Шпекулациите за иднината на Фернандо Алонсо завршија. Шпанецот ќе продолжи во Формула 1, барем до 2026 година и тоа ќе го направи со Астон Мартин. Двократниот шампион потпиша нов повеќегодишен договор со тимот од Силверстоун.
Фернандо Алонсо беше еден од возачите на кои им завршуваше договорот оваа сезона и протагонист на многу гласини за негова преселба во различни тимови.
Тој не ги коментираше гласините и секогаш велеше дека прво треба да одлучи дали ќе продолжи во Формула 1. Понатаму, тој секогаш јасно кажуваше дека негов приоритет е Астон Мартин.
На крај, ниту Ред Бул, ниту Мерцедес АМГ туку останува во Астон Мартин и ќе продолжи во Формула 1 и тоа уште најмалку две години.
Мајк Крак, тимски шеф на Астон Мартин: "Обезбедувањето на долгорочната иднина на Фернандо со Астон Мартин е фантастична вест. Ние изградивме силни работни односи во последните 18 месеци и споделуваме заедничка определба да го направиме овој проект успешен."
"Нашите дискусии траеја неколку месеци и Фернандо беше доследен на својот збор: кога реши дека сака да продолжи да се трка, нашиот тим беше првиот со кој започна преговори. Тој покажа дека верува во нас, и ние веруваме во него."
"Фернандо е гладен за успех, има подобри перформанси од било кога и е посветен да го направи Астон Мартин конкурентен давајќи се од себе. Нашите повеќегодишни договори сугерираат дека ќе продолжиме да соработуваме во 2026 година, кога ќе започне партнерството со Хонда и ќе се префрлиме на јапонски погонски единици."
Значи, едно од клучните прашања на трансфер пазарот е веќе решено. Сега останува да видиме што ќе одлучат останатите.
Двократниот шампион призна дека разговарал и со други тимови, но неговата одлука била јасна и објаснува дека потпишувањето со Астон Мартин било најлогичното нешто што можело да се направи.
Фернандо Алонсо: "Многу се зборуваше и пишуваше за мојата иднина во Формула 1 во последните месеци, но денес со задоволство можам да објавам дека ќе останам во Астон Мартин, откако потпишав повеќегодишен договор."
"На почетокот на годината кажав дека прво треба да одлучам дали воопшто сакам да ја продолжам кариерата, по што ќе седнам со тимот на преговарачка маса. Од првиот момент кога пристигнав во Астон Мартин во 2023 година, се чувствував како дома."
"Само во изминатите 15 месеци постигнавме многу заедно и со задоволство гледаме наназад на подиумите и бројни битки на патеките. Многу сум им благодарен на Лоренс Строл, Мартин Витмарш и Мајк Крак за довербата што ја имаа во мене и Ленс, а сега сум нестрплив да видам какви нови успеси можеме да постигнеме заедно."
"Ова е само почеток на проектот и горд сум што учествувам во него. Во одлична физичка форма сум и се уште сум гладен за победи. Ќе направам се за да се осигурам дека нашиот напредок ќе продолжи и Астон Мартин да стане шампионски тим."
Алонсо јасно стави до знаење дека неговата намера е да продолжи да се натпреварува и дека во моментов не размислува за пензионирање, но тој зборуваше и за неговата иднина во тимот.
"Ова ќе биде најдолгиот договор во мојата кариера. Тоа е нешто што ќе ме држи приврзан за Астон Мартин многу години и ќе видиме каква улога ќе имам, уште колку години ќе се натпреварувам, и што потоа."
"Ќе имам 25 годишно искуство во Формула 1 и уште десет или 15 надвор од Формула 1, тоа е скоро 40 години искуство во мотоспортот и ќе можам да ги искористам за да му помогнам на тимот кој ми помогна, кој ми ја даде оваа можност во овој момент од мојата кариера. Ова е исто така многу привлечно за мене и јас сум многу мотивиран."
Алонсо на прес-конференција откри дека навистина сака повторно да соработува со јапонскиот производител и покрај тоа што неговото искуство со нив во Мекларен и во ИндиКар пред неколку години не беше најдобро.
"Хонда е производител што отсекогаш сум го почитувал. Не функционираше во Мекларен, но веднаш откако ги решија сите проблеми, сега доминираат во спортот. Тие беа шампиони во последните години."
"Основата за 2026 година е веќе многу силна, и во Сакура имаат капацитет да изградат нешто навистина добро. Го посетив во 2014, 2015 и 2016 година и знам дека тие се енормно мотивирани. По Мекларен Хонда и Инди Кар, сега имаме уште една можност да работиме заедно и за мене тоа е вистинско задоволство."
Фернандо Алонсо не може да си го замисли остатокот од животот "без волан" во рацете.
"Никогаш не ми падна на ум да се повлечам од тркањето, се разбира дека ќе се тркам на друго место по Формула 1, можеби Дакар или нешто слично. За мене е многу тешко да размислувам за живот без волан во моите раце. Тоа никогаш нема да се случи или барем не во блиска иднина."
"99% бев сигурен дека ќе продолжам да се натпреварувам следната година, така што повлекувањето не беше опција."
Шпанецот зборуваше и за познатата трка 24 часа Ле Ман, за тој тест на издржливост кој веќе двапати го освоил и кој, според неговите зборови, би сакал повторно да го направи во иднина, иако сепак далечна.
"Во моментов сум фокусиран на Формула 1. Сепак, мислам дека можам да кажам речиси со 100% сигурност дека ќе го пробам во иднина, кога ќе ја напуштам Ф1. Тоа е нешто што сè уште ми е на ум."
"Астон Мартин ќе биде таму со Валкири, почнувајќи од следната година, па кој знае дали и тоа ќе биде проект во кој можам да помогнам на некој начин, без разлика дали возам или не возам."
"Би сакал да го видам Астон Мартин како победува во која било категорија. Тоа би му помогнало на брендот. Се чувствувам дел од Ф1 тимот, но и на самиот бренд."
ОФИЦИЈАЛНО: ФЕРНАНДО АЛОНСО ПРОДОЛЖУВА ВО АСТОН МАРТИН
4/12/2024 12:59:00 AM
0
Share to other apps