Ферари денеска, на 13 Февруари, го презентираше новиот 2024 болид, со ознака SF-24. Во тимот решија дека не се суеверни и дека тоа може да им донесе среќа.
Денес не сме петок, 13-ти, а тоа во месец Февруари последен пат се случило во 2015 година, а тој ден немало презентации.
Чарл Леклер и Карлос Саинц Јр. ќе се обидат да ги подобрат минатогодишните резултати и, во најдобар случај, да се борат со Ред Бул за шампионските титули.
Презентацијата се одржа на патеката Фиорано, каде вистинскиот болид беше прикажан пред мала публика од гости, додека остатокот од светот последи кратко онлајн видео. Ова е 70-тиот болид што компанијата го изгради за учество во Формула 1 шампионатот.
На презентацијата присуствуваа претседателот Џон Елкан, извршниот директор Бенедето Виња и потпретседателот Пјеро Ферари, заедно со претставници на партнерите, како и членови на тимот, почнувајќи од тимскиот шеф, Фред Васер и возачите Чарлс Леклер и Карлос Саинц Јр..
Рекордната сезона во шампионатот, со 24 трки, започнува следната недела во Бахреин со единствената предсезонска тридневна тест сесија, проследена со првото гран-при на истото место, во сабота на 2 март.
Концепт. SF-24 е третиот болид од новата генерација на Формула 1 болиди, но ја прекинува традицијата од изминатите две години, почнувајќи од неговиот изглед.
Дизајнерската група, предводена од Енрико Кардиле, имаше за цел да им даде на Чарлс и Карлос болид кој е лесен за возење и кој реагира очекувано, со почетна точка од позитивното чувство што возачите го имаа на последните неколку трки од минатата сезона.
Целта е да им се овозможи да го искористат максимумот од потенцијалот на погонската единица, во комбинација со нивната несомнена вештина зад воланот.
Бои и детали. На прв поглед, болидот е естетски многу различен од неговите претходници и тоа важи и за бојата.
По позитивниот прием во Лас Вегас минатиот ноември, белата се враќа заедно со жолтата, која секогаш била втората боја на Ферари, очигледна врска со Модена, но исто така и знак на другата главна тркачка активност на Маранело, шампионатот во издржливост, WEC.
Како што беше случај минатата година, SF-24 и WEC 499P ја делат истата нијанса на црвената боја, повторно оваа година со мат финиш на Формула 1 болидот.
Не е првпат Формула 1 болид на Ферари да има жолта боја, иако жолтите надолжни ленти не се забележани од 1968 година, додека оваа година, за прв пат, тие се споени со бели тонови.
Затоа, има помалку црно на болидот отколку во претходните години, сега е ограничено на подот, страничните крила, дел од ХАЛО заштитниот систем и други мали површини.
Тркалата се црвени со двојна бела и жолта лента, а со тие две бои се изведени и броевите на возачите, 16 и 55, кои продолжуваат да го користат официјалниот фонт на брендот од Маранело, Ferrari Sans, овој пат со закосени букви.
SF-24 дебитираше на патеката Фиорано, каде Ферари го искористи првиот, од два дозволени, филмски денови за оваа година.
Карлос Саинц Јр., а потоа Чарлс Леклер добија првична идеја за тоа како болидот се однесува на вистинска патека, откако го оценуваа на симулаторот во последните неколку недели.
Фред Васер, тимски шеф: "Презентацијата на новиот болид е секогаш многу возбудлив момент за мене и за возачите, дури и покрај фактот што сите ние веќе размислуваме за моментот кога ќе одиме лице в лице со нашите ривали на патеката."
"Оваа година мора да започнеме онаму каде што застанавме на крајот од минатата сезона, кога бевме постојани меѓу водечките, со цел постојано да се подобруваме во сите области."
"Не чека најдолгата сезона во Формула 1 досега, а Чарлс, Карлос и сите се согласуваме, мора да бидеме дрски и поефективни во тоа како управуваме со трките, правејќи смели избори, за да го добиеме најдобриот можен резултат на секое Гран При."
"Често се вели дека вашите фанови можат да ви дадат дополнителен мотив и тоа дефинитивно ќе биде точно во она што ќе биде многу близок натпревар и ние сме горди што знаеме дека можеме да сметаме на нашите тифози од целиот свет."
Чарлс Леклер: "Многу ми се допаѓа изгледот на болидот, вклучувајќи ги и белите и жолтите делови на каросеријата. Но, секако, она што навистина ме интересира е како ќе се претстави на патеката, бидејќи тоа е сè што е важно."
"SF-24 треба да биде помалку чувствителен и полесен за возење, а за нас возачите тоа е она што ви треба за да се справите добро. Очекувам болидот да биде чекор напред во неколку области и од впечатокот што го создадов во симулаторот мислам дека сме таму каде што сакаме да бидеме."
"Оваа сезона целта е постојано да бидеме во врвот и сакам да им овозможам на нашите фанови многу добри моменти, посветувајќи им ги победите на трките."
Карлос Саинц Јр.: "Кога го видов SF-24 за прв пат, едвај чекав да седнам во него и да го запалам. Со нетрпение очекувам да го возам на патеките за да видам дали е во корелација со чувството што го имав од симулаторот, а тоа е дека е чекорот напред што сите го посакуваме."
"Целта е да се има болид што е полесно се вози и да има постојано тркачко темпо, бидејќи тоа се основните барања за да се борите за победи."
"Ние возачите направивме се од себе за да им дадеме прецизни повратни информации на инженерите и сигурен сум дека во Маранело ќе ги послушаат нашите потреби."
"Сакаме да им дадеме на нашите фанови нешто за што да навиваат, бидејќи тие ни даваа голема поддршка минатата година, дури и кога работите не одеа како што посакувавме."
Енрико Кардиле, технички директор за шасија: "Со SF-24 сакавме да создадеме сосема нова платформа и всушност, секоја област на болидот е редизајнирана, дури и покрај фактот што нашата почетна точка беше насоката за развој што ја усвоивме минатата година и со која се виде дека направиме добар чекор напред во однос на конкурентноста во последниот дел од сезоната."
"Го прифативме она што ни го кажаа возачите и ги претворивме тие идеи во инженерска реалност, со цел да им дадеме болид што е полесен за возење и затоа треба полесно да го извлечат максимумот и да го доведат до неговите граници."
"Не си поставивме никакви ограничувања во дизајнот освен она за испорака на силен и добар тркачки болид, кој може да го репродуцира на тркачката патека она што го видовме во воздушниот тунел."
Енрико Гуалтиери, технички директор за погонската единица: "Иако развојот на ПЕ е замрзнат со прописите, тоа не значи дека 2024 година не донесува некои интересни предизвици."
"Ќе треба да се справиме со повеќе трки, отколку во која било друга година од шампионатот и тоа ќе бара од нас да реагираме побрзо, со помалку часови на располагање на тест клупата. За да се подготвиме за ова, ги разгледавме сите процеси поврзани со моторот - подготовка, отпишување и управување, со цел да ги максимизираме перформансите."
"Понатаму, многу тесно соработувавме со нашите партнери за понатамошно оптимизирање на процедурите поврзани со доверливоста: на пример, на патеката, благодарение на редовното следење на течностите во болидот, Shell може постојано да ја проверува "здравствената" состојба на погонската единица."
ФЕРАРИ SF-24 - ПРЕДВИДЛИВ И ЛЕСЕН ЗА ВОЗЕЊЕ
2/13/2024 01:19:00 PM
0
Share to other apps