Макс Ферстапен ја започна 2024 сезоната како што ја заврши минатата година, со победа.
Холанѓанецот доминираше на трката за Големата Награда на Бахреин од почеток до крај и веќе има 55 победи во Формула 1 шампионатот.
Серџо Перез се искачи на второто место и ја запечати двојната победа за Ред Бул, додека Карлос Саинц Јр. исто така имаше одличен настап за да се искачи на последното скалило од победничкиот подиум.
Следната недела борбата ќе продолжи во Џеда, каде трката повторно ќе се вози в сабота.
Без изненадувања. Макс Ферстапен имаше добар старт, избега напред пред сите и ги водеше сите кругови на трката, забележувајќи го и најбрзиот круг. Со тоа си обезбеди нов "Грен Слем".
Трикратниот шампион и Ред Бул се уште не можат да најдат ривал на висина на задачата.
Вчера имаше малку повеќе рамноправност, но денес се вративме во реалноста. Серџо Перез го потврди одличното тркачко темпо на тимот со добар камбек и второ место.
За нас Ф1 фановите, трката ја направи поинтересна за гледање Карлос Саинц Јр. со својот Ферари SF-24.
Шпанецот имаше импресивно темпо и не само што ги претекна Чарлс Леклер, и тоа двапати, Џорџ Расел еднаш на патеката, туку и заврши помалку од три секунди зад Перез.
Чарлс Леклер беше четврти, 14 секунди зад Карлос, откако го престигна Џорџ Расел во последниот дел од трката, а Ландо Норис успеа да ги победи Луис Хамилтон и Оскар Пјастри за да биде шести.
Астон Мартин, од своја страна, очигледно го има петтиот болид на гридот. Фернандо Алонсо набрзо по стартот беше претекнат од Мекларените и Луис Хамилтон и мораше да се задоволи со деветтото место, како што предвиде и самиот пред трката.
Ленс Строл, имаше инцидент со Нико Хулкенберг на стартот од трката, по што падна на последното место, но имаше добар напредок низ гридот, освојувајќи го последниот бод за десеттото место.
МАМА МИА, ГРАНДЕ МАКС, ГРАНДЕ РБ20
3/02/2024 03:41:00 PM
0
Share to other apps