Врз основа на петочните резултати, Ландо Норис верува дека еден од возачите на Ферари ќе ја освои пол позицијата во Мелбурн, а формата на Мекларен ја оценува многу скромно.
"Ферари, Леклер или Саинц ќе бидат на пол овој викенд. На првиот тренинг болидот не се однесуваше премногу добро, ние само возевме побрзо од нашите противници. Мислам дека ништо не може да се процени од тие резултати."
"Очигледно е дека Ферари и Ред Бул се далеку понапред. Дури и Астон Мартин е малку пред нас овде. Оваа патека не е особено прилагодена за нашиот болид, нема ниту еден дел каде што би биле побрзи."
"Во секој сектор губиме по малку, особено во третиот сектор. Веќе на овие сесии стана јасно дека Ред Бул и Ферари се пребрзи за нас, па нема смисла да се фокусираме на нив. Овој викенд наши ривали се Мерцедес АМГ и Астон Мартин."
Чарлс Леклер, кој беше најбрзиот возач на петочните тренинг сесии, верува дека овој викенд Ферари има поголеми шанси да го предизвика Ред Бул, отколку во првите две трки од сезоната.
"Засега е добро. Позитивен почеток на викендот уште од првиот извозен круг, па се до самиот крај на вториот тренинг. Сепак, потребно е да се продолжи со работа бидејќи сигурен сум дека утре ќе видиме изненадувања."
"Сè уште има области каде што има потенцијал за подобрување. Имаме добро тркачко темпо, што е охрабрувачки, но важно е да продолжиме да работиме. Ќе кажам дека викендов имаме поголеми шанси отколку на првите две трки."
"Сепак, Ред Бул сè уште не напаѓаа со полна сила, па не го видовме нивниот потенцијал. Мислам дека тие се уште напред, но овој викенд е нашата најдобра шанса од почетокот на сезоната."
"Нашето тркачко темпо изгледа прилично добро, но тешко е да се прават споредби бидејќи многу возачи беа попречени од сообраќајот. Успеав доста чисто да ги возам круговите, што е добро."
"Секогаш е подобро да немате проблеми во петок отколку да ги имате. Добар почеток на викендот, но треба да продолжиме да напаѓаме. Ајде да видиме каков ќе биде резултатот во сабота."
ЛАНДО НОРИС: ФЕРАРИ ЌЕ ЈА ОСВОИ ПОЛ ПОЗИЦИЈАТА
3/22/2024 08:44:00 PM
0
Share to other apps