Две недели по операцијата во Џеда, Карлос Саинц Јр. победи на трката во Мелбурн и проговори за своите чувства.
Каква трка, Карлос! Секоја чест. Со оглед на сето она што го преживеавте во овие две недели од операцијата, што значи оваа победа за вас?
"Мислам дека не се само последните две недели. Годината почна за мене со веста дека Ферари нема да ми го продолжи договорот. Потоа се подготвував за почетокот на сезоната, дадов се од себе, застанав на подиумот во Бахреин и одеднаш ја пропуштив трката во Џеда и направив операција."
"Деновите во кревет беа долги, не знаејќи дали ќе се вратам навреме за оваа трка. Имаше многу прашања. Дали ќе се вратам во добра форма? Дали ќе можам да се чувствувам удобно во возењето? И одеднаш се враќаш и победуваш."
"Животот понекогаш може да биде ролеркостер, но понекогаш може да биде многу добар и убав. Уживам во моментот."
Дали бевте загрижени за вашето здравје пред трката?
"Во првата половина од трката бев сигурен дека се ќе биде во ред, бидејќи во петокот возев горе-долу исто растојание. За среќа, успеав да бидам напред, излегов од притисокот, ја држев ситуацијата под контрола и ги менаџирав гумите."
"Кога сте напред се е полесно, можете да изберете кога да нападнете, а кога малку да забавите. Нема да лажам, се чувствував уморен во последните пет или десет круга, но ништо што премногу ме забави."
Кажете ни за првите кругови и моментот кога го престигнавте Макс Ферстапен и го презедовте водството.
"Имав пристоен старт од валканата страна на гридот, но не можев да го нападнам Макс во првиот свиок, тогаш беше важно да се избегне грејнингот на гумите во првите кругови."
"Во исто време, знаев дека овој викенд и оваа трка имам темпо да го предизвикам Макс. И мислев дека со тоа колку е моќен ДРС-от овде, ако влезам во под една секунда по првиот круг, би можел да извршам притисок врз него."
"Мислам дека направи грешка во третиот свиок, што ми овозможи да го користам ДРС-от и чувствував дека сум многу брз. Не знам кога почнаа да му откажуваат сопирачките, но возењето зад болид во нарушен проток на воздух, не е исто како да се води на чиста патека пред себе и со голема предност."
Дали мислите дека Ферари ја намали разликата во однос на Ред Бул овој викенд, или тие не успеаја да го искористат целиот потенцијал на својот болид?
"Нашиот болид навистина работеше многу добро овој викенд. Мислам дека ќе биде тешко да се одржи ова темпо на сите патеки додека не донесеме нови елементи, но во Австралија во петокот беше јасно дека можеме да се бориме за победа."
"Да, ќе има патеки каде што ќе бидеме силни, како лани. Оваа сезона нашето тркачко темпо стана побрзо. Се надевам дека ќе можеме почесто да го предизвикуваме Ред Бул."
Карлос, како се чувствуваш по финишот? Дали требаше да размислите да бидете внимателни кога го напуштате болидот?
"Моето тело се уште е во режим на "штедење". Сè што правам, го правам малку побавно и малку повнимателно, бидејќи силите кои минуваат низ стомакот создаваат малку чудна сензација."
"Нема болка, дури и да сум малку во режим на "штедење", можам да возам без проблем. Физички, до крајот на трката се чувствував малку вкочанет."
"Поминувањето седум дена во кревет не е многу добро за вашата кондиција. Но, како што кажав, дури во последниот дел се чувствував уморно, а пред тоа бев сосема добро. Бев уверен во болидот и во моите способности."
Кажете ни подетално како успеавте да заздравите толку брзо?
"Штом ми го отстранија слепото црево, отидов на интернет и почнав да разговарам со професионалци и да прашувам: "Што помага да се забрза закрепнувањето? И, од тој момент, направив се што беше можно."
"Развив план со мојот тим. Причината зошто спортистите закрепнуваат побрзо е затоа што можете да му посветите на тоа 24 часа на ден седум дена во неделата."
"Тоа и го направив. Поминував по еден час два пати на ден во комора за хипербарична оксигенација."
"Направив распоред за останување во кревет, одење, јадење. Сè беше насочено кон тоа да бидам подготвен за Австралија."
"Пред девет дена, кога требаше да летам за Австралија, сè уште лежев во кревет. Едвај се движев ако товарот беше на мојот стомак."
"Мислев дека нема да можам да учествувам на трката. Но, полетав и кога слетавме во Австралија, се чувствував многу подобро."
"Секои наредни 24 часа напредував многу повеќе отколку во првите седум дена, што е токму она што го кажаа лекарите: "Не грижете се, во втората недела подобрувањата ќе бидат многу поголеми секој ден отколку во првата."
"Истото му го кажа и Алекс. Така, јас горе-долу го следев она што ми беше кажано."
Дали мислите дека оваа победа ќе помогне во ситуацијата со вашиот нареден договор?
"Не знам. Но, дефинитивно нема да ја влоши ситуацијата. Но, за сега сè уште сум без работа за следната година. Мислам дека сите повеќе или помалку знаат за што сум способен."
"Се тркам за себе. Се тркам за да си докажам себеси дека можам да победам секогаш кога имам конкурентен болид, секогаш кога има можност да победам. Не се тркам да ја докажам мојата вредност на менаџерите или на другите луѓе."
ПОБЕДНИЧКО ИНТЕРВЈУ СО КАРЛОС САИНЦ ЈР.
3/24/2024 02:06:00 PM
0
Share to other apps