Формула 1 и ФИА го претставија календарот за 2025 сезоната, која повторно ќе има 24 трки и ќе започне во Австралија.
Календарот вклучува 24 трки, сезоната ќе започне со трката во Мелбурн на 16 март, а ќе заврши во Абу Даби на 7 декември.
По само четири трки од тековната 2024 година, го имаме официјалниот календар за наредната сезона, со добра вест за Австралијците кои се враќаат на првото место во календарот.
Последен пат тоа беше случај во 2019 година, а веќе следната 2020 година, кога исто така требаше да биде воведна трка, избувна пандемијата и трката не можеше да се одржи.
Веќе беше навестено дека Австралија ќе ја врати Пол позицијата за 2025 година, а по само 7 дена ќе биде Големата Награда на Кина, а потоа Ф1 карванот се сели во Јапонија и ќе ја комплетира тројката на непроспиени викенди за нас Европејците.
За ваквите настани, причината е добро позната, Рамазан и следната година е во месец март, така што трките за Големата Награда на Бахреин и Саудиска Арабија ќе се одржат во април.
Мохамед Бен Сулејем, претседател на ФИА, рече: "2025 Ф1 Календарот, одобрен од Светскиот совет за моторни спортови, е дополнителна илустрација на нашата колективна мисија за исполнување на целите за одржливост преку регионализација на настаните."
"Менаџментот на Формула 1, под раководство на Стефано Доменикали, направи календар кој прави добар спој на традиционалните и модерните патеки. Им благодариме на домаќините, на локалните организатори и на илјадниците волонтери на ФИА за нивните неуморни напори да ја направат Формула 1 вистински глобален спектакл во годината кога ќе ја прославиме 75-тата година од овој спорт."
Стефано Доменикали, претседател и извршен директор на Формула 1: "2025 ќе биде посебна година бидејќи ја славиме 75-годишнината од шампионат во Формула 1, а тоа е наследството и искуството што ни овозможува да испорачаме толку силен календар."
"Повторно, ќе посетиме 24 неверојатни места ширум светот, обезбедувајќи трки од врвна класа, гостопримство и забава, во која ќе уживаат милиони фанови ширум светот."
"Ние сме благодарни на ФИА, нашите промотори, партнери од градовите домаќини и сите поврзани за нивната посветеност и поддршка во спроведувањето на овој распоред и обезбедување на она што ветува дека ќе биде уште една фантастична година за Формула 1."
"Исто така, би сакал да оддадам почит до нашите Ф1 тимови и возачи, хероите на нашиот спорт и нашите фанови ширум светот што продолжуваат да ја следат Формула 1 со таков неверојатен ентузијазам."
ФИА И ФОРМУЛА 1 ГО ОБЈАВИЈА КАЛЕНДАРОТ ЗА 2025 ГОДИНА
4/12/2024 07:53:00 PM
0
Share to other apps