Уште пред почетокот на презентацијата, прес-службата на Visa Cash App RB објави дигитални фотографии од новиот 2024 болид, кој ќе ја носи ознаката, VCARB 01. Презентацијата се одвиваше рано утринава по наше време во Лас Вегас, Невада.
Обојувањето е направено во традиционалната шема на бои на Торо Росо, но со логоа на нови партнери и спонзори. Се враќаме кон сината Торо Росо боја со бели нијанси и хромиран бик, како и логото на Visa. Од сите досега презентирани болиди, во овој тим оставија најмалку необоен карбон.
Кога работеа на VCARB 01, инженерите се обидоа да ги користат сите елементи од RB19 кои се дозволени со прописите, вклучувајќи ја предната и задната амортизација, со што треба да ја зголеми конкурентноста.
На многу начини, ова е минатогодишниот болид на Ред Бул, освен оние компоненти кои секој тим мора да ги развива самостојно.
Во Лас Вегас присутни беа Питер Баер, извршниот директор на Visa Cash App RB и новиот тимски шеф Лоран Мекис, како и возачкото дуо, осумкратниот победник, Даниел Рикиардо и веќе искусниот јапонец, Јуки Цунода.
Покрај нив, присутна беше и Амна Ал-Кубаиси, натпреварувачката во Ф1 Академијата, која ќе го вози болидот во боите Visa Cash App RB.
За забавниот дел од програмата се погрижија Кендрик Ламар и Бејби Ким.
Visa Cash App RB е четвртата верзија на тимот основан во минатиот век од Џанкарло Минарди. Подоцна беше предводен од австралискиот бизнисмен Пол Стодарт, а од 2006 година е во сопственост на Ред Бул.
Најдолгиот и најуспешен период беше кога тимот се викаше Торо Росо, во 2008 година, младиот Себастијан Ветел победи на дождот во Монца, Даниел Квјат и Пјер Гасли имаа пласмани на победничкиот подиум.
Откако беше преименуван во АлфаТаури, Гасли победи и во Монца и беше на подиумот во Баку. Две победи во 39-годишното постоење на тимот.
Тимот ја започнува сезоната 2024 со неизговорливото име Visa Cash App RB, но изјавија дека фановите може да го викаат како им одговара најмногу. ТВ презентерите најверојатно ќе се одлучат за краткото РБ, но ние и нашите фанови се одлучивме за Торо Росо.
Штом раководството на тимот со обојувањето се навраќа на таа ера од тимот, кога би се исфрлиле непотребните и желни за непотребно внимание спонзори, единствен логичен избор за нас е да ги ословуваме како Торо Росо!
Торо Росо има ново раководство, заштитниот знак и долгогодишен тимски шеф, Франц Тост, замина во пензија а неговото место го зеде Лоран Мекис, додека Питер Баер ќе биде извршен директор.
Именувањето на моделите започнува со нова ознака, VCARB 01.
Питер Баер зборуваше за тоа како се родило ова толку чудно име:
"Од почетокот на минатата година зборуваме за тоа дека сакаме да се доближиме до Ред Бул. Некој од компанијата предложи: Зошто овие момци да не ги наречеме Racing Bulls за да имаат идентитет на кој ќе се вратат кога ќе се сменат спонзорите."
"Моравме да смениме се: името на компанијата, многу детали, вклучително и даночната служба, така што беше доста тешко, но на крајот успеавме. RB во името го симболизира Ред Бул, а Visa и Cash App се силни брендови."
"Да, не сум слушнал дека многу луѓе го изговараат целосното име на Астон Мартин, Aston Martin Aramco Cowlant Formula 1 Team, не сум слушнал дека Хас се нарекува Moneygram Haas. Но, тоа не е она важното. Треба да останеме сталожени и да се фокусираме на работата за создавање убав и брз болид."
Даниел Рикиардо ги истакна своите цели за претстојната сезона. Австралискиот возач очекува редовно да финишира во топ пет пласман во 2024 година.
"Нашиот болид ќе биде брз, но ако изгледа одлично, тогаш тоа е добро. Стануваме повеќе од само младински тим на Ред Бул и тоа е навистина важно. Минатогодишната трка во Мексико Сити беше моја втора по повредата. Тимот претходно имаше проблеми да постигне добри резултати, па резултатите од таа трка ни дадоа надеж на сите за оваа година."
"Сега се чувствувам посигурен во своите способности и мислам дека не очекуваат многу добри работи. Се разбира, би било одлично да се вратам на подиумот, но ако имам само еден подиум во сезоната и завршам десетти на сите други трки, тогаш тоа не е она што го сакам. Во овој случај, би сакал многу петти места без подиуми."
"Сакам постојано да се борам за врвот на табелите, како што направив во мојата втора сезона со Рено во 2020 година, која луѓето веќе почнаа да ја забораваат. Таа година постојано завршував во првите пет или шест и неколку пати бев на подиумот. Сакам да се вратам на тоа ниво."
"Минатата недела два дена работев на симулаторот, а потоа работев уште еден ден по филмскиот ден во Мисано во понеделникот. Беше прекрасно што се вратив зад воланот, ми недостигаше тоа."
"Луѓето можеби мислат дека во оваа фаза од мојата кариера не ми е гајле за такви работи, но всушност уживам во се. Ова чувство ми е важно, што ми дава мотив да го дадам најдоброто од себе."
"Многу нови вработени и неколку големи партнери дојдоа кај нас. Тимот отсекогаш се сфаќал сериозно, но чувствувам дека сега направивме уште еден чекор напред. Ние веќе не сме само платформа за Ред Бул, време е да се бориме со најдобрите."
"Ми се допаѓаат промените што се случуваат во тимот. Нашето размислување се менува, разбираме дека треба да докажеме нешто. Тоа е кул и забавно."
Јуки Цунода се надева дека благодарение на промените, ќе може не само редовно да се бори за места во првите десет на целта, туку и периодично да им наметнува борба на возачите на Ред Бул.
"Тимот не е целосно задоволен од постигнувањата во последните две години. Во 2023 година, во вториот дел од сезоната, можевме да им наметнеме борба на противниците, но на првите трки имавме сериозни проблеми."
"Оваа година очекуваме да бидеме конкурентни од самиот почеток на сезоната и да се бориме за подобри резултати. Тимот е гладен за резултати, што е позитивно. Тимот имаше конкурентен болид во 2021 година и треба да ги повториме тие резултати оваа сезона.
Ни се придружија вработени со огромно искуство."
"Очекувам дека во работата со нив ќе можам дополнително да напредувам, да стекнам нови знаења и да станам подобра личност.
Алан Пермејн стана шампион со Рено, има посебен стил на размислување што му е потребен на тимот."
"Се надевам дека во одреден момент ќе можеме да се бориме со Ред Бул. Мислам дека ќе успееме. Нашите очекувања се доста високи. Во исто време, вклопувањето на сите нема да биде толку лесно, бидејќи новите вработени треба да се прилагодат на тимот за да работат со целосна посветеност."
"За ова ќе биде потребно време, па не очекувам дека ќе почнеме да се бориме за нешто сериозно уште од првата трка."
"Лоран Мекис не охрабрува да бидеме реални, па затоа на првите неколку трки наша главна задача е да ги прилагодиме новите вработени во тимот. Прво треба да изградите силна основа за иднината. Се надевам дека болидот ќе биде брз, но немам некои посебни очекувања од првите трки во сезоната."
РБ VCARB 01 - НЕ Е ВАЖНО ИМЕТО, ВАЖНО Е ДА БИДЕ БРЗ
2/09/2024 11:26:00 AM
0
Share to other apps