Првиот тренинг во Мелбурн започна во 2:30 часот по македонско време, невообичаено време за нас Македонците, доцна во ноќта, па затоа на прст можеа да се избројат фановите што беа онлајн и гледаа директен пренос, како од првата, така и од втората тренинг сесија која започна во 06:00 часот.
Во Австралија сè беше обратно, сонцето блескаше силно, не беше жешко, но асфалтот брзо се загреа под небото без облаци. За прв пат од почетокот на сезоната, откако добија двонеделна пауза помеѓу трките, одредени тимови донесоа нови елементи за болидите и ја посветија првата сесија на нивно тестирање.
Од Пирели за овој викенд ги избраа најмеките смеши од нивниот опсег, C3, C4 и C5 во улога на бели, жолти и црвени гуми. На првиот тренинг асфалтот беше традиционално правлив и лизгав, возачите постепено ја зголемуваа брзината користејќи жолти и црвени пневматици.
Карлос Саинц Јр. се врати зад воланот на своето Ферари, откако беше опериран пред десетина дена. Одлуката дали ќе вози во понатамошниот тек од викендот ќе биде донесена подоцна.
Поради "зелената" патека, но и ветерот имаше невообичаено многу излетувања, а незгодните рабници оштетија многу подови на болидите.
Фернандо Алонсо се изврте во безбедносната зона со чакал покрај 10-от свиок и го оштети подот на неговиот болид, кој мораше да се замени. Џорџ Расел имаше прошетка низ тревата покрај деветтиот свиок, но без никакви последици на неговиот болид, место на кое се изврте и Валтери Ботас.
Во 40-тата минута беа развиорени црвените знамиња, по излетувањето на Алекс Албон во седмиот свиок. Тој со болидот на Вилијамс заврши во заштитните бариери. Ударот беше прилично силен, а подоцна се покажа дека шасијата е оштетена, што го оневозможи да учествува на втората тренинг сесија.
Механичарите на Вилијамс со сите сили се обидуваат ако може да ја поправат, поради фактот што тимот не носи резервна шасија во Австралија. Лесно може да се случи во останатиот тек од викендот да мораат да продолжат со само еден болид.
Тајлаѓанецот рече дека е добар, но сензорот за преоптоварување се активираше, па тој мораше да замине во медицинскиот центар на превентивен преглед. По десетминутна пауза возачите можеа да продолжат со работа.
Дури и Макс Ферстапен имаше незгодно "прелетување" над рабниците покрај 10-от свиок, по што го оштети подот на својот RB20.
Ландо Норис го имаше најбрзото време на првиот тренинг во Австралија во кој видовме тројца шампиони, Фернандо Алонсо, Макс Ферстапен и Луис Хамилтон како излегуваат од патеката.
Возачот на Мекларен ја предводеше сесијата во која најбрзите 10 возачи беа распоредени во само 0.354 делови од секундата. Нешто што би сакале да го гледаме почесто.
Макс Ферстапен беше втор, со 18, Џорџ Расел трет со 33 илјадинки заостанување. Чарлс Леклер беше четврти, со Јуки Цунода на петтото место. Шести беше Серџо Перез, седми Ленс Строл, а осми Саинц Јр..
Луис Хамилтон заврши деветти, а Пјастри десетти. Помеѓу двата возачи на Мекларен, кои го отворија и затворија Топ 10 поредокот имаше само 354 илјадитинки. Многу блиски времиња на првата тренинг сесија.
Чарлс Леклер ги победи Макс Ферстапен и Карлос Саинц Јр. поставувајќи го најбрзото време на денот во втората тренинг сесија за Големата Награда на Австралија.
Со оглед на малите разлики на првата сесија, Моначанецот забележа извонредно брз круг, со три десетинки предност пред Холанѓанецот и четири пред Шпанецот. Изненадувачки, возачите на Астон Мартин го комплетираа Топ 5 пласманот, а Ленс Строл беше побрз од Фернандо Алонсо.
До почетокот на втората тренинг сесија, зоните за сопирање беа покриени со повеќе гума, па така грипот се подобри, болидите почнаа помалку да се лизгаат, единствено ветерот остана да биде потешкотија за возачите.
Тимовите се фокусираа на фино подесување на болидите и тест на деградацијата и перформансите на Пирели пневматиците, во долги и кратки серии на кругови. Како и на првиот тренинг, белите гуми (кои се очекува да бидат главна тркачка гума) не беа воопшто испробани.
Болидот на Алекс Албон не можеше да биде поправен по неговото излетување на првиот тренинг, па тој ја пропушти втората сесија. Инженерите и механичарите бараат решение што ќе му овозможи на Алекс да го продолжи викендот.
И неговиот тимски колега, Логан Сарџент за малку ќе го оштетеше болидот откако се изврте во 11-от свиок, но успеа да избегне контакт со заштитните бароери. Излетувањата продолжија, Расел, Леклер и Строл имаа "прошетки" низ тревата покрај патеката во Алберт Парк.
НАЈНОВА ВЕСТ: Шасијата на болидот на Албон не може да се поправи и ќе биде вратена во базата на Вилијамс. Тајланѓанецот ќе биде единствениот возач на тимот во остатокот од викендот.
После завршување на тренинг сесиите, особено втората која се одвива во исто време со квалификациите и неделната трка, работите не се премногу јасни.
Секако, Ред Бул и Ферари се брзи и покрај тоа што Макс Ферстапен немаше симулација на тркачки стинт, а тука некаде е и Мекларен, кој ќе цели на висок пласман овој викенд.
Со оглед на времето на Леклер, единствено логично нешто да се заклучи е дека Ферари ќе биде многу брз, но дали на сметка на тркачкото темпо. Сепак ова се тренинг сесии и се уште може да има промени во подесувањата на болидите.
Чарлс Леклер можеше да вози со просечно време од 1:22.926 на жолтите гуми во стинт од 8 круга, додека
Карлос Саинц Јр. заостануваше и имаше просечно темпо од 1:23.349 на жолти гуми во стинт од 8 круга.
Серџо Перез, заостана уште повеќе и имаше просек од 1:23.640 во стинт од 10 круга на жолтите гуми. Макс Ферстапен извозе само четири последователни круга и тие не беа особено добри, па не може да се земат предвид. Холанѓанецот изгуби 20 минути од вториот тренинг поради оштетувањето на подот на неговиот болид при крајот на првиот тренинг.
Ландо Норис беше брз во еден круг на првиот тренинг, а Оскар Пјастри беше особено добар во тркачко темпо.
Пјастри имаше просечно време од 1:23.192 во стинт на жолтите гуми од 12 круга. Ландо
Норис беше тука некаде со просек од 1:23.140, но во стинт од 8 круга на жолтите гуми.
Ленс Строл беше поконкурентен од Фернандо Алонсо, и во еден круг и на долгите стинтови, и тоа е невообичаено за оваа сезона. Всушност, тркачкото темпо на шпанецот е далеку најлошо од останатите. Можеби излетувањето на првиот тренинг имаше некаква врска со тоа.
Алонсо имаше најлош просек 1:24.243, но и стинт од 13 круга, додека Строл имаше просечно темпо од 1:23.228 во стинт од 8 круга.
Луис Хамилтон не извозе долг стинт, а Џорџ Расел комплетираше само пет круга, со просек од 1:23760.
И покрај тоа што нема податоци за Ферстапен, поради разликата од минатите трки, мора да го означиме како фаворит во остатокот од викендот. Ферари и Мекларен би требало да се борат за место на победничкиот подиум, а Мерцедес АМГ и Астон Мартин се веднаш зад нив. Утре ќе имаме повеќе информации.
Во продолжение ги имате надградбите што ги пријавија тимовите за трката во Австралија. Без никакви нови елементи се тимовите на Ред Бул, Мекларен, Мерцедес АМГ и Хас.
ЛЕКЛЕР УБЕДЛИВО НАЈБРЗ НА ПЕТОЧНИТЕ ТРЕНИНГ СЕСИИ
3/22/2024 12:51:00 AM
0
Share to other apps