Големата Награда на Бахреин ќе биде 75-та трка во историјата на Формула 1 која нема да се одржи во недела. И најчесто трките се одржуваа во сабота, иако имаше случаи кога беа во понеделник, вторник, среда, четврток и петок.
Минатата година, трката во Вегас се одржа во сабота, а оваа година три трки ќе се одржат во сабота по локално време, денешната трка во Бахреин, наредниот викенд во Саудиска Арабија и стандардно таа во Лас Вегас.
Во Бахреин и Саудиска Арабија распоредот е поместен за еден ден за да има време да се извозат двете последователни трки пред 10-ти март, кога започнува месецот Рамазан во муслиманскиот свет.
Викендов, покрај Формула 1, започнаа и сезоните во Формула 2 и Формула 3.
Денешната трка ќе биде 20-та Голема Награда на Бахреин, но 21-ви тркачки викенд во Формула 1 на оваа патека, Големата Награда на Сакир се одржа во 2020 година.
Сезоната не започнала вака рано од 1992 година. Тогаш првата трка се одржа на 1 март на ново реновираната патека Кјалами, која го напушти календарот една година подоцна.
Неколку години се прават обиди да се врати Големата Награда на Јужна Африка, но средства за тоа сè уште не се најдени.
По шести пат, сезоната ќе започне со трка во Бахреин. Ако се одржат сите трки, ќе ја имаме најдолгата сезона во историјата, 24 Гран При со многу двојни и тројни настани.
Патот од шест трки во различни временски зони (оптимизација на календарот од Либерти Медиа) ќе трае до средината на мај, кога Формула 1 се враќа во Европа со трката во Имола.
Со оглед на сложената логистика и вообичаениот недостиг на резервни делови на почетокот на сезоната, возачите ќе се обидат да избегнат несреќи во следните два месеци.
Сепак, не зависи се од возачите. Два дена по ред, покрај 11-от свиок за време на тестовите во Бахреин имаше проблеми со одводните шахти, што доведе до оштетување на подовите на три болиди.
Болидите се поправени, а шахтите од атмосферската канализација беше одлучено да се бетонираат, веројатноста за дожд во пустината во овој период од годината се стреми кон нула, а не знае како сопствениците на патеката подоцна ќе ги чистат од бетонот.
Според барањата на ФИА, секоја патека мора да има дренажна канализација, па тие ќе мора да бидат обновени до следната година. По денешната трка, Формула 1 карванот се сели во Џеда.
Нова сезона, нова надеж за интересна борба, неочекувани промени. Зимската пауза веќе ни приреди неколку изненадувања. Топ Тема за разговор и изненадување на годината е претстојната преселба на Хамилтон во Ферари, што ќе биде поткрепено со потрагата по нов тим за Саинц Јр., споредување на Комацу и Штајнер.
Ако пред почетокот на оваа сезона составот на возачи остана ист за прв пат во историјата на Формула 1, тогаш во блиска иднина ќе се соочиме со сериозни промени, кои ќе додадат интриги и интерес. Тие веќе се случуваат.
Сегашната регулатива е веќе две години стара. Се вели дека ако очекувањата се барем половина исполнети, тоа е добро. Стана полесно да се напаѓа и претекнува на патеките каде што ова претходно не беше возможно, но ефектот е далеку од она што го очекуваше Либерти Медиа кога ги развиваше прописите според сопственото сценарио.
Не е секогаш најлесно да се процени односот на силите врз основа на резултатите од тест деновите, но сите прогнози беа дека Ред Бул повторно нема да има ривали, а од гледна точка на продажба на билети и телевизиски преноси, ова е негативно сценарио за Либерти медија.
Ова искуство мора да се земе предвид при носењето на новите правила за 2026 година. Во Формула 1 речиси секогаш доминирала една личност. Но, Либерти медија размислува поинаку.
Ова е бизнис кој бара растечки рејтинг, поскапи договори и зголемување на бројот на трки. Секоја година се треба да стане поголемо и поскапо. И ако за Берни Еклстоун тоа беше еден вид уметност, тогаш за американската компанија тоа е ладна финансиска пресметка.
Сакир е модерна патека направена по највисоки стандарди, финансирана од моќните шеици. Асфалтната површина е составена од 60.000 тони увезен гранит од Англија, а најголем проблем е пустинската прашина која го намалува нивото на грип.
Се карактеризира со четири долги правци, комбинирани со тесни и бавни свиоци. Миксот на бавни свиоци на крајот од долгите правци значи дека тоа е една од најтешките патеки за сопирачките во целата сезона.
Ова е патека која најмногу ги истакнува перформансите на погонската единица, како V6 моторот, така и хибридниот дел. Сепак, не треба да заборавиме дека брзината на правците директно зависи и од нивото на аеродинамична потисна сила.
Значи од витална важност ќе биде да се погоди вистинското подесување на болидот, за да се извади неговиот максимум од моќноста на ПЕ и аеро придобивките.
Според техничарите на Брембо, Меѓународната патеката Бахреин е оценета како една од најпредизвикувачките кога се работи за сопирачките.
На скала од 1 до 5, индексот на тежина е 4, исто како легендарната патека во СПА-Франкоршамп иако имаат различна конфигурација и должина.
Трката ќе започне по зајдисонце, така што ќе се одржи во вештачко осветлување.
Сепак, присуството на раткапните на тркалата кои беа претставени во 2022 година значи дека нема да можеме да ги видиме "усвитените" јаглеродни дискови.
При сопирање, болидите ја враќаат енергијата која потоа ќе ја користат во другите фази од трката.
При секој круг на меѓународната патека во Бахреин, возачите на Ф1 болидите ги користат своите сопирачки 8 пати со вкупно 15.9 секунди со 4 моменти на сопирање кои траат по повеќе од 2 секунди, распоредени по целата патека.
Поради присуството на 15 свиоци, од кои три треба да се извозат со брзина под 90 км/ч, болидите надминуваат 300 км/ч само на еден дел од патеката.
Свиоците 10 и 11 се единствените последователни вртења каде што се потребни сопирачките иако тие се одделени со мал правец што му овозможува на системот за сопирање да дише.
Максималното забавување никогаш не надминува 4.3Г, додека вкупното оптоварување на педалата на сопирачката од почеток до финишот е скоро 53 метрички тони за секој возач.
Најтешкиот дел за сопирање е првиот свиок, кога болидите од 323 км/ч намалуваат до 80 км/ч во растојание од само 124 метри. За да го сторат тоа, од возачите се бара да нанесат товар од 124 кг на педалот на сопирачките.
Се започна со една, беше додадена уште една, за да се заврши со три ДРС-зони за што повеќе претекнувања. Првите две зони се наоѓаат на главните правци, а дополнителна трета зона се наоѓа на правецот помеѓу третиот и четвртиот свиок.
Временската прогноза за денешната трка е слична на претходните денови, топло и ветровито. Сонцето ќе зајде во 17:40 часот по локално време, а стартот е закажан за 18 часот. Температурата на воздухот во тој момент ќе се спушти на околу 20 степени целзиусови. Врнежи не се очекуваат.
Знаеме дека гумите имаат значително влијание на поредокот, со оглед дека и неколку степени разлика во температурите може да влијаат на балансот на болидите, а патеката Сакир е една од најсложените за гумите на Пирели.
Причината е крајно абразивниот асфалт, како и големиот број на зони на интензивно сопирање и забрзување. Од Пирели се решија за истите номинации од минататата година, бели C1, жолти C2 и црвени C3.
Инженерите на Пирели за Големата Награда на Бахреин предвидуваа дека ќе биде трка со две застанувања за промена на гуми, како што беше случај во претходните години.
На хартија, најбрзата стратегија е да се стартува трката на црвените, а потоа да се премине на белите. Во зависност од тоа кои гуми ги има на располагање секој возач, тогаш постои опција да се финиша трката на друг сет на црвени или бели гуми.
Финиширање на трката на црвените гуми, теоретски, е малку побрза опција во целина.
За оние кои сакаат ги користат жолтите гуми, стратегиите црвени-жолти-црвени или црвени-бели-жолти се друга можност, но овие опции се побавни.
Високата абразивност на асфалтот на патеката Сакир го отежнува изборот на едно застанување во бокс поради високите нивоа на деградација.
Марио Изола, Пирели: "Следевме многу интересни квалификации, во кои разликата беше во деталите. Во Q1 имавме 19 возачи во иста секунда, а во Q3 помеѓу првите девет разликата беше само пет десетинки."
"На десеттото место, Хулкенберг беше единствениот возач што не користеше нов сет на црвени пневматици, бидејќи не му остана ниту еден."
"Фактот што Леклер го постави најбрзото време од денот, но не е на пол позицијата, е дополнителен знак за тоа колку беше блиска борба. Затоа, денешната трка би требало да биде уште поинтересна."
"Во однос на стратегијата, таа со две застанувања во бокс е најбрза на хартија, а главните протагонисти се белите и црвените гуми."
"Се разбира, сите трката ќе ја започнат на најмеката смеша, но одредени тимови како Ред Бул, кои имаат само еден сет на C1, ќе мора да го направат својот прв пит-стоп помеѓу круговите 13 и 18 за да се префрлат на оваа смеша, пред да направат второ застанување помеѓу круговите 37 и 43 за да ја финишираат трката на друг сет на црвени гуми."
"Оние кои ќе користат два сета на бели пневматици би морале да застанат помеѓу круговите 11 и 16, а потоа по втор пат помеѓу 32 и 38-от круг."
"Две застанувања со користење на сите три достапни смеши е побавна опција, но би можело да вреди да се размисли само ако условите на патеката се развиваат побрзо од очекуваното, како што се случи на пример на последниот тест ден минатата недела."
"Сепак, поверодостојна е стратегијата со три застанувања за да се искористи максималниот потенцијалот на црвените гуми, на пример, ако трката биде неутрализирана во последните нејзини моменти."
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА БАХРЕИН ГРАН ПРИ
3/02/2024 11:26:00 AM
0
Share to other apps