болидот на Мерцедес АМГ, додека останатите осум возачи по прв пат ги почувствуваа своите нови болиди.
Зимските тестови ги сумираат резултатите од напорната вонсезона, работата на дизајнот на новите болиди и иако техничките прописи не се многу променети, сите се обидоа да постигнат поголема стабилност, брзина и издржливост.
Првиот ден од тестирањето беше посветен на работата со аеродинамиката, осигурувајќи се дека пресметките и корелацијата на податоците помеѓу воздушниот тунел и вистинската патека се точни.
На болидите беа монтирани матрици со многу сензор за притисок и полиени со многу аеродинамичка боја. Двете сесии поминаа без проблеми. Болидите се издржливи, патеката простува возачки грешки.
Утрината, Естебан Окон имаше излет низ чакалот, попладнево Логан Сарџент успеа да го изврте својот Вилијамс во 9-от свиок, по што се врати во својата гаража и не излезе повторно на патеката.
Вилијамс беше тимот со најмногу дефекти, утрината изгубија време поради замена на пумпата за гориво, попладнето имаа проблеми со погонската осовина. Новиот болид, FW46, комплетираше само 61 круга со Албон и Сарџент зад воланот.
Мекларен го замени подот на MCL38 за попладневната акција со Ландо Норис.
Ленс Строл го загуби левиот ретровизор на својот Астон Мартин, Рикиардо успеа да го избегне, а Хулкенберг го прегази со предното лево тркало.
Забележливо беше дека се е подобрено во однос на минатата година, но ова е само првиот тест ден. Каков ќе биде вистинскиот однос на силите ќе дознаеме следната недела.
Веројатно нема да има поголеми промени, но ќе видиме. Се чини дека поранешниот АлфаТаури, сега РБ (Торо Росо) има подобар болид за разлика од минатата сезона, откако доби повеќе готови делови од Ред Бул.
Времето беше поволно за работа, дење беше топло и ветровито, но како сонцето заоѓаше, температурата опадна, грипот се подобри и возачите се чувствуваа поудобно. Беше вклучено осветлувањето на патеката, а во слични услови ќе се одржи првата трка од новата сезона.
Денес, во Бахреин, беше означен почетокот на 2024 сезоната, која стартуваше на ист начин како што заврши минатата сезона, со Макс Ферстапен и Ред Бул на врвот од табелата и со голема предност во однос на останатите ривали.
Ниту случајот Хорнер, ниту сите гласини што ги донесе со себе во последните недели, не го одвлекуваа вниманието на Ред Бул. Австрискиот тим го започна "газењето" на конкуренцијата и веќе на првиот тест ден шампионот водеше со повеќе од секунда разлика.
Во раните фази на денот, се чинеше дека Ферстапен има проблеми со својот нов болид, кој како да не сакаше да се покори на неговите наредби. Сепак, по неколку застанувања во боксот и како што поминуваа круговите, RB20 почна да го покажува својот потенцијал.
На Ферстапен не му требаше многу време да го преземе водството на табелата и остави многу добро чувство и во квалификациски круг и на подолго тркачко темпо. Ферстапен ја предводеше утринската сесија со седум десетинки пред Ферарито на Чарлс Леклер и осум пред Астон Мартин на Фернандо Алонсо.
Предност што тој уште повеќе ја зголеми во текот на попладневните часови, со нов сет на жолтите, C3, гуми на Пирели беше повеќе од секунда побрз во однос на најблискиот свој ривал, Ландо Норис со Мекларен.
Вистина е, на првиот тест ден забележаните времиња не се многу релевантни и ако го споредиме денешното време на Ферстапен со времето кое тој самиот го постави минатата година за Пол позицијата во Бахреин, има две и пол секунди разлика.
Но, предноста што Холанѓанецот и Ред Бул ја покажаа во однос на останатите ривали е, во најмала рака, загрижувачка и на ова мора да додадеме дека тие немаа некој позначаен проблем во текот на првиот ден, со комплетирани 142 круга.
Сето ова укажува на тоа дека Адријан Њуи повторно ја има добитната рака и дека RB20, и покрај сите промени што ги претстави во однос на својот претходник и кои никого не оставија рамнодушен, повторно е многу конкурентен болид од самиот почеток.
Дали ќе имаме реприза на супериорноста на Ред Бул од 2023 година?
Сè уште е рано да се зборува за тоа, по првиот ден на тестирање е тешко да се извлечат точни заклучоци, има уште многу да се види и покаже на дело, но, австрискиот тим ја започна 2024 година онаму каде што ја заврши 2023 година.
МАКС ФЕРСТАПЕН ЛИДЕР НА ПРВИОТ ТЕСТ ДЕН
2/21/2024 05:28:00 PM
0
Share to other apps