Формула 1 одлучи да воведе промени во форматот на Спринт викендите. Модификациите доаѓаат за да се обезбеди поголема флексибилност при подесувањето на болидите, еден од главните проблеми забележан во претходните години.
Откако Ф1 ги воведе Спринт викендите во 2021 година, поплаките се широко распространети. Така, во оваа 2024 година, повторно се воведува нов распоред на викендот, а што тоа ќе донесе ќе видиме како што одминува оваа сезона.
Првиот тест го имаме за Големата Награда на Кина која се вози викендов. Патем, временскиот распоредот е таков што ако сакате да го гледате спринтот ќе мора да станете рано во сабота, а како што заладува времево, потешко ќе биде и станувањето од "топлата" постела.
ПЕТОК.
Спринт престрелката или по ново повторно Спринт квалификации ќе се одржат во петок, веднаш по единствената тренинг сесија.
Употребата на смешите номинирани од Пирели е ограничена и договорена. Во SQ1 и SQ2 задолжителни се жолтите гуми, додека црвените ќе бидат задолжителни во SQ3.
Ова ја прави тренинг сесијата особено важна, бидејќи податоците добиени на неа ќе бидат клучни за одредување на правилното подесување на болидите.
По тренинг сесијата, болидите ќе влезат во режим на затворен паркинг, но само до завршување на саботниот Спринт.
САБОТА.
Во сабота ќе се вози спринтот, кој претставува скратено тркање од 100 километри и тоа во многу незгодно време за нас, па кој сака да го следи ќе мора да се разбуди во пет часот наутро.
Тоа ќе биде почетниот сегмент од саботниот распоред, во кој ќе се доделат поени, како и досега, на најбрзите 8 возачи и соодветно и нивните тимови.
Вистинските Квалификации ќе се одржат неколку часа подоцна, на кои ќе се одлучи стартниот редослед за неделната трка.
НЕДЕЛА.
Распоредот е идентичен како и во нормалните викенди. Односно, во недела ќе се вози трката за Големата Награда на Кина, на која поените ќе бидат распределени меѓу 10-те најбрзи возачи.
Промените во распоредот се донесени единствено поради поплаките на тимовите и некои возачи во однос начинот и времето за конечно потврдување на подесувањето на болидот.
Минатата година, на пример, за време на Спринт викендите, на тимовите не им беше дозволено да ги менуваат подесувањата на болидите со почетокот на Спринт престрелката во петок.
Со новите промени тимовите ќе имаат втора шанса, т.е. промена на подесувањата по завршување на Спринтот и почеток на квалификациите.
Интернационалната патека во Шангај ќе ја има премиерата на новиот распоред на Спринт викендите, кои ќе ги имаме и во: Мајами, Австрија, САД, Бразил и Катар.
ПОВЗАНИ ЛИНКОВИ
2024 ГН КИНА - ШАНГАЈ (ДЕТАЛЕН ВРЕМЕНСКИ РАСПОРЕД)
ЗЕЛЕНО СВЕТЛО ЗА НОВИОТ ФОРМАТ НА СПРИНТ ВИКЕНДИТЕ
КЛУЧНИ ПРОМЕНИ НА СПРИНТ ФОРМАТОТ
4/16/2024 08:25:00 PM
0
Share to other apps