Фернандо Алонсо беше многу брз, барем во еден круг, и ја предводеше втората тренинг сесија за Големата Награда на Саудиска Арабија. Шпанецот го победи Џорџ Расел за две десетинки и Макс Ферстапен за три.
До вечерта, жештината на денот се намали, температурата на патеката падна за десет степени, а приближно истите услови ќе бидат за време на квалификациите и на трката.
Почетокот на вториот тренинг беше одложен. Втор викенд по ред се појавија проблеми со дренажните шахти, овој пат во пит-линијата. Претставниците на ФИА и вработените на патеката почнаа да ги проверуваат.
Десетина минути подоцна сесијата започна, а за исто толку минути беше продолжена.
Откако започнаа на бели и жолти, сите возачи се префрлија на црвените гуми, оценувајќи го потенцијалот на гумите за утрешните квалификации.
Ветерот, но и гужвата на патеката се вообичаениот проблем во Џеда, но и на останатите градски патеки на кои заштитните бариери се многу блиску до самата тркачка линија.
Ботас се изврте во првиот свиок поради проблеми со сопирачките. Сарџент за малку ќе удреше во Хамилтон, кој ја намали и не се тргна навреме за Вилијамсот, кој мораше да вози надвор од патеката преку високите рабници.
Стјуардите го разгледаа инцидентот, по што Луис доби предупредување, а Мерцедес АМГ е казнет со 15.000 евра за попречување на Логан Сарџент. Имаше повеќе опасни ситуации, но ништо не се случи.
На Строл му беше покажано црно-бело знаме поради повеќекратно надминување на границите на патеката. При крајот на сесијата ПЕ во болидот на Хамилтон ја изгуби моќноста и тој се врати во својата гаража да се провери за што станува збор.
Денот започна со Макс Ферстапен на врвот на првата тренинг сесија, но Фернандо Алонсо го имаше најбрзото време на денот на вечерната сесија која се одржува во исто време со квалификациите и неделната трка.
Дали ова значи дека Астон Мартин напреднал во однос на Бахреин? Очигледно не. Но, мора да напоменеме дека на тренинг сесиите количеството горивото, мапирањето на ПЕ се непознати, и тоа обично може да доведе до "лажен" поредок.
Тоа е за еден брз круг, но долгите стинтови се добар показател за тркачкото темпо. Ако ги погледнеме времињата, прво што паѓа во очи е дека Ред Бул, т.е. Макс Ферстапен е во друга лига.
Холанѓанецот го имаше најдоброто тркачко темпо, 1:34.000, а Перез имаше ниски 34-ки и по 15 изминати круга. Спектакуларно.
Треба да се напомене дека долгите стинтови на Мерцедес АМГ (жолти) и Ландо Норис (бели) беа многу кратки, период во кој имаа слични времиња од околу 1:34.5. Тркачкото темпо на Пјастри не е толку добро, 35.1, но мора да се каже и дека тој беше многу брз на жолтите пневматици и го прекина брзиот круг во третиот сектор.
Ферарите од своја страна продолжуваат со добрите вибрации од Бахреин во однос на деградацијата на гумите. Леклер го направи својот долг стинт на црвените гуми (34.5) и можеше да забрза на 1:33.8 по десет изминати круга, а Карлос Саинц Јр.(34.7), со жолтите, можеше да вози 1:34.2 како одминуваа круговите.
Фернандо Алонсо и Астон Мартин се брзи во еден круг, но деградацијата на гумите е "ужасна". Нивната јака страна од минатата година никако да исплива на површината.
Со оглед на податоците, јасно е дека Ред Бул го има победничкиот болид во Саудиска Арабија, а нивните ривали се многу блиску еден со друг, Ферари, Мерцедес АМГ и Мекларен. Потоа следува Астон Мартин кој се чини дека е поблиску до нив во однос на Бахреин и беа особено брзи во еден круг.
За жал, не очекувајте нешто многу поразлично од првата трка од 2024 Ф1 сезоната.
ФЕРНАНДО АЛОНСО НАЈБРЗ НА ТРЕНИНГ СЕСИИТЕ ВО ЏЕДА
3/07/2024 05:22:00 PM
0
Share to other apps