По инаугуративната последователна серија од две трки на Блискиот Исток, каде што тркачките викенди се одвиваа од четврток до сабота, Формула 1 се враќа на својот вообичаен распоред од една трка на секои две недели од петок до недела.
Следните три трки се возат наутро, по македонско време, најрано започнува трката што сега ја очекуваме 5 часот наутро, во Јапонија ќе биде во 6, во Шангај во 8 часот.
За прв пат, Мелбурн и Сузука се една по друга во Ф1 календарот, иако кога Австралиското ГП се одржуваше во Аделаида, овие трки понекогаш коегзистираа на крајот на сезоната. Двете трки ќе се одржат во стандарден формат.
Триесет и три сезони во историјата на Формула 1 започнаа со две последователни двојни победи за еден од тимовите и само во шест од нив титулата кај конструкторитезаврши кај некој друг тим.
Во случај на три последователни двојни победи за еден тим на почетокот на сезоната, има само еден исклучок, кога во пролетта 1994 година Бенетон доминираше, но шампионската титула ја освои Вилијамс.
Од тогаш Ф1 сезоните станаа подолги и има време за кам-бек, но кога возачите на најсилниот тим постојано се први и втори, ривалите едноставно немаат шанси, особено во услови на строги финансиски регулативи.
Кога Формула 1 дојде во Австралија во 1985 година, за своја база ја имаше патеката Аделаида. Но, Боб Џејн, екс-тркачки возач, кој подоцна станал бизнисмен сакал да има трка во Мелбурн.
Тој го создаде AUSCAR Шампионатот, пандан на Американскиот NASCAR. Тоа било основа за создавање на голема мотоспорт заедница во Мелбурн, која постепено го зголемувала притисок кон политичарите.
Така, во 1992 година Џеф Кенет е избран за нов премиер на државата Викторија, кој веднаш се насочил кон подобрување на тркачкиот профил на Мелбурн. Прва желба на листата била доведување на Големата Награда на Австралија. Веќе во 1993 година е потпишан договор со Формула 1, но договорот со Аделаида истекувал во 1995 година.
Веднаш се започнало со изградба на нова патека во убавиот Алберт Парк во Мелбурн, а првата трка беше одржана во 1996 година. Патеката веднаш станува многу популарна кај возачите и фановите, кои со нестрпливост ја очекуваат секоја следна сезона од Формула 1 Шампионатот.
Во 2022 година, патеката претрпе значителни модификации за прв пат од 1996 година, нова конфигурација и нов асфалт. Седум свиоци се изменети, а два од нив се целосно отстранети, па сега вкупниот број на свиоци се намали на само 14 и ја скрати патеката за 28 метри.
Најзначајната модификација е отстранувањето на шиканата која се состоеше од свиоците 9 и 10, која е заменета со долг и брз свиок. Свиоците 1 и 3 се проширени во внатрешноста, како и свиокот 6, кој сега е значително побрз.
Понатаму во кругот, она што беше свиок 13 (сега 11) беше преуреден за да се стесни аголот. Претпоследниот свиок (сега 13) е уште еден проширен, а исто така и еден од неколкуте на кои е приспособена неговата заобленост за да се овозможат повеќе различни линии на движење.
Патеката во Алберт Парк е доволно брза и брзината на болидите не е премногу зависна од аеродинамиката. Поради прашината и нечистотиите што е вообичаена појава за нестандардните тркачки патеки, грипот на асфалтот драматично се менува во текот на викендот, што го отежнува работењето со поставките.
Како привремен објект, патеката во Алберт Парк беше со прилично нерамна површина, но новиот асфалт го намали овој ефект, но од друга страна понуди низок грип. Секое ново асфалтирање ја намалува абразивноста на асфалтот, што резултираше со умерено абење на Пирели пневматиците.
На почетокот на викендот патеката беше многу лизгава, со очекуван висок степен на еволуција. Патеката е една од поекстремните кога се во прашање моторите на болидите, при што 70% од кругот се поминуваат со целосно притиснат педал за гас.
Поради честите забрзувања на излез од бавните свиоци, важно е добро распоредување на моќноста во текот на широк опсег на вртежи. Според поставките за нивото на потисна сила, патеката во Мелбурн потсетува на Силверстон, па за време на викендот инженерите треба да бараат традиционален компромис помеѓу потисна сила и брзината.
Патеката бара добра ефективност на сопирачките и нивно ладење. Најдоброто место за престигнување е крајот на стартниот правец, и влез во првите два свиоци.
На патеката Алберт Парк во Мелбурн се користеа три ДРС зони, но по нејзината реконструкција нивниот број порасна на четири. Во исто време, останаа две точки на детекција на разлика помеѓу болидите.
За овој викенд Пирели ги донесе белите гуми кои се произведени од C3, жолтите од C4 и црвените гуми од C5 смешата. Значи, ова е годинешно деби на најмеките пневматици од 2024 опсегот на Пирели.
Шефот на тркачкиот оддел на Пирели, Марио Изола, ги сумираше резултатите од квалификациите за Големата Награда на Австралија и даде прогноза за неделната трка.
"Некое време се чинеше дека не чека изненадување во квалификациите, но Макс Ферстапен повторно покажа кој е главен. Одличен настап во квалификациското финале."
"Тој очигледно е фаворит за победата, но ќе биде интересно да се види како тимовите ќе се справат со стратегијата, бидејќи остануваат некои непознати. Податоците собрани во последните два дена сугерираат дека стратегијата со две застанувања во бокс, жолти-бели-бели ќе биде најбрза."
"Сепак, никој ги нема испробано белите пневматици во долг стинт, па останува непознато како ќе се однесуваат во трката. Контролата на гранулацијата на гумите (грејнинг) ќе биде клучна со оглед на тоа што овој феномен не се подобрува со "гумирањето" на патеката, како што е случај со другите патеки."
"Покрај тоа, мора да се земе предвид високиот ризик од илегување на безбедносното возило, па дури и прекин на трката. Така, ги имаме сите состојки за интересна и спектакуларна трка."
По две трки, Ред Бул има две двојни победи и 87 поени, исто толку колку и пред една година. Само тогаш Серџо Перез веќе имаше една победа и некои илузии, но сега нема ниту победи ниту илузии.
Астон Мартин назадуваше, Ферари малку напредуваше, но генерално трите тима кои го следеа Ред Бул забележаа ист број поени, само малку ги сменија местата.
Доколку трката во Мелбурн заврши со двојна победа на Ред Бул, ривалите можат безбедно да се префрлат на развој на болидите за следната сезона.
Ако нема интрига во борбата за титулите, тогаш зад кулисите се случуваат настани кои се далеку од спортот, но го полнат насловите по медиумите. Како што често се случува, некаде одеднаш сè станува во ред, а по краток временски период проблемите сами се појавуваат.
Формула 1 се соочи со сериозна криза минатата година во нејзината интеракција со претседателот на ФИА, Мохамед бин Сулејем. Се започна со пирсинзите во носот на Луис Хамилтон, потоа имаше забрана возачите да зборуваат за политички прашања, дозвола од Андрети за учество на шампионатот, која тимовите ја одбија, како и тврдења против Тото и Сузи Волф.
На почетокот на март дојде одговорот, веќе беа упатени сериозни обвинувања против Сулејем.
До етичкиот комитет на ФИА дојде обвинување дека по финишот на минатогодишната трка во Џеда, тој го повикал потпретседателот на ФИА за Блискиот Исток и Северна Африка и инсистирал казната од 10 секунди изречена на Алонсо да биде поништена.
Второто обвинение произлегува од фактот што, според извор од етичкиот комитет, Сулејем минатата година им наложил на претставниците на федерацијата да најдат каков било начин да се осигурат дека патеката во Лас Вегас, која беше толку важна за сопствениците на Формула 1, не добие сертификат поради непочитување на безбедносните стандарди.
Етичкиот комитет на ФИА го ослободи Сулејем од сите обвиненија, што беше единствениот можен исход, но стана очигледно дека оваа конфронтација ќе оди на ново ниво. ФИА ќе треба да расчисти со своите шпиони.
Истиот ден кога беше донесена одлуката на етичкиот комитет на ФИА, Сузи Волф ја тужеше ФИА за клевета.
Тото Волф, Мерцедес АМГ: "Ситуацијата е дека не секогаш знаеме точно што се случува во нашиот спорт. А негативните критики за Формула 1 се должат на недостигот на транспарентност. Сите ние треба да го разбереме ова. Живееме во свет кој очекува транспарентност и отвореност."
Освестените тргнаа во напад, како се ќе заврши ќе видиме! А тој што го "уништи" тимот ги предаде и ќе замине во Ферари. Дали и Италијанците ќе дозволат да бидат "асимилирани" ќе покаже времето.
Во Ред Бул како да постигнаа договор за привремено примирје, а битката за превласт можеби ќе продолжи по обезбедување на шампионските титули.
Стјуардите на Големата Награда на Австралија му изрекоа казна во форма на опомена на Пјер Гасли, поради тоа што Французинот во првиот дел од квалификациите, ја прегази жолтата линија (на повеќето патеки е бела) која го означува излезот од боксевите.
Стјуардите забележаа дека маневарот на Гасли не претставувал опасност по никој, па затоа опомена е стандардна казна на такви прекршоци. Ова е негова прва опомена (возачка) за оваа сезона.
Серџо Перез, од друга страна, ќе загуби три места на стартот на трката за Големата Награда на Австралија. Мексиканецот беше казнет затоа што го блокираше Нико Хулкенберг во Q1 сесијата од квалификациите.
Имајќи ги предвид околностите на инцидентот, стјуардите дошле до заклучок дека Хулкенберг морал да излезе од оптималната тркачка линија за да го избегне Перез и да притисне на кочницата порано од вообичаеното.
Џоу Гуанју ќе ја стартува трката од пит-линијата. Во квалификациите, возачот на Заубер го оштети предното крило. Во тимот немаат резервно предно крило со иста спецификација, па како замена ќе се користи крило со други спецификации.
Замената на оштетените делови со нови со различна спецификација се смета за прекршување на режимот "затворен паркинг" и повлекува казна, старт од пит-линијата.
Кинезот нема да загуби многу, бидејќи ја имаше обезбедено последната стартна позиција.
Официјалната потврда на казната од страна на ФИА се очекува неколку часа пред старт на трката, 05:00 часот по македонско време.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА АВСТРАЛИСКОТО ГРАН ПРИ
3/23/2024 10:10:00 PM
0
Share to other apps